Илјадници тони токсичен отпад со децении стои во дворот на некогашниот македонски хемиски гигант од балкански рамки, OHIS-Наум Наумовски Борче. Оваа фабрика која беше некогашната моторна сила на македонската економија и фактор за развој на индустријата, денес е опасно место каде се складирани 40 илјади тони токсичен отпад. Во дворот на оваа фабрика се лоцирани две депонии, помала со 10.000 тони отровен линдан и 30 000 тони во поголемата депонија која содржи линдан но и други отровни супстанци, а постои и трета депонија за која не се знае точно каде се наоѓа.
Линданот од ОХИС сврзан со ПМ 10 е еднакво на масовно труење
Депониите ва ОХИС се создадени во средината на седумдесеттите години, по отворањето на погонот за производство на детергенти за перење алишта и познатата „Билјана“. Депониите содржат најразлични токсични супстанци меѓу кои е и опасниот линдан кој е многу токсичен и е ставен во групата на канцерогени супстанции и неразградливи органски полутанти, во групата на ПОПС (Persistent organic pollutants). Линданот е вклучен во Стокхолмската конвенција во 2009 година кога е класифициран во група А, супстанца која мора да се елиминира и да престане да се произведува. Она што се знае е дека линданот, како пестицид, се користел во македонското земјоделство до 2009-та, кога е забранет за употреба. Дотогашното производство било оставено на отворено на земја, без претходна подготовка на подлогата. Неколку години подоцна, поради неподносливата миризба на пестицидот, депониите се покриени со околу 20.000 тони земја, па заедно со линданот и други отпадни и штетни по здравје супстанци ја контаминирале земјата. Со текот на времето, овие супстанци, со помош на дождовите продреле длабоко во земјата и ги загадиле и подземните води, а ветерот секојдневно ја разнесува земјата во вид на прашина и на тој начин се загадил и воздухот. Линданот има способност да се сврзува и со честичките ПМ10, коишто во Скопје се повисоки и до 10 пати од дозволената граница, особено преку зимскиот период а над дозволената граница се и ПМ2.5 честички. Извештајот на Светската банка ја наведува Македонија на петтото место според годишните смртни случаи предизвикани токму од загадениот воздух, а честичките PM10 предизвикуваат долгорочни респираторни инфекции, алергии и астма. Во последните пет години ракот на белите дробови се зголеми за 50 проценти. Акутната изложеност на ПМ честички предизвикува и промени во коагулацијата и тромбоцитната активација што доведува до срцеви заболувања. (Извори: Квалитет на воздух во Република Северна Македонија/ Министерство за животна средина и просторно планирање http://air.moepp.gov.mk/?page_id=170 Извештај од Светска банка за концентрација на ПМ2.5 честички: https://data.worldbank.org/indicator/EN.ATM.PM25.MC.M3?locations=MK)
Дел од дворот на ОХИС каде се гледа една од депониите
Сите овие штетни супстанци, заедно со линданот, предизвикуваат оштетувања на црниот дроб и бубрезите, делуваат на кардиоваскуларниот систем, предизвикуваат репродуктивни пореметувања и развојни дефекти кај децата. Линданот и другите ХЦХ изомери, исто како и диоксините, се таложат во мастите на организмот, се акумулираат и се пренесуваат преку мајчиното млеко на доенчињата. Ја преминуваат плацентата и предизвикуваат пореметувања кај плодот во разво. Има жива која се наоѓа во делот каде што бил погонот за електролиза и таа ќе биде предмет на идното чистење.
Чистењето треба да почне следната година
Првичните пресметки говорат дека за деконтаминирање на депониите, ќе бидат потребни помеѓу 40 и 260 милиони евра. Процесот на расчистувањето на овој депониран канцероген отров во кругот на фабриката би траел од 3 до 5 години. Од Канцеларијата за ПОПс (Persistent organic pollutants) при Министерството за животна средина и просторно планирање, не информираа дека малата депонија со 10.000 тони материјал ќе започне да се чисти до средината на 2019 година, за што се обезбедени средства преку Глобалниот еколошки фонд, во соработка со во Кралството Норвешка, Владата и канцеларијата за услуги на проекти на ОН-УНОПС.
Има три типа на решавање на проблемот – биолошка ремедијација, термална ресорпција или ископување на материјалот и носење во странство. Имаме направено пресметки за секоја од нив. Зависно од тоа колку средства ќе се соберат преку Фондот, таа метода ќе се избере“, информираа од Владата.
Депониите на ОХИС се најдоа и на светската еколошка карта
Депониите го добија статусот на најжешката еколошка точка во Македонија, и се најдоа на светската еколошка мапа. Во отровните супстанци во овие депонии, покрај пестицидот линдат, се и живата, монохлороцетна киселина, пестициди, хербициди, фунгициди, полиакрил, естери, ПВЦ во прав и многу други супстанци, за кои не се знае каде се наоѓаат и дали воопшто се складирани. Овие супстанции се група на органски хемиски соединенија, кои се екстремно токсични и многу тешко се разградуваат во природата.
д-р Трајче Стафилов од Институтот по хемија при Природноматематичкиот факултет
Супстанциите опстојуваат со децении кога се испуштени во животната средина, преминуваат во подземните води и во почвата па така стануваат составен дел од храната, а се присутни во воздухот. Имаат многу штетно влијание врз здравјето на луѓето, но и врз животните и живиот свет воопшто. Затоа, во рамките на Обединетите нации е потпишана т.н. Стокхолмска конвенција. Истакнатиот проф. д-р Трајче Стафилов од Институтот по хемија при Природноматематичкиот факултет, ни открива дека, Р.С. Македонија ја има потпишано оваа конвенција во 2005 година, додека линданот како пестицид е вклучен во групата на ПОПС во 2009 година. Земјите-потписнички на оваа конвенција се обврзуваат да даваат периодични извештаи за овие супстанци, се цел да се забрани нивното производство, но и да се спречи нивно ненамерно создавање. Досега ја имаат потпишано речиси сто држави. Како што се прават дополнителни истражувања и се добиваат информации за штетноста на некоја супстанција, така се внесува и зголемува списокот на хемикалии. Од тогаш секоја земја-потписничка треба да се грижи за решавање на своите проблеми со линданот. објаснува реномираниот професор Стафилов, кој со години врши различни испитувања низ земјава.
„Билјана“ е познатиот детергент што се произведуваше во истоимениот погон на ОХИС, Билјана
Како што се ширел ОХИС, така се ширеле и отровните супстанци меѓу кои и линданот
Фабриката ОХИС е формирана во 1962 година. Во 1970 година се здружува со француската хемиска компанија (French chemical company Rhone Poulenc (now Aventis)). Македонскиот хемиски гигант од балкански рамки, бил холдинг со 5 големи хемиски фабрики и уште 8 друштва, произведувал артикли од базична хемија, хемикалии за заштита на растенијата, инсектициди и пестициди, бои и лакови, е-стакло, преку цевки, гранулати, козметика, производи од поливинил хлорид (ПВЦ), вклучувајќи цевки и фолии, полимери, лепила, вештачки текстилни влакна, хартија и картон, Е-стаклени влакна, тегли, канти, тетратки, транспортни кутии, монтажна опрема, детергенти, меѓу кои беше популарната македонска „Билјана“.
Произведувајќи ги сите овие работи, фабриката произведувала и отпад кој со години бил несоодветно складиран во дворот на фабриката, пред се заради ниската еколошка свест, иако и тогаш се знаело за штетноста по здравјето на оваа супстанца, вели Петре Бибовски, пензионер, кој се вработил во Охис во 1963 година, три години по основањето на фабриката.
„Линданот и другите отпадни супстанци се складираа веднаш до погонот на „Билјана“. Во 80-тите години од минатиот век, имаше обид да се дислоцира линданот од дворот на фабриката и почна да се носи во Пеленица, близу манастирот „Преполовение Руса Среда“ во Драчево. Беше ископана депонија од левата страна на капијата на манастирот и почнаа да го истураат линданот. Но, кога се дозна за ова веднаш стопираа. Владата не дозволи да се продолжи со ова преселување на опасниот отпад. Велат дека околу 8000 тони отпаден материјал е сипан таму, но не се знае точно бројката. А таму со години одеа децата од училиштата на организирани излети, вели Петре Бибовски, кој живее во населбата Драчево, на само неколку километри оддалечена од фабриката.
