Новите! 2020: шесте најдобри ракописи
— 21 декември, 2020Годинава жирито на наградата „Новите!“ (состав: Алекс Букарски, Фросина Крушкаровска и Давор Стојановски) како кандидати кои влегуваат во потесниот круг за најдобар дебитантски прозен ракопис ги издвои следниве шест автор(к)и: Стефан Алијевиќ, Ангела Бошкоска, Ива Дамјановски, Игор Лозаноски, Мила Ноневска и Никола Кузелов. Денес објавуваме извадоци од нивните ракописи.
Добитникот на наградата ќе биде прогласен на 25 декември, петок, во 12:00 часот во рамки на Малиот новогодишен саем на книга во Градски парк, Скопје.
Илустрациите во прилогов се од ракописот на Мила Ноневска.
Стефан Алијевиќ – „Ѕиркачот“
Драга баба Кувилка, какво писмо би можел да ти напише оној помал Стефан, којшто те посматрал секогаш кога си доаѓала на кафе додека тој бил оставен на чување кај баба му. Вие сите седите таму, во малото кујниче, чии ѕидови се офарбани со мрсна жолта боја.
Откако ќе тропнеш на вратата и откако баба ми полека ќе исползи низ ходникот до влезната врата за да ти отвори, ти најпрвин ќе постоиш малку на прагот, и веќе уште оттаму ќе почнеш да ги фуфкаш твоите неразбирливи зборови низ твоите штрбави заби. Потоа ќе туфкаш жалби дека те боли колкот или дека те вртат колената, бидејќи надвор облаците се местат и наскоро ќе падне дожд. Баба ми секогаш учтиво ќе те сослуша и нема да изусти ниту збор за нејзините болки.
Ти можеби ќе ја прашаш за некој од твоите соништа, а таа ќе се обиде да го протолкува со помош на нејзиниот древен, сив и напрашен соновник, секогаш спастрен тука на масичката во кујна, веднаш до онаа старомодна бела вазна со вештачко цвеќе коешто совршено прилега со она чипкано перде низ кое наѕира селската камбана.
Оној помал Стефан знае дека ти отсекогаш сакаше и твојот стан да гледа кон оваа северна страна на зградата, онаму каде што сите прозорци и балкони на становите се свртени кон селската црква и нејзините знаменитости. Ти сакаш да ја гледаш онаа морничава, бело-офарбана камбана која ги надминува во височина околните згради и куќи во центарот на селото, и која најчесто бие за да ги извести жителите дека денес некој починал. Токму тогаш, кога камбаната бие, ти најчесто би знаела да дојдеш, да се искраднеш од темнината на твојот стан којшто гледа кон југ и од каде единствено можеш да гледаш кој кога влегува во зградата, дали некој станар навреме се враќа од работа, или кој каде ќе го паркира своето југо или застава пред самиот влез на зградата. Твојот стан, за жал, гледа кон југ и ти го нуди токму тој ограничен поглед, а ти си одамна заситена зашто не можеш да видиш кој денес ќе влезе или излезе од црквениот двор.
Кога ќе ја слушнеш камбаната, и откако ќе тропнеш на нашата врата, ние со баба ми веќе знаеме кое прашање ќе го поставиш следно: „Ko je danas umro?“
Твоите заби се откачени од вилицата, од тој механички челуст што треба да ги држи, а сега го парафразира прашањето што веќе го постави во тремот, „Зар не разбра кој умрел денес?“
Како и вообичаено, носиш црна облека, што ја навре на себе оној ден кога твојот стан што гледа кон југ беше преполн со луѓе и оттогаш никогаш и не ја соблече; тогаш и за првпат ја видов твојата дневна соба, чии ѕидови беа обложени со тапети, исцртувајќи одредена сцена како од рајот, чиниш тука, во оваа соба, постојано се чита Библијата којашто впрочем јас, а можеби и ти, никогаш не ја прочитавме.
