Култура

Урбаните обриси и босите чекори

(Кон збирката раскази „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов во зидание на Или-Или, Скопје, 2020 година)

 Урбаните приказни секогаш кријат тајни кои се прераскажуваат и модифицирајќи се се претвораат во митови. Збирката кратки раскази на Иван Шопов „Скопје: изгубените чевли на градот“ говори за еден друг агол на гледање на еден град кој својот раст низ годините го минувал низ контраверзи, низ своите недоречености кои прераснале во митови, низ духовитите небулози, низ опречните настани и однесувања и низ ликовите кои останале во нечие/сечие сеќавање најмногу заради своите неприлагодености.

Иван Шопов

Скопје е град кој дише со контраверзи. Со антихерои кои ги испишале тие легенди без кои градот не би бил град, а скопјаните не би биле скопјани. Книгата низ своите седумдесет и два кратки раскази говори за духот на една различност и една сличност кои се менуваат пулсирајќи на истиот начин како што пулсираат судбинските механизми на сите оние што чекорат низ улиците, што ги одживуваат своите животи меѓу четирите ѕида и што уживаат во глетките и сновиденијата ѕиркајќи низ клучалките и зад аглите.

„Скопје: изгиубените чевли на градот“ зборува за една сомнабулна архитектура која е изградена внатре, во човековите чувства, во достагите и неочекуваните несреќи, во љубовите кои не можат да се заменат со ништо, во едно долго, многу долго очекување на откровение во кое сакале или не сите веруваме. Шопов во таа со многу влијанија прошарана архитектура гледа низ сосема поинаква визура. Тој вели: „Во Скопје, архитектурата, љубовта и несоницата понекогаш се нераскинливо поврзани. Но, како да ги препознаеме нивните тули кога гледаме во зградите?“ (За архитектурата, љубовта и несоницата). Во неговите раскази овој исклучително талентиран прозаист урбаниот модел го модифицира во совршено духовна градба чија лирска нестабилност е само почеток на генерациско и љубовно недоразбирање, врз чија основа се измислени сите приказни за неверицата, одмаздата и тагата. Тука некаде можеме да го најдеме содржинскиот синоним на самиот наслов. Да, градот на Иван Шопов е бос. Како босоного сираче на кое му недостига сé, најмногу цел живот. Градот чиј урбан галиматијас во кој дистописки штрчат остатоци од многу времиња е место кое иако го изгубило своето ново руво, сепак многу луѓе сакаат да живеат во него. И уште повеќе итаат да се населат таму.

 

Во градот без чевли на Шопов сноваат дење и ноќе многу суштества, воглавно човечки. Ќе речеме сноваат затоа што нивните сенки остануваат како обриси, а нивната некогашна присутност како незгасната меморија. Говорејќи за сите оние кои ја превртуваат низ своите сеќавања смислата на постоењето на урбаниот конгломерат наречен Скопје, тој се концентрира на нивниот гнев, на нивната одмазда, на нивната среќа, со еден збор на нивната емотивна мапа која, на некој начин е инспирација за настани од кои се создава таа митска површина по чии светлечки патеки се движат и легендарните урбани херои. Во краткиот расказ „Мала ноќна одмазда“ тој вели: „Тогаш настанува нешто како апсолутна сегашност. Тогаш сите можат да си одат дома.“  Ликовите во овие раскази се изблици, одблесоци на оние кои навистина брзаат да си одат дома. Иван Шопов низ оваа книга се загледува во ситните атоми на заборавената интима која жителите на овој град се обидуваат да ја потсоберат и да го продолжат животот обременет со го ситни и вознемирувачки процеси на преживување. Градот без чевли повремено го губи своето тло и тогаш сите лебдат. Не газат на земја и си го поминуваат своето заслужено време на сонување за ветувањето кое кога тогаш ќе се исполни: „Бескрајно удобно било во таа соба која ги расфрлила своите честички врз Скопје, правејќи го, без никаква намера една голема дневна соба на отворено.“ (Дневна соба)

Кратките раскази за босоногиот град немаат некоја развојна линија. Нафрлани како раштрканите згради и зачудувачки намрежените улици и улички, сите заедно импонираат токму со таа слободна расфрланост во која се опфатени сите профили кои од друга страна го конституираат тој урбан профил на град што го замислуваме како уморен и прашлив човек кој постојано бара клупа да седне и да си ги одмори своите нозе. Бушав и никогаш несреден тој талка, но не се предава. Никогаш не заспива. Не останува пасивен. Го бодрат сите оние кои се околу него. И тој човек, наречен Скопје никогаш не е сам.

Од друга страна Иван Шопов со овие раскази конципира една урбана митологија која е исклучително корисна затоа што токму тој конгломерат на полицајци, рибари, кондуктери, возачи, продавачи, обични мажи и жени, тинејџери, немирни деца во автобус, лекари, купувачи на старо и сите други кои изронуваат од своите домови каде пак, постојано брзаат да се вратат го кројат среќниот или несреќниот биланс на милјето од кое никогаш никој не се откажува. Токму таа митологија ги гради мостовите кон зачудните реалитети за кои Алесандро Барико во својата книга „Град“ вели: „Нема да ви избега тоа што овој град симулира нормалност која е  целосно илузорна. Секој ден се случува нешто што еуфемистички може да се нарече иритирачко.“ Шопов таа симулираност ја забележа како паралелен свет кој многу храбро и се спротивставува на тривијалноста и на безличноста. Скопје со сите духовити досетки спакувани во ригидните околности во расказите на Иван Шопов не е ни најмалку тривијален град. Неговата суштественост согорува во контраверзите и апсурдните доживувања од кои не се извлекуваат поучни заклучоци, туку се сликаат ликовите и настаните во пејзаж кој е органика сама за себе, постоење само за себе, една цивилизација од која не можеда се избега колку и да се посакува тоа.

Оваа книга започнува со доаѓање, а не завршува со заминување. Градот без чевли е „нежен град кој ја прилагодува формата и на најслабото ветре“ (Пајажина) и тоа е град каде „чувствуваш некаква благост и топлина слушајќи го рамномерното сега веќе поспокојно дишење на детето кое сега веќе не дозволува да биде напуштено, барем додека е будно.“ (***) Раѓањето и смртта се секогаш почетоци, а крајот е само во нашата глава, си помислувам додека ја дочитувам оваа збирка кратки раскази, а чевлите на Скопје за кои тој многу мудро говори дека се загубиле се под креветот, чисти и л’ снати, само тој уморен и вечно буден, извалкан од прашина и истовремено измиен од дождови човек наречен Скопје не може да се наспие за наутро да си ги облече и да зачекори свеж и задоволен. Тоа задоволство ни останува нам додека ја читаме оваа прекрасна збирка кратки раскази.

Рецензија на Сашо Огненовски

Автор:

Слични статии