Култура

Дигитален парадокс – колку повеќе информации, толку поголем заборав

Споменикот Воин на коњ беше донесен на скопскиот плоштад на 14 јуни 2011 година. Време во кое дигиталните медиуми беа во полн замав, а социјалните мрежи рушеа рекорди во користење. Тоа беше настан на неделата што го преокупираше интернетот и потег што влијаеше врз политичкиот развој во следните години, преку заладување на односите со Грција и оддалечување од евроатлантскиот пат.

Денес, девет години подоцна, ако се пребарува за овие случувања, главните резултати се кластери на агрегаторите за вести, на кои поголем дел линкови водат кон шифрата 404, интернет-епитафот што се става на страница што престанала да постои.

Ако одиме кон поблиското минато, на сличен проблем, иако во помала мера, ќе наидеме и при пребарувањето на вестите за објавувањето на прислушуваните разговори за убиството на Мартин Нешкоски, на прес-конференцијата на СДСМ на 5 мај 2015. Тука нешто поголем број линкови останале активни, но на многу, сепак, судена им е 404-ката.

Уште пострашна е ситуацијата со самата вест за убиството на момчето на скопскиот плоштад, настан што  се смета за еден од клучните во политичкиот развој во последните години – ги постави првите назнаки на движењето што подоцна се нарече Шарена револуција, кое имаше значителен придонес во менувањето на претходната влада.

Ова се некои од многуте примери што го создаваат парадоксот на дигиталната ера – колку повеќе информации, толку помалку меморија за нив. Во време на речиси неограничени можности за чување и архивирање податоци, Македонија си дозволува да ѝ исчезнуваат медиумски содржини собирани 20 години откако фирмите се затвориле, да нема ниедна дигитализирана архива од дневен весник, а во онлајн-медиумската сфера информации да се појавуваат и да исчезнуваат преку ноќ, без каква и да е одговорност.

Основно професионално правило е дека еден медиум е одговорен за сѐ што објавува или што некогаш објавил. Тоа е една од причините зошто објавите треба да се чуваат. Но, колку повеќе медиумската работа се префрла онлајн, толку помалку се почитува тоа правило.

„Бидејќи меморијата за тие содржини зависи од хардверско-софтверското одржување на платформите, овој волумен е ранлив на историски заборав, дури и повеќе отколку тврдата копија“, вели за БИРН, Игор Мицевски, истражувач во Институтот Ресис.

Друга важна причина е историското сведоштво. Според искуството на Борис Георгиевски, главен уредник на македонскиот сервис на Дојче веле, денес е многу полесно да се најдат информации за Македонија од 1890 година во Њујорк тајмс, отколку за периодот од 2000-2010 година или подоцна во македонските медиуми.

„Водиме и водевме спорови со соседите за случувања од пред 100 и кусур години, а имаме избришани делови од нашата понова историја, од последните 30 години“, додава Георгиевски.

Целосна слика, наместо гол податок

Нема ризик од губење на основните податоци за тоа кога нешто се случило, кога била донесена некоја одлука итн. Сето тоа е регистрирано во службените архиви. Зачувувањето на медиумските содржини е важно од друг аспект.

Прво, затоа што не може да се очекува секој да ги знае точните датуми на случувањата, па да ги пребарува низ интернет-складиштата на државните институции. И второ, затоа што медиумските објави даваат многу повеќе од фактографски податоци. Цели книги се пишувани за нивната важност за историографската наука, а со тоа и за колективното паметење. Тие го опишуваат контекстот на времето кога нешто се случило, какви ефекти тоа предизвикало во општеството итн.

На пример, општо е познат податокот дека Македонија првпат доби статус на кандидат за членство во Европската унија во 2005 година. Но, од медиумите може да се потсетиме дека и тогаш ситуацијата била драматична и до последен момент не се знаело дали одлуката ќе биде позитивна, а европската иднина на земјата била користена за поткусурувања меѓу Франција и Велика Британија во врска со ЕУ буџетот. Дури на крајот францускиот претседател Жак Ширак дал зелено светло.

Загубена онлајн-меморија

Денес во Македонија речиси не може да се најде содржина постара од 4-5 години на веб-страниците на националните телевизии. Дури ни со насочено пребарување. Таква е состојбата и со повеќето етаблирани онлајн-медиуми, што допираат до десетици или до стотици илјади читатели дневно.

Содржините од медиумите што престанале да работат, пак, се целосно исчезнати. Само делови може да се најдат зачувани во архивата на агрегаторот Тајм.

Целосниот текст може да го најдете на ПРИЗМА

Автор:

Слични статии