Култура

Македонскиот центар на ИТИ испрати порака по повод светскиот ден на операта

Македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт ИТИ/Продукција ја пренесе пораката по повод Меѓународниот ден на операта (25.10.2020), чиј автор е композиторот Љубомир Бранѓолица, а видеопораката ја чита Кристина Пешева Диновска, коавтор, уредник и координатор од ИТИ/Продукција.

 Операта е плод на вечниот предизвик да се соединат во хармоничен брак музиката и драмата, инспирација на најголемите композитори на сите времиња да ги спојат највозвишените уметнички изрази во еден комплексен ентитет и пред вечната публика, преку чудесниот јазик на музиката и моќта на зборот, да ги изведат на сцена, милениумските митови за природата на човекот и Бог, животот и смртта, љубовта и злото.

Оперските дела не допираат во најисконските длабочини на нашето битие и непрекинато, со стотици години, покрај повеќекратните историски обвинувања за нерелевантност, застареност и елитизам, и понатаму претставуваат стожерни уметнички доживувања за оние кои им се изложуваат со доверба и интерес.

Музичкиот театар е изнедрен плод на културата, кој преку чудотворната синергија на многуте уметнички изрази го рефлектира човековиот идеал за трансцедентното значење на неговиот живот. Без него би биле празни школки, кои талкаат во потрага по некое слично „волшебно огледало“ во кое би ги виделе сите наши недостатоци и возвишености, би ги воочиле нашата способност за зло и потреба за љубов и во интимноста на нашите срца би ја сфатиле нашата вредност и би научиле да бидеме понизни пред големината на животот; без тој уметнички „апарат“ ние би биле изгубени, а нашиот вредносен компас расипан и бескорисен.

Изведбените уметности се соочуваат со повеќе, досега невидени, предизвици; театрите се затворени, аудиториумите празни, а сцените тивки. Во време кога вообичаено оперските куќи и публиката возбудено го исчекуваат отворањето на новата сезона, ние ја имаме само оваа порака. Но, делата на уметноста носат вистина, а нејзината вредност е света и колку и да ја криеме од очите на светот и на најмалата светлина што и е упатена, таа дава огромен одблесок; нејзините дарови се неприкосновени и вечни, а ние без нив, вечно жедни.

Во оваа турбулентна година, кога театарот во живо е во опасност да згасне, композиторот Љубомир Бранѓолица, кој со своето долго животно и музичко искуство е еден од главните композиторски протагонисти на македонската оперска и музичка изведбена историја, упати порака по повод Светскиот ден на операта. Неговите зборови се јасни, а пораката кратка и служи како алка на премостување на сѐ поголемиот јаз меѓу традицијата заситена со уметнички богатства и новото време, кое допрва ќе треба да ја докаже валидноста на својата замислена вредносна матрица.

Меѓународниот ден на операта – 25 октомври се одбележува под покровителство на УНЕСКО, а ИТИ/Продукција испраќа македонска порака од 2019 година.

Автор:

Слични статии