На твоето прашање кој тоа денес умрел, баба ми ќе се намршти, ќе ги крене рамениците, бидејќи нејзе никогаш не ја интересирале тие муабети. Сепак таа ќе биде љубезна со тебе, и ќе те покани на кафе, за ти да можеш да ѕиркаш низ завесата и да видиш кој ќе влезе или излезе од црквата; таа, во овие ваши средби ќе води било каков разговор со тебе, од чиста осаменост или можеби од потребата да го слушне јазикот на којшто ти зборуваш, бидејќи тука, во ова мало место каде и двете сте дошле да живеете, таа има сосем малку прилика да го слушне тој јазик од нечија друга уста освен нејзината или твојата.
Откако ќе го испиете кафето, ќе ги обрнете белите филџани со сина линија на врвот, и ќе си гледате во талогот, трагајќи по знаци за нешто поголемо од вас и од вашите мали животи. Можеби е тоа црта која излегува надвор од контурите на филџанот и која значи дека ќе отпатувате некаде, можеби во рајот; или пак се работи за облик на буквата А, верен симбол за некаков нов почеток; или пак облик на змија кој вообичаено значи дека некој ти мисли нешто лошо, а тоа е можеби баба Дара, која живее близу селските гробишта, и која за ланскиот Велигден и на двете ви донесе расипани вапцани јајца. Оттогаш веќе не се дружите со неа.
Во годините кои ќе следат, оној малку потпораснат Стефан, ќе ја насети твојата семоќност, којашто сепак ќе избликне од твојата растурена става во оние мигови кога сеќавањето на твојата драга сосетка ќе почне полека да бледнее, и, кога нејзината свест и нејзиниот дух тивко ќе почнат да се одјавуваат од овој свет.
Ти ќе се нацрташ таму при мојата последна посета, откако ќе ме видиш како влегувам во зградата, бидејќи ти секогаш седиш на твоето дробно терасиче свртено кон југ.
Дури ќе седиме јас и баба ми за последен пат во нејзиното кујниче, чиишто ѕидови се сега свежо офарбани со истата мрсна жолта боја, ти ќе стоиш во тремот и жедно ќе нѐ надгледуваш, чекајќи да дознеш дали таа ќе се присети кој сум.
„Стефанче, ти ли си?“ наеднаш ќе се сепне баба ми, ќе ја истресе цигарата во кристалниот пепелник и отустно ќе мине со погледот низ мојата потпорасната прилика.
Драга баба Кувилка, дури нѐ гледаш, јас веќе знам, а воедно и си замислувам, како ти си таа која го краде оној златен прстен украсен со истакнато парче рубин, црвено како крв, што баба ми немарно го оставила на маса пред некој ден, веднаш до толковникот за соништа. Баба ми не беше сигурна што се случило со прстенот, но се сомневаше дека некоја жена која дошла тука, можеби ти, го има собрано прстенот од масата. Оној помал Стефан знае дека ти тоа би можела да го направиш, бидејќи ти сѐ уште си љубоморна на баба ми, бидејќи при распределувањето на становите во оваа зграда, таа го добила овој стан на северната страна од зградата, со поглед кон црквата, а ти оној на јужната, со поглед кон паркингот и задната страна на селото.
Ако не си имала можност да го земеш нејзиниот стан, тогаш сигурно си имала можност да го земеш нејзиниот мал, драгоцен прстен.
Ангела Бошкоска
„Рамелија“
Дали нашиот живот е замисла која самите избираме да ја живееме? – размислувајќи Рамелија седна на најоддалечената клупа кога виде дека е празна. Поминаа можеби петнаесетина минути откако тој го забележа нејзиното присуство. Таа беше нежна и кревка госпоѓица која внимателно го набљудуваше уште од кога се појави. Го следеше неговиот поглед обидувајќи се да воочи како успева да го пренесе тоа во својата тетратка за цртање. Полека се доближи до него, не сакајќи да му пречи. Тој воопшто не ја забележа иако таа беше од оние впечатливите кои сите ги забележуваа, од оние магнетно привлечните.
