Џими Вејлс ни во сон не можел да замисли дека денес ќе постојат преку 50 милиони објави кога на 15 јануари 2001 заедно со Лери Сангер ја основал онлајн енциклопедијата со слободен пристап, Википедија.
Платформата денес е меѓу 20те најомилени интернет страници на светот и без комерцијална позадина. Вејлс тогаш го составил првиот текст на англиски јазик и читателите ги поздравил како што е вообичаено меѓу програмери со „Hello World” („Здраво свету”).
Само на германски јазик Википедија брои преку 2,5 милиони енциклопедиски сосржини и е на четврто место од сите јазици. По првата англиска верзија, германската беше втората што стартуваше 2 месеца по англиската Википедија во март 2001. Германските страници дневно бележат во просек по 15 милиони пребарувања. Патем, најстарата сочувана верзија на еден текст на германски јазик третира нешто што со корона пандемијата стана познато на секого: „ланчана реакција на полимераза”, односно молекурално биолошка постапка која е попозната под скратеницата ПЦР.
Дали ќе знаевте дека зборот е кованица од „Вики” што на хавајски значи брзо и „енциклопедија”, односно опширна збирка на поими. Според името, „Википедија” треба да служи за пребарување на брзо достапни информации.
Денес под „Вики” подразбираме онлајн понуда која може да се користи и без претходни знаења. Според текстот што може да се најде на Википедија, се работи за „страница чија содржина не само што ја читаат посетителите, туку директно во прозорецот на онлајн пребарувачот може да биде и променета. Целта честопати е заеднички да се кумулира искуство и знаење (колективна интелигенција) и да се документира во форма разбирлива за целната група.”
По правило волонтери “википедијанци” ги пишуваат текстовите. Само за германската страница се пријавени 3,6 милиони лица, но за активни се сметаат само околу 20 илјади.
Но, многу автори не значи и добар квалитет. Затоа постапката за контрола на текстовите во текот на времето постојано се усовршува. Правилата на германофоните важат за посебно строги, но и бројот на луѓе кои сакаат да работат волонтерски е сѐ помал.
Инаку, зад Википедија стои фондацијата Викимедија, на која Вејлс во минатото и ја подарил енциклопедијата. Без реклами и исклучиво од донации се финансираат инфраструктурата на онлајн лексиконот и програмерите. Фондацијата изминатата година имаше прилив од 120 милиони долари.
Листата со јазици со најголем број објави ја предводи англискиот со 6,1 милиони. Веројатно за многумина неочекувано на второ и трето место се јазици кои воопшто не се многу распространети во светот: јазик кој го зборуваат околу 18 милиони лица на Филипините на второ и шведски на трето место пред германската верзија која е на четврто место.Причина за тоа е веројатно што на двата јазика се објавуваат и автоматски или делумно автоматски генерирани објави. Ако се бројат само објавите де факто составени од автори, германската верзија е на второ место.
Според статистиката на Википедија само германската верзија во печатена форма – и без фотографии – би зафаќала 1471 тома. Потребни би биле осум регали, ако на секој се наредат по 200 книги. Последниот би бил до половина пополнет.
Постојано се случува поединечни држави да цензурираат слободно достапни информации. Па така и Викепедија во неколку држави беше блокирана, на пример со години во Кина и Турција, како и курдската верзија во Иран, а еден период не беше достапна ниту узбекистанската. Русија работи на развој на сопствена алтернатива за онлајн лексиконот основан од Американците Вејлс и Сангер. Според информации на руските медиуми за тоа веќе бил издвоен и соодветен буџет.
Извор: Дојче веле