Поетско-музичка вечер по повод 100 годишнината од раѓањето на Славко Јаневски во Кинотека
— 17 септември, 2020„Пат околу светот за еден век“ е насловен настанот со кој ќе се одбележат 100 години од раѓањето на писателот Славко Јаневски, којшто ќе се одржи утре, петок, 18 септември, во 20 часот во дворот на Кинотеката. Станува збор за поетско-музичко препрочитување на „Црни и жолти“ со групата ВИС „Тркалезна маса“ по повод 100 години од раѓањето на еден од основоположниците на современата македонска книжевност, а ќе биде прикажан филмот „Сонце зад решетки“ снимен во 1957, чиј автор на сценариото и режисер е Јаневски. „ВИС Тркалезна маса“ е група настаната во рамките на четириесетмесечниот поетски маратон „Астални проекции“.
Составот обединува писатели, музичари и уметници како Ана Голејшка-Џикова, Тома Димовски, Ѓоко Здравески, Васко Марковски, Деан Шкартов, Душан Кировски, Перо Сарџоски, Владимир Мартиновски, Ѓорѓе Јовановиќ, Круме Стефановски и Владимир Лукаш. Настанот го организираат ВИС „Тркалезна маса“, Фондацијата „Славко Јаневски“ и Кинотеката, влезот е слободен, но во согласност со протоколите за спречување на ширењето на ковид-19, настанот ќе биде со ограничен број гледачи, вкупно 91 место. Славко Јаневски e роден во 1920, почина во 2000. Тој и припаѓа на првата генерација македонски писатели по Втората светска војна, која ги постави темелите на современата македонска книжевност. Неговиот роман „Село зад седумте јасени“ издаден во 1952 е првиот роман објавен на стандарден македонски јазик.