–Знаете да украдете глетка, изгледа како што знаете и да украдете нечие резервирано место. Не би сакала да Ве вознемирувам, но ова е токму моето место за инспирација.
Ја погледна бледо, и се помести до крајот на клупата. Таа седна на преостанатиот дел од клупата и изразот на лицето почна поинтензивно да ѝ ги пренесува мислите.
–Во ред, Ви благодарам на учтивоста, отмено од страна на еден артист.
Во тој миг успеа да го придобие неговиот поглед. Тоа беше чудно проучување на нејзиниот лик што предизвика тој конечно да проговори:
–Јас не сум никаков артист.
Не ѝ сметаше погледот. Таа беше привикната на такви долги и проучувачки погледи.
–Артист кој се смета недоволен за да биде добредојден во светот на уметноста. Не би сакала да звучам недостојно, но навистина неблагодарно од Ваша страна.
Овој пат тој се загледа во црнката на моливот и мирно рече: –Јас сум само обичен човек. Не мислам дека би требало да добивам епитети за она што го правам.
–А што правите?
–Живеам слободно. Ете што правам.– Го потегна моливот во тенка, долга линија вовлекувајќи ја во дијагонала. Рамелија ја поткрена едната веѓа, во знак на изненадување, но не се предаде.
–Тогаш што правиме со зборот уметник, кој потекнува од „уметност“? Нели е уметност да бидеш слободен човек. Секој има шанса, но не секој успева.
Оставајќи го моливот, полека се сврте кон неа.
–Уметник е оној чиј придонес се вреднува, чие дело се проучува. Уметникот ја креира уметноста и им подарува на другите материјал за проучување. Сеуште не се гледам под закрилата на тој поим. Мојата уметност не е откриена, недопрена е, сеуште не. Јас само ја ослободувам.
Погледна кон своите чевли. Честопати кога знаеше дека е во ситуација каде станува интересно, таа прво погледнуваше во своите секогаш уредни и чисти чевли. Кога повторно проговори можеше да се насети горчина во нејзиниот глас. Звучеше како да ѝ беше веќе смачено од тоа да слуша луѓе кои постојано се самокритикуваат.
–Можеби Вашиот начин на размислување значи нешто повеќе. Но, не сметате ли дека тоа е нефер кон она што го креирате? Па, Вие му нанесувате неправда овозможувајќи непристапност кон истото, незнаеност дека постои. Зарем не креирате за да ја оживеете уметноста и да ја конкретизирате апстракцијата во вашиот ум?
Таа не можеше да се сети колку време помина од кога немаше водено ваков разговор. Разговор кој имаше смисла со оглед на тоа што во ретко кој можеше да пронајде смисла. Всушност, од кога немаше водено било каков разговор со некого. Нејзиниот живот изгледаше толку осамен, едноличен и празен во тој момент.
Ива Дамјановски
„Четвртиот ѕид“ [eкспериментален обид во 7 димензии]
Најпрво се цртаат рацете. Од таму се почнува. Дури подоцна се цртаат очите. Ама, најважно е да ги нацрташ рацете. Тоа е прво. И кога беше завршена сликата уметникот имаше боја на рацете, насекаде по облеката и во очите. Имаше црна коса и брада, беше крупен човек за разлика од неговиот пријател што седеше до него и не знаеше да црта. Тој пак, имаше долгнавесто лице со темно зелена боја, а очите му беа детски, поради љубопитноста. Ја гледаа сликата. Ателјето беше растурено и сега веќе беше и темно.
