„Вистинската историја на Бандата Кели“ со Џорџ Меккеј и Расел Кроу го отвора 23.Скопје филм фестивал
— 7 септември, 2020Во Кинотека на Македонија, во среда, 19 часот, почетокот на годинешното 23. издание на Скопје филм фестивал ќе го означи проекцијата на австралиско – британскот филм „Вистинската историја на Бандата Кели“ во режија на Џастин Курзел (Justin Kurzel), базиран на романот на Питер Кери за најпознатиот разбојник од Австралија Нед Кели. Во филмот играат Џорџ Меккеј и Расел Кроу. Веднаш потоа следува проекција на филмот „Џулиета од духовите“, првиот од ретроспективата на Федерико Фелини. Проекцијата ќе се одржи на отворено, како и останатите проекции на филмови што се на програмата на овој фестивал којшто ќе трае до 16 септември.
„Среќни сме што Скопскиот филмски фестивал успеа да опстои и што и во услови на пандемија го отвораме 23 –то издание. Оваа година програмата ја прилагодивме на условите, но со голем број значајни филмови, заеднички со Кинотеката. Од придружните програми ја издвојувам изложбата на Зоран Кардула, наш извонреден уметник и дизајнер, како и големата ретроспектива на филмови по повод 100 години од раѓањето Фредерико Фелини“, вели Татјана Јаневска, директорка на фестивалот.
Скопје филм фестивал, за своето 23. издание донесе разновидна програма и содржини во чии рамки ќе понуди повеќе од дваесет играни и документарни филмови поделени во три програми: Панорама на светски филм, Денови на квир кино и Ретроспективна програма на филмови од Федерико Фелини.
Програмата Светски филм на публиката во Скопје филм фестивал ќе и’ донесе пресек на актуелите и наградени филмови од врвните светски фестивали во текот на 2019 и 2020 година, како Санденс фестивалот и Берлинскиот филмски фестивал.
Трета година по ред, Скопје филм фестивал ја реализира програмата „Денови на Квир кино“ во која се прикажуваат филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор. Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот прави обид да отвори теми кои извираат од квир културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар и да создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините. Селектор на оваа програма е Александар Ковачевски.
Особено атрактивна е годинашната голема Ретроспектива во чест на италијанскиот и светски великан на филмската уметност, Федерико Фелини, по повод 100 – годишнината од раѓањето на големиот мајстор. Оваа програма се реализира во соработка со Кинотека на С. Македонија и Италијанската национална кинотека. Во рамки на оваа програма ќе бидат прикажани десет филмови на Фелини.
Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е македонскиот дизајнер и уметник Зоран Кардула. Годинава, во галеријата на Кинотека на С.Македонија меѓународно познатиот македонски уметник ќе ги изложи своите верзии на 11 плакати од филмовите на Фелини. Изложбата ќе биде отворена за времетраење на фестивалот, во галеријата ќе можат да влезат ограничен број на посетители.
Зоран Кардула е плоден автор, препознатлив по својот стил, со широк опсег на интерес кој вклучува режисери, уметници, борци, бруталистичка архитектура, Арт Деко и Баухаус стил , редизајн на продукти од ерата на Југославија…
Од 9 до 13 септември ќе се одржи петдневна филмска работилница која ќе вклучи практична работа за основните филмски техники и камера, развивање на индивидуални идеи за филм, работилница за монтажа, а последниот ден и создавање на 9 кратки филмови. Предавачи и обучувачи на оваа работилница ќе бидат професионалци од филмската индустрија од Холандија и Македонија.
Програмата на 23. издание на Скопје филм фестивал, ќе се одржува во Кинотека на С. Македонија, на отворено, со ограничен број седишта и со примена на сите мерки од протоколот за здравствена заштита. Сите проекции се бесплатни.
Напомена за медиумите: Поради ситуацијата со пандемијата, оваа година Фестивалот нема да издава посебни новинарски акредитации, туку сите заинтересирани новинари пред секоја проекција ќе може да резервираат билет (поради ограничениот број на седишта). Билетите треба да се подигнат најдоцна 30 минути пред проекцијата. Резервации на телефоните на Кинотека: 2 30 71 814 и 2 30 65 968.
За детален распоред на програмата, Ве молиме посетете ја страницата на фестивалот http://www.skopjefilmfestival.com.mk/