Култура

Ересот и зглавјето на Геа

(Кон поетската збирка „Порој од пепел“ на Исток Улчар, во издание на Полица, Скопје, 2020)

 Опстанокот на човечкиот род секогаш не се одвивал по правите и осветлени патишта. Еросот и танатосот во својата вечна спротивставеност, но и дополнетост го подразбираат ересот како нужен излез од здодевноста на правилата и конструктивноста. Барух Спиноза за ересот ќе рече: „Оние што сакаат да ја бараат причината за чудата и да ги разберат работите на природата како филозофи, и да не гледаат во нив зачудено како будали, наскоро се сметаат за еретични и нечесни и ги прогласуваат како такви од оние што толпата ги обожува како толкувачи на природата и на боговите. Зашто, овие луѓе знаат дека, кога ќе се остави настрана незнаењето, тоа чудо ќе биде одземено, што е единственото средство со кое се зачувува нивниот авторитет“. Во толкувањето на другата страна на златната паричка се кријат рефлективните нишки на поетската збирка на Исток Улчар „Порој од пепел“. Лингвално остра, стилски проткаена со една сурова метафоричка шема (констелација) и со попатна хиперболична глазура, оваа поетска збирка говори за тенката линија меѓу ерудицијата и идентитетските дилеми низ визурата на еретичките прирастувања. Поделена на три дела: Петолиние, Крвав ум и Скрјабиновиот мистериум, Улчар ја заграбува мистичната елоквенција на музиката (служејќи се со музичките назнаки за темпо) истовремено огледувајќи ги етичките дисонантности врз огледалото на митот и миракулните компоненти на ова тло.

Првиот дел „Петолиние“ има сатиричен вкус на современата митологија и тоа на некој начин е влез во временските вртежи кои во оваа поетска збирка не се движат хронолошки, туку со некој архаичен флешбек. Стиховната партитура во овој дел се движи од „варварите“ па се до „фајловите“ говорејќи за световните процеси како за „нејзнајни радосници што леат“, но и за духовната извалканост од која е „плочникот почист од нашите достоинства.“ Овие стихови говорат за траумите и болестите на овој дваесет и први век, но со еден длабоко архаичен јазик и се искачуваат по една каденца од страст и гнев, со еден збор, овој дел е етида на проклетството чија смисла треба да го изроди тој толку неопходен гнев за кого Улчар исто така не мисли дека е наметнат, но дека е смислен и, како што вели Спиноза на некој начин е спиритуален револуционер несфатен дури и од својата крв:

„Темјанов мирисе не жалај што испаруваш!

На споменот за мигов грст од себе ти даруваш,

Оти сопатник ни беше во патувањето низ порталот, под кој појците ја испеаја нивната питома песна!“

(„Портал“)

Исток Улчар вториот дел го креира како кратка поема каде еросот и танатосот се двојство на своевидно трагање по идентитетот. Колку и да звучи сето ова неспоиво, митската подлога на љубовната врска меѓу Прохор и Калина прави оваа мини поема да биде ‘рбетот на целата поетска збирка. Еретичките константи на овие стихови не се само инспиративна гама на овој талентиран поет, туку се и водилки кон нешто што од историски аспект наведува на фактичка небулоза или на фатичка субмисивност. Како и да е, страственоста на овие стихови и нивниот знаковен густеж говорат за системот на хаосот во кој љубовта и идентитетот се мерат во еретички епрувети:

„Остануваме без слух

Од експлозиите кои ни ги

Изгребаа онемените плочи со свинг.

Ни се расипува видот во скривниците

Каде дење е само кога свеќите горат.

Храна ни се само парталите од устите –

Испукани од студ или од куршуми.“

(„Крвав ум 3.)

Страдањето има диверзивна, но и мазихистичка нишка. Обично е поврзано со патриотизмот чија слава е „вечна“, но и минлива. Затоа еретичките процеси имаат и длабока страст во својата подлога опструирајќи ја реалноста со митска оправданост. Исток Улчар во оваа поема говори за двете страни на медалот: и за загубите и за загубените. Ако во претходниот дел говорел за нихилистичкиот контекст на ововременскиот апсурд, овде говори за заумноста која одлепувајќи се од еретичките констелации станува бесмисла која ја убива љубовта и после тоа не останува ништо.

Третиот дел од оваа по многу нешта инспиративна поетска збирка насловен како „Скрјабиновиот мистериум“ и е посветен на Геа, не наведува на тоа дека мистериите на животниот циклус не се само на релација ерос и танатос, туку дека рационалниот аспект има значење на одлука, но на одрекување. Споменувајќи го во насловот славниот композитор Александар Скрјабин наоѓаме една формална поврзаност на неговите поеми и исклучително комплексни композиции со поемата на Исток Улчар. Скрјабин пишувал симфонии од кои најславната, Третата ја нарекол Божествена поема. Низ овие реторички лавиринти младиот поет повторно го поставува прашањето на одржливоста на ересот како катализатор на битисувањето во сите полиња на интерес:

„Над двете честити ќерки

Се издига премудрата мајка –

Средишната кула каде живеат

Хајнувеле и Лазар, предадени на спокојот

Ползувајќи ги скромно убавината и моќта

На нивната чедна широкограда челад,

За да си го исцедат сонливиот дом –

Еднаш во вечноста разрануван

Од Танатосовите скакулци.“

(„Кули од перници“)

Оваа поетска збирка започнува и завршува со митски конструкти: светилиште и јавач на апокалипсата кој „им се смее на животот и смртта“. Еретичката функција оваа книга ја формулира како стремежот чоековото прегрешение да е во неговото преобратување во систем на реформулирани вредности, а митологијата во комплекс на ревизионистички догми. Исток Улчар со овие стихови срамежливо ни наметнува дека ововременскиот ерес не подразбира митови и дека релноста има конзумерски призвук. Затоа овие стихови иако напати со прекрасни рими делуваат тука и таму техницистички.

„Порој од пепел“ има специфика која плени. Стихот на Исток Улчар е бременит и знаковно сложен што говори за ерудитивен и веќе искусен поет кој со оваа поетска збирка отвора еден видокруг кој испраќа многу јасни пораки дека еретичката конверзија со рациото во овој грешен дваесет и први век не носи многу бенефит. Идентитетските налети во овие стихови отвораат други дилеми и тие овој поет ги остава да левитираат во впечатоците на читателот.

Рецензија на Сашо Огненовски

 

Автор:

Слични статии