Фејсбук им објавува војна на антиваксерите
— 15 октомври, 2020Фејсбук најави забрана на сите огласи насочени против вакцинирање. Но, една важна врата за митовите и теориите на заговор останува уште отворена а тоа е дека Фејсбук и понатаму ќе ги објавува огласите кои критикуваат одредени владини мерки поврзани со имунизацијата. Пандемијата со Ковид 19, пред се, ја покажа важноста на превентивното однесување во заштитата на здравјето.
На челните луѓе на најголемата социјална мрежа постојано им се префрла дека овозможуваат широко распространување на пораките на антиваксерите. Фејсбук сега најави дека планира и сопствена кампања во САД, со која ќе се истакнуваат предностите од вакцинирање против грип. Социјалната мрежа од неодамна презеде засилена активност против ширењето на теориите на заговор на своите страници. Денеска објавена научна студија докажува дека верувањето во вакви сосема недокажани теории значително ја намалува подготвеноста на луѓето да примат вакцина.
Истражувањата за студијата се водени во САД, Велика Британија, Ирска, Шпанија и Мексико, а според резултатите, мнозинството жители ги отфрлаат теориите на заговор за коронавирусот, но не мал дел од населението овие лажни информации ги зема „здраво за готово”. Студијата е објавена во британскиот стручен магазин „Royal Society Open Science”.
Најраспространета теорија на заговор во овие земји за пандемијата, заклучува студијата, е онаа според која вирусот е намерно создаден во лабораторија во кинескиот град Вухан. Во кинеската метропола првпат беше забележан случај на пренос на вирусот врз човек. Во Велика Британија и во САД, според сознанијата до кои дошле научниците, 22 до 23 проценти од анкетираните граѓани веруваат во оваа теорија на заговор.
Освен тоа, студијата констатира постоење јасна меѓузависност меѓу верувањето во теории на заговор и скепсата кон вакцините, како што истакнува коавторот на научниот труд, Сандер ван дер Линден. Кај интервјуираните луѓе, во глобала, констатирана е намалена готовност за учество во идна вакцинација против Ковид-19 паралелно со степенот на нивно верување во теории на заговор.