Култура

Почина Ѓорѓе Балашевиќ како последица од Ковид-19

Легендарниот српски и југословенски кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ почина денеска, на 67-годишна возраст, како последица од вирусот Ковид-19. Балашевиќ, кој беше миленик на публиката од поранешните југословенски простори, пред три дена беше примен на инфективната клиника поради проблеми со белите дробови и пневмонија, предизвикани од вирусот. Иако лекарите ги презеле сите мерки, не дошло до подобрување. Денеска попладне неговата состојба дополнително се влошила поради претходни хронични здравствени проблеми.


Балашевиќ е српски и југословенски пејач, кантавтор и актер. Стихови почнал да пишува уште во основно училиште.
Средно училиште завршил вонредно бидејќи поради математиката, физиката и хемијата, кренал раце од школувањето. Никогаш не ги завршил студиите по географија, иако по повод 50-годишнината од постоењето на Универзитетот во Нови Сад бил награден со почесна диплома. Неговиот хит „У раздељак те љубим“ од неговата прва група „Жетва“ има 180.000 продадени синглови, што за тоа време беше огромен успех. По некое време ја напуштил групата и заедно со Верица Тодоровиќ ја формирал групата „Рани мраз“, со која настапил на фестивалот во Опатија со песната „Моја прва љубав“.
– Не е секогаш лесно кога сте пред познати личности, дома. Оние што не те сакаат, не знаат тоа да го сокријат, а оние што те сакаат, не знаат како да го покажат тоа – изјави Ѓорѓе Балашевиќ на почетокот на неговиот концерт што го одржа во Нови Сад во 2012 година.
Во текот на неговата кариера Балашевиќ го следеа многу оспорувања. Многумина му замерија што ја сними песната „Рачунајте на нас“, но тој во своја одбрана еднаш рече: – Песната ја напишав пред 30 години. Да го убиев Тито, досега би излегол од затвор. Балашевиќ беше познат како голем критичар на режимот на Милошевиќ, и додека земјата беше под санкции, тој зеде словенечко државјанство. Исто така, беше амбасадор на добра волја за високиот комесаријат на ОН за бегалци. По 2000 година не се експонираше јавно политички сѐ до 2008 година, кога учествуваше во изборната кампања на Борис Тадиќ.

 

Автор:

Слични статии