Култура

Извинете што нè окупиравте

Не сакам да живеам во земја која ја претстaвува Зоран Заев. Не сакам да ѝ се извинам на Бугарија затоа што сум ја бранела мојата земја и затоа што сметам дека треба да ја бранам!

Цело време се чудев зошто се брза со започнувањето на пристапните преговори со ЕУ, зошто се брза да се направи договор со Бугарија кој ќе ги тргне пречките за отпочнувањето на пристапните преговори, а уште помалку ми беше јасно, како може во ситуација на такви тврди ставови на Бугарија некој да се надева дека за два/три дена тоа ќе се промени. Но, после она славно интервју на Зоран Заев за бугарската агенција БгНес, како и сите изјави дадени после тоа, почнува да ми станува јасно.

Па, каде Бугарија ќе најде друга таква недоветна личност, која ќе се однесува толку понизно и мизерно, а ќе биде горда на тоа. Каде ќе најде друг ваков преговарач, кој со таква леснотија ќе и се додворува на Бугарија, ќе гази сè што е свето во својата земја, кој ќе се дрзне да ги менува називите на спомениците, кој ќе дозволува сите заедно со него да личиме на некои гротескни фигури, и ќе биде убеден дека ѝ прави добро на Македонија (или барем нас така нè убедува). Но, секако, засилен со гарнитурата на власт, на која секогаш, како што се покажа овие 30 години, и било најважно да остане на власт и да си ги остварува своите интереси (каде што рекордер е Шеќеринска, цели 30 години е во власта), засилен и со своите коалициони партнери, при што Али Ахмети нагласува дека Заев работел на штета на својата политичка кариера??? А за која кариера зборуваме овде…?

Злоупотреба на мојот глас

Но, да се вратиме на крајот или на почетокот.

Јас не сакам мојата земја да ја претставува Зоран Заев. Се срамам од такви политичари кои на овој начин ја распродаваат својата земја и сè што е впишано во нејзината самобитност, политичари кои не работат за доброто на својата земја и кој го злоупотребуваат мојот глас и гласот на многумина.

Само човек без ронка интелигенција може да не види дека во барањата на Бугарија се крие дамнешната желба за окупација на оваа територија и за непризнавање на македонскиот идентитет. Колку сакаат нека ги виткаат тие барања во обланда и нека ги објаснуваат со триста измислени додавки или оправдувања, суштината е тоа. Јазикот и историјата (а во неа секако е содржан идентитетот) да ни бидат бугарски и да се откажеме од малцинството во Бугарија. Која будала може да верува дека те признава како Македонија, ама вика дека не постои македонско малцинство?

До кога ќе се правиме наудрени. Бугарија е сосем свесна што предизвикува со овие нејзини изјави. Таа удира токму на тоа што знае дека на македонскиот народ му е најсвето, антифашистичката борба, и многу добро знае какви емоции ќе предизвика, бидејќи целиот народ има припадници на својата фамилија кои биле дел и страдале во тоа време и кои сè уште се сеќаваат на сè што се случувало. Тие точно знаеја какви реакции ќе предизвикаат и тоа беше многу добро смислено. Така, сега главниот изговор им е антибугарското расположение во Македонија. Мора да признаеме дека таквата стратегија беше одлична, и на нив сега им оди во прилог тврдењето дека во Македонија има антибугарско расположение, има омраза и повторно имаат супер оправдување за да бараат не знам какви гаранции. И ние, секако, на чело со Заев ќе ги молиме тоа да не го сфаќаат погрешно, дека ако треба ние ќе се извиниме и ќе речеме: „Извинете што нè окупиравте“. Нема проблем, сите кои тврдат поинаку ќе бидат казнети и ние ќе ви дадеме писмени гаранции…..

До кога, до кога навистина Заев ќе изигрува будала, правејќи од нас куклен театар.

Те молам, немој да ме браниш!

Јас не сакам мојата земја да ја претставува Зоран Заев и оваа гарнитура на власт. Мене ич не ми е гајле власта од која партија ќе доаѓа, само сакам да ја сочувам таа малку гордост која што нѝ останала и да не се срамам поради овие политичари од тоа што сум Македонка.

Додека го гледав интервјуто на Заев за бугарската агенција не можев да се начудам како не проценивме со кого имаме работа. На сите, дури и лути прашања од бугарскиот новинар, кој како секој нормален човек, иако како професионалец не би требало, толку отворено си ја бранеше својата земја. Додека, нашиот недоветен премиер се однесуваше толку површно и бесмислено, правејќи се дека тоа не го забележува кај новинарот, но сите оние работи за кој беше нападнат ги бранеше со таква леснотија. Не, ние не сме непријатели, не, ние сме браќа со бугарскиот народ, ние имаме заедничка историја (што воопшто не е точно), Југославија нè разделила, не, какво малцинство, ние ќе се откажеме од малцинството, еве ќе подготвиме написмено, па ако треба тоа и во закон ќе влезе (која нормална земја ве молам се откажува од сопствениот народ), не, ние еве веќе променивме 20 споменици???? Имате земји во кои имало диктатури, имало страшни случувања, но спомениците се чуваат, зошто, бидејќи тоа е историјата. А што е историјата, онаа која нè одредува. Но, во целиот процес во кој ние не се повикуваме на историјата, туку сме повикани или да не речам присилени да ја менуваме за интересите на Бугарија, за тоа уште мора и да се правдаме.

Замислете, Бугарија нè тера да се извинуваме за нашиот однос кон историјата, затоа што неа историјата и смета и затоа што не може да се помири со сопствената историја. И што прават они? Цело време играат на картата, да нè обвинат нас за она што тие го бараат. И тоа им успева. Зошто? Па, затоа што имаме фантастична гарнитура на власт предводена од Зоран Заев, кој ако треба ќе ја жртвува и својата „политичка кариера“ (која што ја нема) за да нè одведе нас во иднината. А во тоа без ронка срам нè убедува и гарнитурата на власт. Да нè одвел во иднината. Во која иднина? Во која црна иднина???? Да ја употребиме познатата поговорка – те молам немој да ме браниш!!! Бидејќи, очигледно, листата на желби и на барања ќе ги замолиме Бугарите побрзо да ни ја дадат за да се потпишеме, дека време за чекање немаме, нели?

Имаше извонредна изјава министерката за култура, Ирена Стефоска, која рече дека не може Заев да и помогне на Бугарија да се справи со темните страни на своето минато. Тоа можат да го направат само тие самите. Но, кој го слуша тоа?

Кој друг, ако не сопствениот народ

Јас не сакам Зоран Заев и оваа гарнитура на власт да ја претставува мојата земја.

Не случајно останав да живеам во оваа земја. Не затоа што сум некаков националист или не знам што, останав само поради една работа која ја сметам за многу важна, а тоа е чувството на припадност. Мислам дека тоа на секој човек му ја дава вредноста и интегритетот, дека некаде припаѓа, дека има корени. За жал, тоа сè повеќе го губиме и на прагот сме да го изгубиме и она малку што ни остана. Знаете, уште кога бев мала се чудев зошто Македонија никогаш немала држава. Уште тогаш во времето на Југославија се сеќавам на оние познати вицови за Македонија, дека секогаш страдала од сопствениот народ. Се сеќавате сигурно на вицот со кој пораснав, дека само покрај котелот на Македонците не бил потребен стражар, бидејќи самите себеси ќе се изедат. Замислете, така е и денес. Кој може подобро да те обезличи отколку што можеш самиот  да се обезличиш. Ми беше мило, но и срам за реакциите од регионот на интервјуто на Заев, но најмногу затоа што тие го истакнуваа она што требаше да го направи Заев, она што треба да го направиме ние. Да застанеме во одбрана на нашиот идентитет, на нашата самобитност, на она што ни е свето и она што е факт (наш факт), а не факт на Бугарија.

Знаете што е насјтрашно, што и денеска мојата земја страда од истото. Само отворете ги социјалните мрежи и ќе видите каков народ сме ние. И сега имате луѓе кои хистерично викаат по фејсбукот дека во нас е проблемот, бесрамно газат по нашите херои и дури си дозволуваат да зборуваат дека нивните деца треба да се извинат, одејќи дотаму и тврдејќи дека ние сме ги транспортирале Евреите. И, се разбира, треба да им се извиниме на Бугарите???? Да не ви се верува! Знаете што, сè уште има сведоци, сè уште има и Евреи кои многу добро знаат и се сеќаваат, има цела архива на која токму Евреите со години работат. Зарем мислите дека тие не знаат, но затоа знаат нашите квази-интелектуалци на кои Википедија им е извор????

Европа нема да ни побегне, но ние ќе и побегнеме

Јас не познавам друга земја, во која целото население нема да застане зад неа во одбрана на својот идентитет. Не можам да замислам дека кога некоја земја се бори за своето признавање, некој би излегол и би ја напаѓал својата земја, бранејќи ги интересите на оној што и ги оспорува. Кога бев во Талин, а Естонија е помала земја од нас, бев воодушевена од тоа колку народот, секој, било кој, од чистачка до директорката на фестивалот, се трудеа да ни ја претстават својата земја, се трудеа да ни угодат, да ни кажат за својата историја, на која се горди, да ни кажат за сето она за кое странците се љубопитни, да ни подарат сè што е нивно обележје. Со каква љубов и посветеност го правеа тоа. И тие имале многу тежок економски период во земјата, кога голем дел од населението се иселил, но со заеднички сили се потрудиле и успеале сето тоа да го надминат, па дури многумина и да се вратат. Земја која е многу освојувана низ вековите.

Што сме ние и до каде дојдовме? До тоа да се срамиме и да не сакаме повеќе да се чувствуваме понижено затоа што сме Македонци. Не сакам мојата земја да ја претставуваат и понатаму луѓето кои ја доведоа во оваа ужасна состојба, не сакам да избиеме на прво место и по корупција покрај другите наши „придобивки“, не сакам повеќе да се распродаваме, не сакам повеќе да си забиваме нож во грб самите ние. Не сакам да ме претставува Зоран Заев и оваа гарнитура на власт и не сакам Бугарија во мирнодопски услови да ме окупира и да бара да ѝ се извинам затоа што во воени услови ме окупирала.

Не сакам да ѝ се извинам затоа што сум ја бранела мојата земја и затоа што сметам дека треба да ја бранам. Омразата е кај нив, затоа и толку се трудат да ја пресликаат кај нас. А како поинаку, освен ако најдете човек кој нема ни зрелост, ни интегритет, ни знаење, ни гордост, а уште помалку политичко искуство, и со кој ќе можете сите свои небулозни барања да ги спроведете. Замислете, Бугарите сега го бранат Заев од нас? И, нормално, така и треба, како поинаку ќе продолжат со оваа лудост и црното ќе го прават бело? Навистина, се срамам од оваа земја и од овој народ кој прави да се срамиме сами од себе. Уморна сум веќе од оние кои ме претствуваат без достоинство и интегритет. Европа нема да ни побегне, но ако ова продолжи, ние и тоа како ќе и побегнеме (и ќе се оддалечиме) на Европа. Бидејќи, без никаква суштина не можете да припаѓате ниту на себе, ниту на светот.

Јас не сакам мојата земја повеќе да ја претставуваат квазиполитичари. Сакам да бидам горда на Македонија, на она што од неа во овој момент остана.

 Сунчица Уневска

Автор:

Слични статии