Прозорецот беше отворен и само од таму влегуваше малку светлина во темната соба. Еден стол беше превртен пред отворениот прозорец и до него имаше едно празно паднато шише на подот. Позади нив до ѕидот имаше мала маса со чаши и пехари на неа. Ѕидовите имаа темна, зелена боја. Човек во сино беше потонат во темно жолта фотелја. Дланките му беа виснати над потпирачите. На подот се тркалаше четка а на неа имаше црна боја. Човекот имаше руса бушава коса и беше загледан во подот. Во една од другите фотелји една крупна жена во жолт фустан плетеше. На другите столови околу големата тркалезна маса покриена со тежок кадифен чаршав седеа четворица други мажи. Изгледаа како да се досадуваат, на сите погледите им беа вперени надолу. Еден од нив облечен во црвено, со голем стомак и црна коса под црната шапка беше задремал во сина фотелја. Во позадината, во најмрачниот ќош на собата стоеше еден човек со долга кафена коса, врзана позади. Имаше искривен и сериозен нос. Свеќникот на масата не беше запален. И огништето си молчеше.
– Треба да се запали свеќникот. Темно е, не гледам ништо. – рече жената што плетеше.
Сите молчат. Мажот во сино ја погледна со презир.
– Свеќникот треба да биде изгаснат. – рече тој.
– Бери, јас не можам да плетам на ова светло. Очите ќе ми паднат. – се налути сега крупната жена.
– Реков дека нема потреба да се пали свеќникот. Тој е изгаснат и така треба да остане.
– Во право си Бери, во право си. – еден од старите што седеа на тркалезната маса потврдуваше со нишање на главата и подзамижани очи.
Жената се намурти и си продолжи да плете, офкајќи и туткајќи ја плетката обидувајќи се да биде што е можно позабележлива. Во меѓувреме вревата го разбуди задреманиот човек во црвено.
– Што расправате? – прашува сонливо, си се протегнува во фотелјата, си ги подместува хулахопките и подстанува со насмевка. Лицето му е тркалезнo. И гласот му е тркалезен.
– Јас велам дека треба да го запалиме свеќникот . – веднаш се сепна жената. – а тие не сакаат да ме послушаат. Јас не го велам тоа затоа што многу сакам да биде запален, туку ми треба, не можам да плетам во оваа темница.
– Свеќникот! – се смееше човекот во црвено. Стана и смеејќи се отиде до масата во ќошот на собата и наполни еден од пехарите со вино. Се напи една голтка и потоа тргна назад кон фотелјата, за малку ќе се сопнеше на превртениот стол, а кога помина покрај жената во жолто и го стегна рамото пред да си потоне пак во својата фотелја.
Потпевнуваше додека одеше, ова е човек чии што задоволства можат дабидат поседувани, но тој никогаш не би можел да научи како да поседува идеологија.
Останатите молчеа, секој со своите мисли.
По кратко време, Бери се поткрена од столот, ја побара четкичката на подот и кога ја најде, мрзоволно се доближи до ѕидот од десната страна на прозорецот. Ја доближи и фотелјата и пак си се струполи на неа. Се налакти на колената и се загледа пред себе со четкичката во рака.
Игор Лозаноски
„Исповед на еден телевизор“
Штама
Утрото веќе беше навлезено кога Ј. излезе од зградата. Пропеаја и првите петли, па господин Ј. требаше да стане и да започне со вообичаените активности. Облечен во топли сомотски кафени панталони, кожни чизми во истата боја, волнен џемпер и дебела јакна врз него, стави и капа врз главата со проретчена коса, ракавици и шал што се вееше како вратоврска. Беше ведар и подготвен да започне со своите обврски. Чекореше по патот за накај работа. Истиот пат изоден мал милион пати. Но, овојпат нешто беше поинакво, дури и чудно. Невообичаено. Сѐ беше некако тивко. Како на планина. Ја немаше вообичаената врева што се создаваше наутро, карактеристична за голем град. Колку и да изгледа мал по сите точки на гледање, тоа сепак беше најголемиот град на ова парче земја, со можност, како што тргнале нештата, да стане милионски. Дури ни автобусите не се слушаа кога поминуваа, со нивното карактеристично чкрипење и застанување. Како луѓето од комуналното претпријатие да фатиле вид виделина или можеби земјата ги проголтала. И камбаната веројатно беше во сон. Можеби излегов премногу рано, си помисли Ј., чекорејќи. Веројатно тоа е причината што ништо не слушам, освен неуморната песна на ветрот. Погледна на својот часовник и виде дека сепак не е толку рано. Сите досега требаше да бидат станати, а градот и околината живнати. А надвор беше сивило и се спремаше да заврне снег. Долго време се спрема, додуша, иако времето му е одминато. Барем календарски. Но, ние како да имаме проблем со нашиот календар. Многу работи се изместени од она што некогаш биле. Веројатно заради климатските промени. Ј. не беше навикнат на ваква штама, иако понекогаш ја посакуваше. Но, сакаше тоа да биде привремено, час или два, додека ги среди мислите, а не да трае вечно, како што ова имаше тенденција. Му беше непријатно. Неговата ведрина полека почна да ја снемува.
