Луиз Глик е 16. добитничка на Нобеловата награда за литература
— 21 октомври, 2020Американската поетеса Луиз Глик е годинашната добитничка на Нобеловата награда за литература. Нобеловиот комитет објави дека 77-годишната Глик ја добива наградата за „нејзиниот непогрешлив поетски глас кој со строга убавина го прави индивидуалното постоење универзално“.
Нејзиното целосно име е Луиз Елизабет Глик (Louise Elisabeth Glück). Потомок е на унгарски Евреи кои емигрирале во Америка. Учела на колеџите „Сара Лоренс“ и „Колумбија. Нејзината поезија припаѓа на објективистичката поетика, создадена во текот на 30-тите години на минатиот век, чии главни претставници биле Луис Зуковски, Чарлс Резникоф, Џорџ Опен и Карл Ракоси. Следејќи ја оваа поетика, таа ги третира песните како предмети, истакнувајќи ја сериозноста, интелигенцијата и способноста на поетот да го разбере светот со употреба на обични секојдневни зборови. Во својот есеј „Докази и теории“, таа наведува дека застапува поезија која се приближува до тишината и се граничи со исчезнувањето. Во 1993 година, ја добила Пулицеровата награда за книгата „Дива перуника“. Била поетеса-лауреатка на Конгресната библиотека 2003-2004 година. Во моментов е писател-резидент на универзитетот Јејл и предавач на програмата за креативно пишување на универзитетот во Бостон. Живее во Кембриџ, во државата Масачусетс.
Глик е 16. жена која ја освојува Нобеловата награда. Таа има објавено 12 збирки поезија а нејзините претходни признанија ги вклучуваат Пулицеровата награда и Националната книжевна награда на САД. Претседателот на комитетот за Нобелова награда, Андерс Олсон, го поздрави нејзиниот „искрен и бескомпромисен“ глас, кој е „полн со хумор и духовитост“. Нејзините 12 поетски збирки се „карактеризираат со стремеж кон јасност“, додаде тој.
„Во нејзините песни, јас слушам што останува од нејзините соништа и заблуди, и никој не може да биде потежок од неа во соочувањето со илузиите на јас“, рече Олсон. „Но, дури и ако Глук никогаш не сакаше да го негира значењето на автобиографското потекло, таа нема да се смета за исповедничка поетеса“. Олсон потврди дека тој веќе разговарал со поетесата за да ѝ каже дека победила. „Пораката беше изненадување, но добредојдена, колку што можев да кажам“, рече тој, „рано наутро, како што беше“. Последниот поет што го освои Нобелот беше шведскиот писател Томас Транстромер, кој ја доби наградата во 2011 година.
Моќта на Кирка
Никого јас не претворив во свиња.
Некои луѓе се свињи; јас само им помагам
да си се покажат како такви.
Ми се повраќа од твојот свет
во кој површината го крие тоа што е внатре.
Твоите луѓе не беа лоши;
животот без дисциплина
ги беше расипал. Како свињи,
згрижени од мене
и од моите дами,
веднаш се припитомија.
Потоа ја симнав магијата,
за да ти покажам дека сум добра
исто колку што сум и моќна. Видов
дека може да сме среќни тука,
какви што се мажите и жените
што не бараат многу. Но, со истиот здив
претскажав и дека ќе си заминете,
и дека јас ќе ви помогнам да се соочите
со расплаканото, разбеснето море. Мислиш
две-три солзи ме вознемирија? Пријателе,
секоја волшебница е
практична пред сè; ја гледаш ли суштината,
ги гледаш и границите. Да сакав само да те задржам
ќе те држев ко заробеник.
Превод: Магдалена Хорват
„Моќта на Кирка“ е дел од збирката Meadowlands (1997), чиј прв дел е составен од песни тематски посветени на ликови од Одисејата (Пенелопа, Телемах, Кирка), а вториот дел се однесува на приказот на еден современ брак во распад. Според митологијата, Кирка е волшебница која ги претворила другарите на Одисеј во свињи, а потоа го завела, држејќи го при себе цела година. Во „Моќта на Кирка“, Глик се спротивставува на традиционалната сожаллива идеја за напуштената волшебница, давајќи ѝ глас кој ги потенцира нејзината моќ и избор да делува по свое видување. (Румена Бужаровска, Клитература)