Единаесетото издание на „МакеДокс“ ќе се одржи од 19 до 26 август во паркот кај МКЦ и во летното кино на Кинотеката на Македонија. За прв пат од своето постоење, нема да има проекции во Куршумли ан, локација по која се препознаваше фестивалот, беше како негов заштитен знак и којашто му даваше посевба убавина во летните августовски вечери. Поради целава ситуација со пандемијата со Корона вирусот, раководството на фестивалот не ги доставило на време документите во Агенцијата за филм, па сега се прават дополнителни напори да се изнајде решение од нивна страна и да го помогнат Фестивалот. Но, засега поради немање поддршка од Агенцијата за филм, раководството на Фестивалот реши да не се одржат проекциите во Куршумли Ан, бидејќи целата организација околу проекциите на филмовите бара пари. Фестивалот „Македокс“, за своето 11-то издание го одбра мотото, „Слеј се со тишината“, и ќе биде посветено на звукот и тишината. На слушање на наједноставното и најтешкото, и на поглед кон невидливото. Фокусот се става на поезијата во филмот – дизајнот на звук. Мото на фестивалот е „Слеј се со тишината“, според истоимената стихозбирка на Ацо Шопов од 1955 година.
Годинава фестивалот ќе се одржи во хибридно издание – ќе има проекции и настани во живо на отворен простор и настани што ќе се одржат он-лајн на интернет. Филмските проекции што ќе се одвиваат во живо паралелно ќе може да се следат и на интернет-платформа, што овозможува програмата да биде достапна низ целата држава. Поради пандемијата на коронавирусот годинава нема да дојдат гости од странство, но голем дел од авторите на филмовите на фестивалот ќе присуствуваат виртуелно. Планирано е он-лајн да се одвиваат дискусиите по филмовите, разговорите под смоква, како и мастеркласовите и работилниците.
– Покрај сите глобални случувања со пандемијата на коронавирусот, „МакеДокс“ успеа да го организира фестивалот со целата програма што беше замислена уште во 2019 година, пред појавата на вирусот – истакнува Дарко Набаков.
Постерите за годинашното издание прикажуваат микроскопски фотографии од кромидот, симболот на „Македокс“, ги изработи Самир Карахасан, а фестивалот изразува благодарност до Институтот за биологија при Природно-математичкиот Факултет од Скопје за отвореноста и соработка во изработка на визуелниот идентитет на фестивалот, како и до Фондацијата „Ацо Шопов“ за отстапувањето на авторските права за песната „Слеј се со тишината“.
Фестивалската програма ќе биде отворена на 19 август со проекција на документарните филмови „Спиењето на Макс Рихтер“ за композиторот Макс Рихтер и „Зборувај за да те видам“, портрет за Втората програма на белградското радио.
Селекторката на Главната програма и на категоријата „Нови автори“, Петра Селишкар, најави дека специфично оваа година ќе биде што на „Македокс“ се враќаат автори како Џон Апел, Хуберт Саупер, Томас Балмес и Младен Ковачевиќ. Филмови во главната програма се: „Епицентар“, „Испеј ми песна“, „Кога прашината ќе слегне“, „Колектив“, „Нашата временска машина“, „Само ѓаволот живее без надеж“, „Светиот татко“, „Спиењето на Макс Рихтер“, „Среќен Божиќ Јиву“ и „Фатени во мрежа“. Во категоријата „Нови автори“ има десет остварувања, а ќе се одржи премиера и на македонскиот документарец „Професорот“ на Јордан Дуков.
Програмата на кратки документарци содржи 15 наслови, а радува фактот што годинава пристигнале голем број остварувања на автори од регионот. Во рамките на оваа програма премиерно ќе бидат прикажани два македонски филмови „Нејзиното семејство“ на Елизабета Конеска и „Сите ќе умреме“ на Сашко Потер Мицевски. Студентската програма содржи 14 наслови. Детската програма ќе се одржи он-лајн, а се реализира во соработка со филмските фестивали „Ајс докс“ од Исланд, „Синедок Тбилиси“ од Грузија и фестивалот за анимирани филмови „Аниматека“ од Словенија.