Симната рампа
К. излезе од колата и тргна по патчето. Дојде до крајот на светот. Барем така си помисли. И беше во право, на некој начин. Тоа беше крај на светот. Крајот на еден и почеток на друг свет. Стоеше крај рампата со насолзени очи. Беше прашање на време кога солзите ќе протечат. Се собираа како акумулација на вештачко езеро, но изгледа површината не беше доволно голема зашто веќе почнуваше да се преполнува. Ја фати рампата со дланка и почна да ја милува. Солзите не издржаа и почнаа да течат; прво полека, а потоа брзо како бистра вода. Премногу сеќавања почнаа да се вртат во неговата глава. А од другата страна – куќарка во која седи човек. Или можеби спие. За него нема многу работа. Луѓето не минуваат по овој пат. Отежнати им се можностите за движење. Некаде дури и забранети. Помина некое време и кога малку се потсмири, влезе во својата кола и се оддалечи од местото.
Ѕид
Ѕидот беше тазе поставен. Има можеби една година. Може и помалку. Не знам која беше причината за поставување на тој ѕид. Веројатно е некој нов тренд. Можеби само случајност. Ѕидот е поставен баш на крајот на еден дел од градот и на почетокот на друг. Вака интересно изгледа. Изграден е од камења и имате слика дека влегувате во друго царство. Има заоблена полукружна порта низ која поминуваат две ленти. Се наплаќа некој вид патарина, ако поминувате со кола, и тоа пред самиот премин на ѕидот. На почетокот не ми беше јасно, но подоцна разбрав. Патарината е вид данок зашто го користите центарот за возење коли, наместо да користите јавен транспорт. Се плаќа на неколку места во градот; при влез и излез од Општина Центар. Овој дел ми падна во очи зашто има порта, а на другите излези има куќарки на кои се зема билет кој чини сто денари за еднократна, односно дневна употреба, и илјада денари за неделна употреба. Интересна работа. Иако луѓето негодуваа за оваа мерка, сепак со тек на време почнаа да ја прифаќаат. Им стана секојдневие. Сакале, не сакале… Ништо не се промени, освен што сега имаат повеќе давачки.
Добре имаше работа на градските гробишта. Помина низ Центарот и дојде до портата, зашто тоа беше еден од патиштата. Остана вчудоневиден. Но, како и сите луѓе, си плати и продолжи да вози. За момент помисли дека влегува во друга држава. Но, веќе ништо не можеше да го изненади. Продолжи да вози и да размислува за ѕидот.
Мила Ноневска
Сликовница и читанка за возрасни
Најубави ми беа ладничките квечерини во лето… градот стивнуваше…џагорот по улиците замираше…тутунот ќе беше нанижан, низите спрострени… луѓето – папсани…
Баба ќе речеше – Ајде да ги навадиме цвеќињана.
…Ќе промирисаше земјата. Ќе се напиеше од водата и ќе им ја чуваше за утредента за да биле весели…
Секоја квечеринка имавме убава задача: да им се радуваме на цвеќињата. Ееееех!
Знае ли некој сега што е тоа тенеќе, на тенеќеџија правено?
Така е тоа: некој „ќе оплеска“ и ќе сака да се смири, а таа, пак, ќе сака малку да го врти на жарчиња. Да го помачи. А ваму – сака да му прости! Сака да се смират! Па, што ѓавол ја тера така да се пекмези? За да му ги гледа маките на другиот?
