„Синедејс“ му удри шлаканица на „Браќа Манаки“. А претседателот на ДФРМ, Игор Иванов и поранешниот директор на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, кои одлучија фестивал да нема, си дојдоа синоќа во Битола без око да им трепне.
Столе Попов е добитник на „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на 41.„Браќа Манаки“
Синоќешното „одбележување“ на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ најдобро покажува на кое ниво сме како земја. Бидејќи, сигурно не постои друга земја во светот која би дозволила ваква фарса. Имате фестивал што постои цели 40 години, во кој, како што рече неговиот покровител, претседателот Стево Пендаровски, е вткаена богата историја и кој е најзначајниот културен настан по што сме препознаени во светот; имате фестивал кој финансиски е поддржан од истата таа држава; имате фестивал што ја добива поддршката, како што е редот на работите, од Министерството за култура, од градоначалничката на Битола, од дипломатскиот кор; а всушност, тоа е фестивал кој е целосно приватизиран, буквално во „сопственост“ на ДФРМ, кое покажа дека многу му е гајле за сето ова, кое покажа дека е газда на фестивалот и може да прави што сака.
Оскаровецот Јануш Камински е добитник на Златна камера 300 на 41. „Браќа Манаки“
И сите тоа го дозволуваат, сите се прават наудрени дека сè е во ред и сите известуваат за „настанот“, како ништо да не било, па дури и оние кои се најповикани, молчат. Молчи Кинотеката на Македонија, молчи градот Битола, кои се подеднакво основачи на овој фестивал како и Друштвото на филмски работници, молчи државата која ги дава тие пари, молчи политичката партија која е на власт и си го поддржува својот избор на директор на Агенција за филм, кој заедно со ДФРМ ја донесе оваа одлука. А без срам, на овој т.н. настан беа и претседателот на ДФРМ, Игор Иванов и директорот на Агенција за филм, Горјан Тозија, кој во моментов и не е директор, бидејќи му е истечен мандатот, без око да им трепне. А и зошто би им трепнало? Кога едноставно им се може.
Зошто не се одржа фестивалот? Се разбира, објаснувањето е дека основен мотив за таа одлука било „зачувувањето на здравјето на публиката, гостите и филмските работници во непредвидливата ситуација со пандемијата и негативниот ефект што оваа состојба ни го наметнува во сите сегменти на нашиот социјален живот“. Замислете, колку се загрижени! Она што е најстрашно е дека сите по линија на помал отпор тоа си го прифаќаат, па дури одат и дотаму што го оправдуваат… Страшно, страшно е која земја и каква земја сме, каков ни е народот, медиумите, власта. Но, затоа еден фестивал кој нема такво реноме, како што е „Синедејс“, му удри и тоа каква шлаканица на „Браќа Манаки“! Секоја чест! Па сепак, ни тоа кај нас не е доволно за да се направи било каква споредба. Сите си ги прифаќаат работите здраво за готово, односно си го гледаат само својот сопствен интерес во сето тоа. А до кај нè доведе таквиот однос не треба повеќе, сите знаеме на кое дереџе е државата, но кога треба нешто конкретно да се преземе, да се каже или критикува сите молчат. Така што вината, дефинитивно, е на сите.
„Синедејс“ направи одличен потег покажувајќи многу поголема свест за тоа што значи еден фестивал, за разлика од „Браќа Манаки“. Зошто и како еден фестивал токму во вакво време треба да се одржи, покажаа свест, покажаа почит, покажаа вистински однос кон филмските работници и кон авторите, што секако првенствено треба да го направи ДФРМ. Но, не, ДФРМ и Агенцијата за филм својата одлука да не се одржи „Браќа Манаки“ си ја донесоа уште во март (и сите го знаат тоа), бидејќи како што се итри и надобудни, видоа извонредна шанса како да си ги приграбат парите, а да немаат никаква одговорност за тоа. Што сега ќе прават таму некој фестивал, кога е нели време на пандемија, и кога, како што рече Иванов, е поважно да се поддржи продукција отколку да се прави некаков онлајн фестивал. Ма што им е нив гајле за уметноста и за филмските работници, што им е гајле за културата, за која, како што вели Пендаровски, токму пандемијата покажа колку е важна. Без гајле, објаснувања имате колку сакате, како они се толку загрижени за филмската слика и камерата, која нели е суштината на нашиот фестивал, па не сакаат филмовите да ги прикажуваат онлајн……..
