Култура

50 години од среќното жолто лице, Смајли – симболот на непослушниот оптимизам

Не постои човек кој не го познава г-динот Смајли, но ретки се оние кои знаат како настанало ова насмеано жолто лице, денес популарно во целиот свет. Смешковците започнаа како две точки и линија што ги претставува очите и устата. Потоа се појавија повеќе детални дизајни во 1950-тите, со нос, веѓи и контури. Првпат жолто-црниот дизајн беше направен од радиостаницата, WMCA за својата кампања „Добри момци“ во раните 1960-ти. Повеќе жолто-црни дизајни се појавија во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, вклучувајќи дела од Френклин Луфрани и Харви Рос Бол. Денес, компанијата Смајли има  права на идеограм за смешковци и стана една од најголемите компании за лиценцирање на глобално ниво.

 

 

Како настанал првиот смајли? Во почетокот на 60-тите години, во Америка стартувал процес на спојување на големите осигурителни компании. Тој се одвивал бавно и болно, и започнал да влијае негативно на осигурениците. Со други зборови, несигурноста за иднината ги направила расеани и тажни. За да го подигнат духот на своите соработници и да ги натераат да се насмевнуваат секогаш кога се сретнуваат со некој клиент, дошле на идеја да креираат симбол, којшто лесно ќе се запомни, симбол којшто ќе емитува среќа и љубов.  Така, во декември 1963 година, се обратиле до уметникот и графичар Харви Бел и од него побарале да креира лого за кампањата и така настанало среќното жолто лице.

Подоцна Харви признал дека работата ја завршил за не повеќе од 10 минути. За трудот му платиле 45 долари и тоа е целата сума која некогаш ја добил за логото. Тој дури и не побарал да го регистрираат како трговска марка, ниту пак ги заштитил авторските права. Според зборовите на неговиот син Чарлс Бел, тој никогаш не зажалил за тоа. На оваа тема, Харви обично велел:  „Сепак, јас можам да јадам само еден бифтек и не можам да возам истовремено неколку автомобили.“

Но, за разлика од Харви Бел. во 1971-та, францускиот претприемач Френклин Лоуфрани го регистрирал симболот како трговска марка во повеќе од 80 земји и го нарекол смајли. Лоуфрани тврдел дека токму тој го измислил насмеаното лице, во 1968 година во Париз. Тој ја основал корпорацијата „Smiley licensing“ и за неколку години заработил огромно богатство низ целиот свет, многу јасно заобиколувајќи ја Америка. Харви никогаш не го тужел Лоуфрани, но се појавиле и други „креатори“ коишто тврделе дека токму тие го дизајнирале насмеаното лице.

Насмевката за кусо време станала хит, се појавила врз картички, маици, капи…, со други зборови на сè што можело да се продаде. Кон крајот на 1972 година, биле произведени над 50 милиони смајли беџови. Никој во тоа време и не помислувал на некакви авторски права. Поштенските служби на САД отпечатиле дури и марка со насмевнатото лице на Харви. На крајот на краиштата, уморен од сето тоа, Харви одлучил да патентира нова верзија на насмевката, на која ги ставил и своите иницијали. Тој со воодушевување раскажувал за својот пронајдок.

„Никогаш во историјата на човештвото и на уметноста не е создадено нешто кое е толку широко распространето, и кое носи среќа, радост и задоволство. Нема ништо друго кое е толку едноставно, а кое станало поим за сите“, велел Харви.

Но, како и за сè друго, некои фрлаат сомнеж и врз оваа, засега најприфатена историја на смајлито. Бернард Спајн тврди дека фирмата „Sunkist“ уште во 30-тите години ги рекламирала своите портокали со овој симбол, дека цртала смешни усни врз овошјето, а дека слични насмеани човечиња се забележани и во детската книга „Мanners can be fun“ на Munro Leaf`s, издадена во 1936 година.  Но, таа црно-бела далечна сличност, тешко може да се спореди со делото на Харви.

По извесно време, Харви конечно ја определил својата мисија на земјата. Тој се видел себеси како амбасадор на среќата и го измислил Меѓународниот ден на насмевката (World smile day). Сметал дека треба да постои ден посветен на доброто расположение и на добрите дела, кој ќе се одржува под слоганот „Направи добро. Помогни му барем на еден човек да се насмевне.“

Харви очигледно бил еден среќен човек. Неговите деца тврдат дека тој никогаш не почувствувал злоба и омраза кон оние кои незаконски располагале со неговото дело, заработувајќи милиони. Починал на 12 април, во 2001 година, на 79 годишна возраст. Денес неговиот син Чарлс ја предводи корпорацијата и внимателно следи кој и како го користи брендот на неговиот татко. Но, она што всушност е важно, е дека целата добивка по исплатата на даноците оди за добротворни цели.

Годинава, на 7 октомври „Меѓународниот ден на насмевката“ ќе се прославува по 14-ти пат. И како и секогаш, повикот до сите луѓе ќе биде: „Направи нешто добро. Помогни му барем на еден човек да се насмевне.“ Традиционално, на овој ден, насекаде ќе грее жолтото насмеано лице, насликано од Харви.

Во последниот анимиран краток филм на компанијата „Смајли“ се обработува патот на жолтото насмеано лице. Филмот започнува со раѓањето на Смајли, прв пат употребено од Франклин Луфрани во 1972 година во издание на францускиот весник France Soir, како симбол за добри вести, и продолжува со патувањето на Смајли низ декадите. 

Во моментите на криза, како нукл  еарниот армагедон во 70-тите до економскиот пад во 80-тите, климатските неправди, заканите кон рејв сцената и културните институции, расните тензии, масовната невработеност и сегашната глобална пандемија, гледаме како Смајлито секогаш го покажува своето лице. Смајлито се појавува во хедонистичките 80-ти, технотопиијата на 90-тите, а потоа и во речникот на смајлиња во 1997 година, што беше создаден од извршниот директор на компанијата „Смајли“ Николас Луфрани и стана универзалниот јазик на емоциите кои ги претставуваат нашите чувства во времето на дигиталната поврзаност. Како што времето ита кон хиперколаборација и зависност од екрани, борба за моќ и копнеж за креативна поврзаност надвор од екраните, Смајлито сепак опстојува во радикалната уметност, на плакати и на рејв флаери, а добива референци и во модата, односно во секоја ера каде општеството наликува дека се движи кон уништување.

Во филмот гледаме надежна иднина замислена преку соединување на позитивна, креативна експресија. Филмот е предвесник за 50 годишнината на компанијата „Смајли“ во 2022 година, за која имаат во план да направат 50 колаборации со артисти и брендови. „Смајли“ неодамна соработуваше со графити артистот Mr. Andre за да создаде ексклузивни логоа за 50 лимитирани соработки со продукти. Логоата оддаваат почит на артисти низ декадите и на оригиналната порака на кампањата од 1972 година „Најди време да се насмееш“ (Тake The Time To Smilе). Историјата на Смајли е патување низ нашата турбулентна историја и потсетник дека колективната, радикална позитивност сепак има моќ. Како што вели Диџеј Пјер, наратор во филмот (кој се смета за татко на acid house музиката), „нема наивен начин да се негира реалноста во светот, освен проектирањето на подобра иднина, преку позитивност, креативност и соединување“.

Автор:

Слични статии