Или сака да го направи „палјачо“? Од сé по малку. Нека му прости. Ама – не! Уште малку.
Уште мааалку да е таа важна. Да сака да ја молат…
Што лошотија сме ти, ние, луѓево?
Јас сум малку на татко ми, ама во поодминативе години – на мајка ми. Таа – и на татко ѝ, и на баба ми. Баба ми – и на мајка ѝ што не ја паметела, и на баба ѝ Румена… Можеби сум и на дедо ми Миту? Или на дедо ми Ванчу? А да не има и едно трофче и од баба Котејца од Белушино,или, пак од „Красна Цвета“, ќерка ѝ? Кој знае…
Ами и од другава страна имам баби! Од кај татко ми. Можеби имам нешто и од баба ми Васка? Или од мајка ѝ? Или од сестра му на дедо ми Милан, можеби, личната Стефка (што ѝ се нашла обетката „бадемлија“, во брадата на попот кога си одел откако ѝ крстил вода за Велигден…)?
Кој ќе ли му го најде крајот на врските, на нишките, на јазлите, отплеткани, заплеткани, секакви… И кој знае кај кого појавени…
И од кого подарени…
Брошката на мајка ми… Не беше за секој ден!
И – стигна до мене. Не успеав јас да ја поносам. Некој ми „ја ќари“ од дома. Не знам кој. Да знаев кој, ќе си ја земев назад!
Едно ме теши:
Никому нема да му стои, како што ѝ стоеше на мајка ми! Нејзе ѝ личеше да ја носи.
И, татко ми ѝ ја беше подарил, заедно со цртежот од Аче, со местото кај што била
куќата на татко ѝ Ванчу, во Белушино. За спомен…
Никола Кузелов „Нарака“
Студенилото кое го чувствуваше на површината од неговото тело го освести доволно за да може да си го постави ова прашање. Образот му беше залепен на мазна, кристална површина. Капаците на очите полека му се одлепија, а матната слика која ја гледаше пред него беше со преовладувачки темни и сиви бои. Ги рашири дланките, се поткрена и се потпре на лактите. Беше затворен во кристална кутија која беше доволнo висока за да се исправи. Во оној момент кога сфати каде се наоѓа ја заборави тапата болка во главата и тресењето кое го чувствуваше од студенилото. Ги крена колковите помагајќи си со дланките и полека се исправи чувствувајќи како секое ковче од телото му се враќа на вистинското место и му предизвикува чувство на физичко задоволство. Но глетката околу него беше посилна од секое друго чувство.
Кога најпосле сосема го исправи својот изнемоштен труп, одвиткувајќи се како гасеница застана на ладниот кристал со цврст чекор и сврте еден круг околу себе со ситни чекори. Вилицата како да му се одлепи од черепот, со подзината уста и широко отворени очи, додека во себе го негираше видикот кој реално му беше пред очите тој почувствува болка и празнина во стомакот каква што немаше испроектирано ниту во своите најтемни фантазии. Кристалните ѕидови во кој беше затворен го делеа од црната, пеплосана почва и испуканиот асфалт врз кои ветрот ги тркалаше доказите останати од некогашниот живот во градот. Тој се наоѓаше затворен во кристална кутија од неколку квадрати на сред булевар кој некогаш служеше како писта за излудените шофери, а сега беше цeментна флека врз апокалиптичниот хоризонт. Руините од градбите веќе беа сраснати со земјата и се враќаа таму од кај што беа никнати – во почвата. Неговата околија се изменила премногу во последната година. Тој се залепи на еден од четирите кристални ѕидови со лицето и да не беше неговиот нос ќе ги залепеше зениците на студеното стакло. Очајно, низ секоја пукнатина на земјата бараше било какво растение кое со својот живот би пркосело на овој страшен призор. Но се што можеше да види беше прашливата и гадна пареа која се креваше од гнасната почва. Погледна нагоре надевајќи се дека човештвото не би можело да го уништи небото, но се што можеше да види беше врвот на кулата која ги прободуваше мрачните облаци и светлината која кружеше од неа на секои сто и десет секунди. Не сакаше да ја гледа таа стара пријателка и го врати погледот на ниво на сопственото битие.
