Култура

Која е разликата помеѓу транссексуални и трансродови лица?

Новиот претседател на САД, Џон Бајден (Joe Biden), го номинираше првото трансродово лице во Владата на САД, назначувајќи ја министерката за здравство на Пенсилванија, д-р Рејчел Левин (Rachel Levine) за помошник министер за здравство, а оваа одлука веќе е и потврдена од Сенатот. 

Д-р Рејчел Левин, помошничка-министер за здравство и првата трансродова сојузна службеничка во Владата на САД

Можеби многумина ќе се запрашаат какви се тие лица, што припаѓаат на трансродова група. Да се навратиме малку наназад, пред шест години, кога Фејсбук,  за своите корисници додаде уште 50 опции што се однесуваат на полот. Со овие термини, компанијата го призна постоењето на различните полови идентитети и полови презентации, но и создаде љубопитност, (веројатно не кај сите), да дознаат  и да направат разлика помеѓу транссексуалните и трансродовите лица?

Транссексуалци се луѓе што преминале од еден пол во друг. Едно лице што е родено како машко, може да добие изглед на жена, со помош на хормони и/или хирушки интервенции, а лице родено како жена може да добие изглед на маж. Тоа значи, транссексуалците не можат да ја сменат својата генетика и не можат да ги стекнат репродуктивните карактеристики на полот во кој преминале. Полот се одредува со раѓањето и ја означува индивидуалната биолошка состојба, како маж или жена. Со други зборови, полот се однесува исклучиво на биолошките карактеристики: хромозомите, хормоналната рамнотежа и внатрешната и надворешна анатомија. Секој човек се раѓа или како маж или како жена, со ретки исклучоци кога се работи за интерполови личности кои се раѓаат и со машки и со женски карактеристики.

За разлика од трансексуалните лица, трансрод е израз за лице чиј идентитет, изразување, однесување или чувството за самиот себе не коинцидира со она што вообичаено се поврзува со полот со кој лицето е родено. Обично се вели дека полот е состојба на телото, додека родот на умот. Родот претставува внатрешно чувство за тоа дали лицето е маж, жена или нешто друго. Луѓето често користат два термини, како на пример машки или женски, кога го опишуваат родот, исто како кога се работи за опис на полот. Но, родот е многу покомлексен и опфаќа повеќе од само две можности. На родот исто така влијае и културата, класата и расата, бидејќи однесувањето, активностите и атрибутите што се прифатливи за едно општество или група, може да изгледаат сосема спротивни за други групи.

Значи трансродноста, за разлика од транссексуалноста, опфаќа повеќе термини. Еден пример за трансродово лице е маж кого го привлекуваат жени, но се идентификува и како транвестит. Друг пример за трансродови лица се оние кои се сметаат себеси за родово неодредени, повеќеродови, андрогини, лица од трет род и таканаречени „two-spirit“ лица. Сите овие дефиниции се непрецизни и варираат од лице до лице, иако кај сите е вклучено чувството за споеност или измена во концептот за машко и женско. Некои лица кои го користат овој термин едноставно го гледаат традиционалниот концепт како ограничување. Помалку од еден процент од сите возрасни лица се идентификуваат како трансродови.

Родовиот идентитет и сексуалната ориентација не претставуваат иста работа. Според Американската асоцијација на психолози, сексуалната ориентација се однесува на трајната физичка, романтична и/или емоционална привлечност на едно лице кон друго.

Трансродовите лица може да бидат хетеросексуалци, бисексуалци, хомосексуалци или асексуални. Биолошките фактори, како што се пренаталното ниво на хормоните, генетиката и доживувањата од раното детство, можат да допринесат за развој на некој трансродов идентитет.

Во 2012 година во петтото издание  Прирачникот за дијагностика и статистика на ментални растројства (или DSM-5) на Американската асоцијацја на психолози, изразот „пореметување на родовиот идентитет“ официјално беше заменет со „родова дисфорија“, со кој се опишува емоционалната болка која е резултат на видливото несогласување помеѓу тоа како едно лице го изразува/доживува полот и тоа како се нарекува.

Во 1973 година на сличен начин беше отфрлено дека хомосексуалноста  е болест. Сегашните промени укажуваат на еволуција во размислувањето кога се работи за родот, кои можат да влијаат не само на тоа како некои луѓе се доживуваат себеси, туку и на тоа каква е перцепцијата на другите луѓе за нив.

Независно како се етикетираат себеси, многу луѓе не се согласуваат со единствената крута дефиниција за родовите, бидејќи има многу лица кои не се вклопуваат во профилот. Покрај тоа, некои од традиционалните родови разлики помеѓу мажите и жените се мали. Со промената на општествените ставови, сменета е и општата перцепција за половите. Во некои времиња носењето пантолони не било прифатливо за жени. Иако, во некои не така далечни времиња било необично, денес многу жени заработуваат еднакво или дури и повеќе од своите мажи, а мажите извршуваат домашни работи и се грижат за децата,  работи што некогаш биле наменети исклучиво за жените.

 

Автор: