Култура

Георгиевски: Медиумите на некои им служат само за бизнис цели, а новинарите ги третираат како помошни работници

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници имаше објавено едно истражување според кое сопствениците на медиуми не се заинтересирани да зборуваат за работничките права. Според Вас, зошто е тоа така?

Првенствено станува збор за неразбирањето на сопствениците дека секоја успешна компанија, па и медиум се создава со задоволни вработени. Сопствениците не го сфаќаат Синдикатот како партнер за подобрување на производниот процес, туку како архетипски непријател, иако целта на ССНМ не е и никогаш не била да се „цедат“ газдите и на тој начин да се загрози опстанокот на медиумот, бидејќи на тој начин ќе се загрози и егзистенцијата на вработените. Наспроти ова, не само што одбиваат да разговараат со нас, туку не е мал ниту бројот на сопственици што им забрануваат на своите вработени синдикално да се организираат.

 Друго истражување на ССНМ вели дека платите на новинарите и медиумските работници се далеку под просекот и тие се движат некаде помеѓу 15 до 20,000 денари? Како би можело ова да се надмине според Вас и притоа да се подобри нивниот социо – економски статус?

Ова е прашање за милион долари. Се разбира грешката е системска и системски треба да се реши. Видете, за да отворите кафеана треба да исполните безброј услови и стандарди, а за да отворите медиум, треба да имате само мобилен телефон. Под превезот на демократијата секој отвора медиум, а рекламниот колач во земја која практично нема ни пазар е тој што е. Во суштина не станува збор ниту за грешка, туку за политичка одлука, бидејќи на политичките центри на моќ им е совршено јасно дека бројот на медиуми е обратно пропорционален на нивното влијание и полесен за контрола и манипулација. Од друга страна, кај нас немате некој посериозен медиум каде што сопственичката структура е составена од луѓе што доминантно се занимаваат со медиумски бизнис. Напротив, медиумите им служат како помошна алатка за остварување на нивните основни бизнис проекти. Во таа смисла и вработените во тие медиуми, вклучувајќи ги и новинарите, се третираат во таа категорија – помошни работници. Од друга страна, за разлика од новинарите добар дел од нивните уредници се релативно добро платени, што е еден вид корупција, односно ситуација во која лесно може да се контролира медиумот.

ССНМ потпиша Колективен договор со Македонската информативна агенција, што е голем исчекор за вработените во МИА бидејќи им се гарантира поголема заштита на работничките права. Дали тој доследно се спроведува? Каков бенефит тој им овозможува на вработените.

Некои работи се одвиваат бавно: нови систематизации, правилници и други акти што произлегуваат од Колективниот договор, што е можеби и разбирливо затоа што станува збор за пионерски исчекор, така што оваа позиција е нова за сите нас. Ние во принцип сме многу задоволни од Договорот и мислам дека тој им овозможува на новинарите на МИА права што им се недостапни на нивните колеги од другите медиуми, почнувајќи од уважувањето на работното време, прекувремените часови, викендите и празниците, па сѐ до минималната плата. Засега мислиме дека Договорот се почитува. Велам, можеби е темпото побавно од она што се надевавме, ама работите одат во добра насока.

Кога сме кај Колективните договори. Постои ли отпор да се потпишат Колективни договори со други медиуми? Како се одвива социјалниот дијалог помеѓу Синдикатот и самите медиуми?

Тука постојат бројни проблеми. Имавме начелна согласност за почнување преговори во неколку медиуми, но корона-кризата го запре овој процес. Впрочем, принципот на „работење од дома“, кој не го заобиколи ни новинарството, многу негативно се одразува на синдикалното движење воопшто. Многу потешко се артикулираат заедничките барања на вработените, а воопшто и нивното организирање. Основниот проблем е што работодавачите во медиумите немаат свое репрезентативно здружение, односно комора, со кое би можеле да водиме социјален дијалог. Затоа сме принудени идејата за колективно договарање да ја туркаме по обратен редослед – медиум по медиум, а тоа е ужасно тежок и мачен процес.

ССНМ уште во 2017 година имаше објавено една публикација во којашто стои дека е потребно да се измени Кривичниот Законик за поголема заштита на новинарите и медиумските работници. Од Министерството за правда ветија дека ќе се исполни ова барање на ССНМ. Очекувате ли дека ова барање ќе се исполни и доколку не се исполни, како синдикат дали би презеле синдикални дејствија и какви?

Ова прашање е поставувано пред Владата и пред Министерството за правда многу пред 2017 година и секогаш сме добивале начелна поддршка. Но, знаете како е. Секогаш има некои „поважни“ работи да се решат: референдуми, преспански договори, ребаланс на буџетот, носење буџет, реконструкции итн., а потоа ќе дојде некоја нова влада и сѐ почнува од почеток. Во моментов сме во разговори и со актуелниот министер за правда, како и со министерката за труд и социјала (околу Законот за работни односи) и велам дека покажуваат разбирања за нашите барања. Не знам како ќе се одвиваат работите, немаме некаков план Б, бидејќи главно сме насочени кон разговори и обиди за меѓусебно разбирање. Секако, го задржуваме правото да го одбереме начинот како ќе дејствуваме, во зависност од моменталната ситуација.

Дали сметате дека потребно е на оние новинари и медиумски работници коишто се изложени на голем ризик, финансиски да им се надомести за ризикот? Доколку да, на каков начин?

Мораме да се вратиме некаде на почетокот на разговорот и на тој таканаречен системски комплекс прашања, каде што секако спаѓа и ова. Ретко која медиумска куќа ги осигурува своите новинари. И ако ги осигурува, тоа е на она основно и недоволно ниво. Се сеќавам дека и јас своевремено имав тешка телесна повреда на работно место, а компанијата во која работев тогаш ги осигурала своите вработени, меѓутоа, велам, на она основно нивно, така што надоместот не беше ни приближно задоволителен. Наши новинари оделе по боишта, демонстрации, напнати ситуации… (а ќе одат и натаму), без да бидат осигурани од своите медиуми. Значи, мислам дека и ова прашање треба сериозно и нормативно да се регулира. Секако дека ризикот треба да се плати, и затоа се важни правилата за отворање и работење на медиумите. Од друга страна, на пример, новинарите немаат и не можат да добијат бенефициран стаж, бидејќи државата проценува дека нивната професија не е штетна по здравје. Тука првенствено мислам на репортерите, снимателите, фото-репортерите… сите оние што навистина се изложуваат на секојдневен ризик.

Заинтересираноста на матурантите е мала да новинарството го изберат за идна професија. Зошто новинарството е непривлечно за нив? Што според Вас би требало да се направи за да се смени ваквото мнение за новинарството?

На ова прашање би можел да ви одговорам со контрапрашање: зошто новинарството би било привлечно за младите? Погоре ги спомнавме платите и тоа кај оние „среќници“ што успеале да си обезбедат ангажман. Од друга страна, станува збор за тешка, напорна и стресна професија, професија за која секој си дозволува, не да го кажува своето мислење, туку да ве навредува и омаловажува, професија во која не се исклучени ни физички напади од луѓе кои воопшто не ги познавате. И сето тоа само за некаква ваша морална сатисфакција, која, патем речено, исто така, многу тешко се постигнува.

Што Вие како долгогодишен новинар би им порачале на младите кога се работи за новинарството. Како би ги мотивирале да ја одберат оваа професија?

Наспроти погоре искажаниот песимизам, еве ќе кажам дека новинарството е една од ретките професии што навистина може да го менува светот. Ако некоја дупка се асфалтира поради некој ваш текст, верувајте тоа е голема работа, а мене и на моите колеги ни се случувале многу крупни промени, во кои ние сме имале и тоа каков удел. Натаму, новинарот ја има онаа ретка привилегија да ги знае работите пред „обичните смртници“, што секако е непроценливо. Новинарот по правило ја има големата слика и неговите проценки се секогаш порелевантни од оние на „обичните“. Јас, на пример, поради новинарството, ги запознав луѓето (а со некои станав и пријател) на кои им се восхитував уште како дете. Значи, ако имате љубопитство, ако сакате да учите секогаш нешто ново и ако имате сопствен интегритет – тогаш вие сте новинар.

А дали боли? Боли! Но, како што своевремено ми кажа Љубомир Рајнвајн, еден од основачите на Танјуг, важно е да се биде новинар, па и нека боли.

Автор:Бобан Илијевски

Интервјуто е преземено од Работник

Автор:

Слични статии