Можеше да заклучи дека на блиска далечина околу неговиот кристален затвор го опкружуваа уште многу идентични кристални кутии. Во нив, на дното лежеа коските од некогашни живи луѓе кои очигледно имале слична судбина на неговата. Во тој миг тој ја отвори устата и лакомо зема воздух додека не почувствува болка во градите. Сигурно сфати, или пак можеби навистина почувствува дека кислородот кој му беше на располагање беше ситна количина која се троши брзо, рака под рака со неговиот живот. Му беше тесно и мрачно, веќе можеше да го почувствува вртежот на црвите во сопственото месо. Го чуваше воздухот како пушач последниот тутун, вдишувањата му беа лакоми, а издишувањата скржави. Низ маглата која лебдеше од другата страна на стаклата се доближуваше човечка силуета. Тој претпостави дека е некој од службата, истите оние кои се појавија на неговата врата, го наградија со една палка за непослушноста, вбризгаа некаква течност во него и го затворија овде, во овој бесконечно отворен затвор за очите.
Се изненади самиот себеси со стравот кој помина низ него и се повлече наназад, онолку колку што можеше лепејќи се со грбот на кристалниот ѕид. Силуетата почна да трча и додека тој сфати дека тоа е девојка во фармерки и обична маица, со хируршка маска на лицето, баш како и сите луѓе во деновите кога се појави ЈАСК-р3 вирусот таа веќе се одби со нозете од земјата, рипна и со еден камен го скрши кристалниот ѕид. Тој рефлексивно го покри лицето со рацете и додека се гушеше во сопствената кожа слушна звук на илјадници стакла кои се кршат и бран на воздух кој навлезе во веќе ослободениот простор. Ја спушти раката и погледна во девојката која стоеше пред него. Таа брефташе од замор. Иако косата и беше несердена, а врз пегите кои се наѕираа под маската имаше налепено нечистотија нејзината убавина беше очигледна. Таа го пресече погледот помеѓу нив кој беше исполнет со прашања и жед за одговори. “Мислев дека доцнам, но ти всушност си можел да издржиш многу подолго.” – му рече речиси со разочарување. “Навикнат сум. Не е ништо поразлично од мојот некогашен дом.” – и возврати погледнувајќи кон неговата зграда која се гледаше во позадината. “Таму имаше дотур, а овде немаш ништо освен загарантирано распаѓање врз скапиот кристал на менаџерите.” – го поправи таа речиси со нервозен тон додека го гледаше во босите стапала.
Без да се интересира за неговата потреба од објаснувања, таа ги протна рацете под маицата и ја крена нагоре откривајќи го своето тело и ја соблече преку главата, а потоа ја распарчи на два дела со силните дланки. “Заштити ги стапалата, тие треба да те водат напред, а околу тебе има ситни остатоци од стаклото кое од една пречка премина во друга.” – советувајќи го му ја фрли мајцата пред нозете. Сосема рамнодушно таа го сврте грбот на кој се гледаа испишаните последици од палките на службата и даде чекор со цел да се изгуби назад во маглата. “Личиш на некој кој може да го објасни ова, за мене ново спознавање на светот.” – тој проба да ја спречи да замине. Таа подзастана, но не ги помрдна усните. “Кога имаш нешто да кажеш, молчењето е лага.” – тој продолжи со провокации. Крвта која кружеше низ нејзиното уморно, но упорно тело во тој миг се затопли, ја натера да ја стегне тупаницата заедно со забите кои крцкаа и ги изострија аглите на нејзиното лице. Импулсот низ нејзината мускулатура кој требаше да резултира со вртење кон него запре во мигот кога таа сфати дека не сака да ја раскажува приказната која следи гледајќи некој од остатоците во очи.
Извор:Окно