Култура

Истражување на женственоста преку мултимедијалната изложба во МКЦ

Во Младинскиот културен центар, вечерва, 26 октомври, во 20 часот ќе биде отворена мултимедијалната изложба „Вита“ на Филип Петковски и Жарко Чулиќ. Проектот вклучува краток филм во режија на Филип Петковски, авторски фотографии на Жарко Чулиќ, како и фотографии од непознати автори на првата половина на 20 век. Имено, овие црно-бели фотографии се едни од најраните извори кои ја прикажуваат модата во тоа време и  укажуваат на една поинаква естетика диктирана од социјалните норми на патријархалното општествено уредување, воедно ни даваат една поинаква визија за концептот, женственост.

Фотографиите ги прикажуваат субјектите во различни секојдневни ситуации или социјални збиднувања. Костимите на сликите се носии за невести или девојки од различни краеви на Македонија кои сопствениците рачно ги изработувале, а тој процес некогаш траел и до две години. Нивните одлики како техниката на везење, мотивите и боите прикажани во облековните елементи, материјалот од кои се изработени, како и начинот на украсување на главата и телото  јасно укажуваат на нивната етничка припадност, социјален статус или економска состојба. Фасциниран од естетиката на секојдневието во тоа време, често пати се прашував за комплексноста на животите на претставените ликови во строгите патријархални средини во кои живееле. Прашањето од каде се јави потреба за „Vita”, е ефемерноста на фотографиите на жените во минатото и минливоста на емоцијата која ја носат со себе: Кои се овие жени? Каков век векувале? Каде биле и каде продолжиле по свечениот миг на фотографирање? Зошто никогаш не се насмеани? Биле ли малтретирани и тепани? Биле ли заљубени, среќни и задоволни од нивните животи? Биле ли исплашени за иднината?   Преку изложбата,Филип Петковски коај го критикува објективизирањето на женското тело и ја истражува женственоста и комплексноста на човечката емоција. 

Невозможноста да ги одговорам овие прашања беше и главниот мотив да се фокусирам на филм и фотографии кои ја прикажуваат мултидимензионалноста на женственоста, јасно укажуваат кон емоционалните состојби на жените, а со тоа ни дозволуваат и на кратко да погледнеме во нивните животи. Во своето  семинално дело Камера Луцида: Осврт кон фотографијата, францускиот филозоф Роланд Бартс, кој нè оттргнува од семиотиката на бинарни опозиции пишува дека што и да му дава на нашиот призор и кој и да е нејзиниот пристап, фотографијата е секогаш невидлива и не е тоа што гледаме. Во случајот на „Vita”, мотивот е невидливоста на фотографијата, т.е. невозможноста да генерира комплексни теми како женственост, без притоа да се стереотипни проекции. 

Потребата да визуелизирам емоција доаѓа од одбивноста женското тело да биде прикажано како минлив субјект, а акцентот да е ставен на естетските особености на целосниот сетинг во кое тоа се наоѓа. Иако една од најраните идеи за видео портрети потекнува од делата на Енди Ворхол и неговите Screen Tests, конкретно за овој проект бев инспириран од видео портретите на режисерот Роберт Вилсон кој користи синтеза на неколку медиуми како кореографија, наратив, музика и вокали.

Филип Петковски е  докторант на Катедрата за светска уметност, култура и танц на Универзитетот во Лос Анџелес, Калифорнија, каде работи како асистент и предава предмети поврзани со танц и изведбени уметности. Филип се јавува и во улога на кореограф и танцов инструктор, режисер на театарски претстави во Македонија, САД и Норвешка и автор на неколку академски трудови кои обработуваат теми поврзани со танц, политики на идентитет и културно наследство.

Жарко Чулиќ е фотограф кој во последниве неколку години се фокусира на модна фотографија. Жарко работи со уметници и модни магазини, учествува на повеќе групни изложби, а изработува и модни едиторијали со познати стилисти, дизајнери и модни куќи од Македонија и регионот.

Настанот ќе биде реализиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители е намален а носењето маски и дезинфекција на рацете е задолжително за време на целиот настан. 

 

Tagged with:

Автор:

Слични статии