ЕФА: Најдобар европски филм „Уште една рунда“ на Томас Винтерберг
— 13 декември, 2020Данскиот филм, „Уште една рунда“, триумфираше со освојување на четири главни награди на 33-те Европски филмски награди во Берлин, познати и како Европски Оскар. . Овој филм освои награда за најдобар европски филм, награда за најдобар актер – Мадс Микелсен, награда за најдобро сценарио и режија – Томас Винтерберг. Наградите беа доделени синоќа на виртуелната церемонија во Берлин.
„Уште една тура“ е трагикомична приказна за група средношколки професори кои почнуваат експеримент со секојдневно пиење алкохол за да внесат радост и ведрина во своите зачмаени животи. Винтерберг го заврши филмот, иако на самиот почеток на снимањето загина ќерка му во сообраќајка, која требало да дебитира во филмот. И покрај личната трагедија на авторот, филмот го слави животот баш таков каков што е, со сите радости и таги.
Наградите на Европската филмска академија (ЕФА) беа доделени во категориите: Иновативно раскажување, Најдобар европски документарен филм, Откритие на годината, Најдобра европска актерка, Актер, Сценарист, режисер и – Најдобар европски филм.
„Многу сум трогнат од оваа награда за најдобар филм, ѝ благодарам на ЕФА, јас сум исклучително горд, бидејќи ова е навистина силна конкуренција од моите колеги, а пред сè да им се заблагодарам на целиот мој тим, особено на мојот актер Мадс Микелсен. Мојата ќерка почина додека го правевме овој филм. Ние го снимивме филмот во нејзиното училиште, таа беше дел од овој проект, беше особено сакана од главниот актер Микелсен, но судбината сакаше таа повеќе да не биде со нас. Единствено што вреди на крајот е да го посветам овој филм целосно на мојата ќерка“, рече режисерот Винтерберг додека Микелсен почна да плаче на виртуелната цеременија на доделувањето.
Режисерот Винтерберг го напиша сценариото со неговиот редовен соработник – режисерот и писател Тобијас Линдхолм, исто така присутен од неговиот дом на оваа онлајн церемонија на доделување на наградите, и искрено му се заблагодари на продуцентот Каспер Дисинг.
Победничкиот филм беше во копродукција на Данска, Холандија и Шведска, а ко-писателот Линдхолм им се заблагодари на монтажерите кои „го направија овој филм за пијанствата – многу трезвен“.
Најдобра европска актерка е Паула Бир за нејзината комплексна улога во психолошката драма „Undine“. – Извинете што сум толку возбудена, но знаете, штотуку дознав од вас дека сум наградена за најдобра актерка, шармантно рече Бир, седејќи пред огромен постер за нејзиниот победнички филм „Undine“.
„Колектив“ на Александар Нанау (Романија, Луксембург) беше прогласен за најдобар европски долгометражен документарен филм, кој, како што пренесува Танјуг, беше изненаден, без зборови, воодушевен од наградата и само ја посочи моќта на истражувачкото новинарство како главна тема на неговото победничко дело.
Наградата „Европско откритие“ од страна на жирито на странски новинари и филмски критичари FIPRESCI ја доби филмот „Sole“ на италијанскиот режисер Карло Сирони, додека нововоспоставената награда за „Иновативно раскажување приказни на филм“ му припадна на Марк Кусинс.
Меѓу 38-те кандидати за наградата селектирани годинава беше и македонскиот „Врба“ на Милчо Манчевски.