Имало и втор обид за дислоцирање на отровните супстанци, кој се случил во населбата Пинтија, којашто е најблиску до фабриката ОХИС. Се истурал линданот близу пумпните станици за вода кои ги снабдувале жителите на Драчево. По кратко време, примерок на вода бил однесен на анализа дури во Словенија, од каде резултатите биле поразителни. Веднаш ги затвориле овие пумпи и изградиле нови пумпи на поголема височина Линданот и нус производите веднаш се трошеле, биле многу барани, не останувало ниту грам, се извезуваше во Западна Европа, во Русија… Но целиот воздух околу погонот каде се произведувал и пошироко многу смрдел, раскажува пензионерот Бибовски.
Петре Бибовски, пензионер: ОХИС беше одлична фабрика, каде работеа илјадници работници. Некогашна моќна убавица, денеска е тотално запоставена и напуштена
„Охис беше одлична фабрика, многу моќен гигант. Таму работеа илјадници работници, многу инжињери. Денес ми е жал да ја гледам. Секогаш кога ќе поминам покрај неа очите ми се насолзуваат и ми се плаче за таа некогашна моќна убавица, која сега е тотално запоставена и напуштена, вели Бибовски кој работниот век го поминал како раководител на Кадровата служба во ОХИС.
Влезната порта на манастирот Св Преполовение на Руса Среда, каде со години училиштата организирале излети на ученици, покрај депонија со линдан
И покрај докажаната контаминација, дворот на ОХИС добива нови станари
Гигантот во хемиската индустрија по распадот на Југославија, не успеа да го фати чекорот и да се преструктуира. Тонеше и се гасеше полека 25 години се додека фабриката не доби стечаен управник. Од оваа есен, фирмата „Хемиски инженеринг”, од Скопјестана новиот сопственик на дел од имотот на ОХИС, поточно на она што остана од ОХИС, без имотот што досега бил продаден во извршни постапки. Цената платена за тој дел од имотот била 7,1 милиони евра, без ДДВ. Во Централниот регистер стои дека позади „Хемиски инженеринг“ стои извесен Горјан Максимовски и компанија од Јужноафриканската република „Стил ен прешур инженеринг“ (Steel and preassure engineering).
И покрај докажаната контаминација, дворот на ОХИС добива нови станари – мали фирми кои ги изнајмуваат старите хангари. Пренесуваме еден оглас, преземен од Пазар 3:
Се издава хала во Охис од 1600 м2, комплет реновирана, со нов индустриски под, природно осветлување, техничка вода, вода за пиење, одлично изолиран со 20 см изолација, без влага, 600 КВ струја, противпожарна служба.
Складираниот отпад станува уште потоксичен за време на изборите
Иако складираниот отпад се складирал со години и е таму со децении, во времето на изборите во земјата, тој станува актуелен и уште поопасен. Така линданот добива на тежина и служи како аргумент на одредена политичка партија да нападне друга политичка партија, најчесто на власт, и покрај тоа што политичарите добро знаат дека овој проблем за земјава е многу голем, за да може самата да го реши. Така зелената партија ДОМ се обиде да собере поени, повикувајќи го Државниот инспекторат за животна средина да направи увид на 100-ната тони опасни хемикалии што се високо токсични, запаливи и експлозивни а се складирани во дворот на старата фабрика. Тие и укажаа на јавноста дека ако настане еколошка катастрофа, ќе го погоди Скопје и целата Вардарска долина. Покрај познатиот пестицид линдан, таму се складирани и други опасни хемикалии: 35 тони акрилонитрил мономер, којшто може да го уништи целокупниот животински и растителен свет по течението на Вардар, 20 тони активни супстанци за производство на пестициди, кои се многу токсични ако истечат во почвата, 2,5 тони хлор во контејнери со дотраен материјал, кој по неговото истекување може да предизвика сериозни проблеми по здравјето на луѓето, особено по респираторниот и кардиоваскуларниот систем.