Фотографска изложба „Спијачите спијат, сонуваат само сонувачите“ на Игор Христов во Софија
— 31 март, 2021Фотографската изложба на Игор Христов – „Спијачите спијат“, сонуваат само сонувачите“ е поставена во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, а потоа, за некој месец, иузложбата ќе допатува и кај нас, со што ќе може да ја види и домашната публика. Оваа документарна фотоизложба се состои од 20 дела, создадени во три земји: Тајланд, Перу и Еквадор. Темата што ја обработуваат фотографиите има социјален карактер и прикажува луѓе што спијат во јавна околина, по улици, пазари, паркови, автобуски постојки и други места.
Игор Христов е режисер и пасиониран фотограф, роден воСкопје. Како средношколец завршил курс по фотографија во „Народна техника“, во 2003 година се запишал на Националната академија за филм во Софија, Бугарија, насока филмска и телевизиска режија. Како студент имал можност да сними три кратки филма на 35-милиметарска лента кои учествувале на многубројни филмски фестивали. Неговите кратки филмови се наградувани во Јапонија, Кина, Полска, Чешка, Шпанија, Турција. Ова е негова прва самостојна фотоизложба.
– Оваа фотографска изложба се состои од 20 фотографии на карактери што спијат на јавни места, тротоари, паркови, пазари. Оттука и насловот е провокативен и има цел да го замисли гледачот во кој тип спијачи спаѓа. За да ги направам овие фотографии, ме инспирира храброста на тие случајни сонувачи да си го отпуштат телото и удобно да се наместат пред илјадници минувачи и слатко да потонат во друга реалност. Тие спаѓаат во групата сонувачи, а не спијачи, вели Игор Христов во интервјуто за fakulteti.mk.