Делови на Скопје и Охрид во едночасовен мрак за „Часот на планетата земја“
— 27 март, 2021
Повеќе локации во Скопје и во Охрид, вечерва, во 20:30 часот потонаа во едночасовен мрак, како дел од акцијата „Час на планетата Земја“, во која се вклучени 8.000 града во преку 180 земји ширум светот.
Меѓу локациите кои ги изгаснаа светилките се претседателската вила „Водно”, Владата, Градскиот плоштад „Македонија”, сите објекти и мостови по кејот на реката Вардар, скопската тврдина Кале, Порта „Македонија”, парковите во скопските општини Аеродром и Карпош, додека во Охрид меѓу најатрактивните се Самоиловата тврдина, кејот „Македонија” и црквите „Света Софија”, Плаошник и Канео.
И оваа година акцијата се одбележува виртуелно, со одржување на првата дигитална климатска конференција во земјава под мотото „Дали природата го возвраќа ударот?”.
„Часот на планетата Земја” започна како симболичен настан во Сиднеј во 2007 година, а сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата. Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот виртуелно ќе се обединат во испраќање на порака за солидарност со проблемите со кои се соочува планетата Земја.