Култура

„Кино Култура“ престана да биде културен центар

По пет години културни содржини во „Кино Култура“, двете организации Театар Навигатор Цветко и Локомотива, кои го стартуваа проектот наречен „Кино Култура“ и  го одржуваа местото како културен центар, решија да го напуштаат овој простор.

Го пренесуваме во целост нивното отворено писмо.

„Крајот на 2020 го одбележа и крајот на работа на проектниот простор КИНО КУЛТУРА. Го отворивме во декември 2015, и во текот на овие, скоро пет години, поединци, соединети преку две организации (Театар Навигатор Цветко и Локомотива) развиваа простор кој пред сè беше замислен како ново место за театар, танц, перформанс, но и за останати содржини кои доаѓаат од пошироката културна и граѓанска сцена.

Го замисливме како простор кој на некој начин ќе ја продолжи мисијата на Мала Станица, еден простор во кој во 90те некои од нас учевме како да создаваме вонинституционална култура, да креираме нов театар, но и изложби, филмови, и други активности, – заедно со другите организации и поединци. Некои од нас, тогаш студенти, работејќи учеа, создаваа, а и по затворањето на Мала Станица продолжија, развија други иницијативи….

После долги години самостојно работење, повторно се соединивме преку организациите во кои дејствуваме, вклучувајќи ги своите соработници, стари и нови, како и партнери, стари и нови. Решивме заедно, во понаков облик да ја продолжиме идејата, или да ја прошириме и да направиме еден простор кој ќе даде можност, нови, млади, да создаваат, и ние да продолжиме и ги прошириме своите идеи.

За нас Кино Култура никогаш не беше зграда, беше идеја, желба да се продуцира нов театар, перформанс, танц, и други, нови содржини на сцената. Почнавме во време кога немаше место каде да се видиме, соединиме, разговараме и организираме, да се спротиставиме на едни репресивни политики, и да продуцираме содржини и знаење.

Направивме заедно повеќе од 30 продукции, донесовме повеќе од 500 меѓународни уметници, над 1000 дебати, предавања, конференции, работилници, детски програми и уште многу други содржини. Но најмалку се важни бројките, креиравме идеја за заедничко работење, за инклузија, за развој, дадовме можност просторот да се гради себе си низ содржините и соработките. Ова не ќе беше можно без поддршката на Општина Центар, и на неколкуте спонзори, на што сме особено благодарни.

Ја завршивме оваа приказна за овој простор, после долга финансиска агонија, недоволна политичка волја за поддршка, но и покрај тоа, сакаме идејата да продолжи и понатаму… Си одиме од просторот, но идејата за Кино Култура како простор на слобода, кој ќе се гради низ соработка, каде ќе се продуцира и гледа еден поинаков театар, танц, уметност воопшто, каде ќе се мисли поинаку, продолжува понатаму. Да не беше Ковидот, ќе направевме голема забава за затворање, која ќе значеше и отворање на нови видици и чекори напред.

Жал ни е што и покрај несомнените успеси и динамизација на македонската а особено скопската- оф култура, не ја добивме неопходната поширока поддршка од државата, од оние кои можат преку креирање на добри политики да потпомогнат ваква и слични идеји да растат, да се развиваат да живеат. Одиме понатаму и ќе целиме, ќе заговараме, и ќе се бориме да создадеме достоен простор, институција за современи изведувачки уметности, сè со надеж дека јавноста и политиката еден ден ќе препознаат дека нашиот идентитет е пред сè културата“, се вели во писмото, под кое се потпишуваат уметниците и културните рботници:

Слободан Унковски, Александар Поповски, Биљана Тануровска- Ќулавковски, Виолета Качакова, Павле Игновски, Климент Попоски, Нела Витошевиќ, Елена Ристевска, Ѓурѓица Христовска, Валентино Апостоловски, Зорица Зафировска, Александар Георгиев, Анџела Петровска, Ивана Васева, Филип Јовановски, Русомир Богдановски, Викторија Илиоска, Христина Ангеловска, Тереза Лазарев, Александра Петрушевска, Ивана Коцевска, Милош Б. Андоновски, Драгана Гунин, Ангела Стојановска, Јанка Лефкова, Ивана Павлаковиќ, Стефан Вујисиќ, Наталија Теодосиева, Зоја Бузалковска, Ева Камчевска, Јеткин Сезаир, Мартин Манев, Андреј Јованчевски, Сашо Н. Алушевски, Игор Вецовски, Симона Димковска, Горан Ников, Мирко Попов, Оливера Ќорвезировска, Јана Коцевска, Иво Антов, Владимир Петровиќ, Филип Николовски, Славчо Димитров, Јана Ацевска, Ивана Ангеловска, Русе Арсов, Маја Стевановиќ, Ивана Нелковска, Сузана Киранџиска, Хана Миленковска, Кристина Леловац, Филип Димевски, Иван Поповски, Горјан Милошевски, Игор Ангелов, Ненад Стевовиќ.

Автор:

Слични статии