Фарса до фарса. За сè има одговор, колку понебулозен толку подобро. Еве, токму „Синедејс“, па и Скопски фестивал покажаа, за да не зборуваме во ветер. Покажаа дека може и тоа со целосна почит и одговорност и кон авторите на филмовие, и кон состојбата со пандемијата. Истото можеше да се организира и во Битола. Месец септември е месец во кој може фестивалот да се одржи на отворено. Затоа и „Синедејс“, кој е во ноември се премести во септември, затоа и Скопски фестивал, кој е во април се премести во септември, затоа и уште редица настани се одржуваат во нашава земја во септември. Инаку, септември е месецот на „Браќа Манаки“, месецот во кој слободно можеше да се одржи фестивалот, кој е нели, најзначаен за нашата земја, најстар и „препознаен во светот“. Важноста на фестивалите треба да им е најмногу јасна токму на филмските работници, но не и кај нас, нив всушност им е најнејасна. Зошто? Па, како поинаку ќе земат пари. Оние пари кои доаѓаат од сите нас и со кои државата се однесува неодговорно во секој сегмент, па зошто не и во овој.
Срамно е што се дозволи „Браќа Манаки“ оваа година да се претвори во фарса. А имате двајца многу значајни добитници на главните награди, македонскиот режисер Столе Попов и полско-американскиот директор на фотографија, Јануш Камински, верниот соработник на Спилберг, кои се обидоа да го испочитуваат фестивалот докрај, иако тој не ги испочитува ни нив, ниту пак себеси. Тоа што синоќа се одржа е благодарение на директорката Гена Теодосиевска, која на секаков начин се обиде достоинствено да го одбележи она што единствено и беше дозволено, замислете, едночасовно одбележување и ништо повеќе. Не дека во пациото на Завод и музеј Битоа не можеше да се одржи проекција на филм на Јануш Камински и на Столе Попов, но тоа едноставно ДФРМ не го дозволи, бидејќи нема пари за тоа, а желба најмалку. Толку понижувачки однос кон сè, кој Теодосиевска се обиде да го исправи договарајќи со МТВ денеска (недела) на програмата на јавниот сервис да оди филм на Столе Попов. Така што, вечерва гледачите ќе можат да го видат „До балчак“.
Дури и за сето она што на овој настан беше одржано и направено, како плакатот и сите други работи, беа барани спонзори и помагатели на фестивалот, затоа што ДФРМ уште на почетокот на годината процени дека пари за фестивалот нема да требаат. Тие побараа 800 илјади денари, колку што се разбира од Агенцијата и добија, пари кои не се доволни за ништо, ако се знае дека фестивалот минатата година имаше поддршkа од 8 милиони денари. Но, тие немаа потреба од пари, супер, се створи шанса да се земат што повеќе пари за продукција и за одбележување на 70-годишнината на ДФРМ, бидејќи тоа е поважно. Поважна е манифестацијата на ДФРМ „Златна рамка“, поважно беше да се издаде книга за филмски термини, поважно е сè (што може да донесе пари) од таму некој фестивал во време на корона, кога средствата нели, ни требаат за продукција на филмови, наместо да бидат залудно потрошени (како поинаку да ја сфатите оваа небулоза). Затоа и дојдовме до смешна ситуација, па фестивали кои се на самиот почеток, како Бич филм фестивал да добие исто пари, ако не и повеќе, колку и „Браќа Манаки“ оваа година. Но, кому му е тоа гајле и впрочем, зошто му се парите на „Браќа Манаки“? Кога самите филмски работници знаат дека пари за фестивалот годинава нема да им требаат.
Синоќа во пациото на Музеј и завод Битола дојдоа сите, претседателот, министерката за култура, градоначалничката на Битола, американската амбасадорка и други претставници на дипломатскиот кор, покажувајќи го својот респект кон овој фестивал. Зборуваа за важноста, за традицијата, за богатството, Јануш Камински за браќата Манаки рече, „какви изумители, какви иноватори, ја создале современата кинематографија“. Замислете, ние сме лулка на кинематографијата, но кога сте во ваква корумпирана земја до сржта, ќе имате вакви небулозни и понижувачки настани. Колку жално. Па дури, присутните се обидоа ова да го сметаат и за издание, дека со ваквиот настан се одржал 41 „Браќа Манаки“, трудејќи се да гледаат во иднината.
Но, пациото иако мал простор иако малку столици, сепак, беше доста празно. Битолчани официјално не се бунат, но донекаде покажаа став, односно немање ниаков интерес за оваа фарса. Знаеме дека и овој коментар нема да стигне каде што треба, па сепак, сметаме дека е многу важно да го има. Затоа што, некој во оваа толку неодговорна држава, сепак, знае што и како треба, и знае што и како се дозволува. Без срам и без ни малку совест. „Браќа Манаки“ ќе опстои, но со овие газди морам да кажам дека иднината навистина му е неизвесна. Се разбира, сè додека државата и политиката стојат зад ваквите непромислени одлуки и постапки. Бидејќи, да се дозволи вака да се понижи „Браќа Манаки“ кажува доволно, повеќе не е потребно!
Автор: Сунчица Уневска