Комплетната филмска програма, како и фестивалските жирија, може да се најде на фестивалскиот сајт: http://makedox.mk/mk/festival/filmska-programa/
– Земја во фокус на 11. МакеДокс е Кралството Холандија и во програмата се шест нови документарни остварувања. Холандските филмски документаристи не обработуваат само теми од „Ниската земја“. Напротив – своите филмски „бисери“ ги откриваат низ целиот свет како номади во потрага по скриени богатства. Со исклучителен документаристички сензибилитет, при што визуелните глетки на неверојатно функционален начин се надополнуваат со звучниот фон (музиката, природните звуци, говорот, тишината), овие автори го создадоа и го создаваат еден од најзначајните документаристички филмски опуси за човековата цивилизација – истакна селекторката Петрула Вељановска. Програмата е поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. По премиерата на документарниот филм „Кога прашината ќе слегне“, холандскиот режисер Џон Апел на 22 август он-лајн ќе одржи и мастер клас, што ќе може да се проследи преку платформата „Зум“.
Во тек е работилницата за дизајн на звукот „Звукот го обликува филмот, филмот го обликува звукот“ со Владимир Ракиќ (1974, Нови Сад), композитор и дизајнер на звук кој, по потекло е од Србија, а веќе 20-ина години живее и работи во Амстердам. Работилницата ќе биде презентирана он-лајн на 20 август.
Во рамките на 11.МакеДокс се одржува второто издание на форумот МакеКоПроДокс, кое се реализира со поддршка од програмата Креативна Европа – МЕДИА Деск МК.
– Форумот целосно се одржува он-лајн. На 5 и 6 август имаше состаноци помеѓу регионалните филмски фондови. На 6 август се одржа и работилница за пичинг за 10-те проекти што се одбрани да бидат дел од форумот. Вториот дел од форумот ќе се одржи за време на фестивалот. На 20 август ќе има презентација на резултатите од работилницата за звук, додека на 24 и 25 август ќе продолжат он-лајн активностите на форумот – информира Сара Ферро.
На фестивалот ќе има и две дебати – за сексуална злоупотреба на 23 август, базирана на чешкиот филм „Фатени во мрежа“ од Вит Клушак и Барбора Чалупова, како и дебата за детската програма на документарни филмови на 26 август. На втората дебата ќе биде презентирана и мрежата „ФестДоксНетворк“ составена од фестивалите ДОК.фест Минхен (Минхен, Германија), ДоксБарселона (Шпанија), МакеДокс (Скопје, Северна Македонија) и ФИПАДОК (Биариц, Франција).
Годинава фестивалот „МакеДокс“ е коорганизиран во соработка со Младинскиот културен центар и Кинотеката на РСМ. Фестивалот е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Софија.
Фестивалот „МакеДокс“ за своето 11-то издание, се уште, нема добиено поддршка од Агенцијата за филм на РСМ. Станува збор за проблем од административна природа што се провлекува неколку месеци наназад. Поради виша сила фестивалот задоцни четири работни дена со својата апликација за поддршка од Агенцијата. Правното решение се чека веќе седум месеци. Без поддршката „МакеДокс“ мораше да се откаже од своето фестивалско гнездо – објектот на Куршумли ан, како и од платото пред Музеј на Северна Македонија. Фестивалот има одобрување за користење на двата простори од институтот „Јунус Емре“, Музеј на Северна Македонија и Археолошки музеј на РСМ.
– Причината е наш административен пропуст, кој во изминатите седум месеци и покрај заложбите на директорот, администрацијата и членови на Управниот одбор на Агенцијата, дел од Управниот одбор одбива да го разгледа и да изнајде решение. Овој деградирачки пристап кон работата и значењето на фестивалот, кој е оставен без финансии во време на пандемија во која успеа да ја подготви својата програма во целост, придонесе истата да не може да биде реализирана според првичните планови. Токму затоа, оваа година принудени сме да го оставиме Куршумли ан во тишина, со надеж дека ќе се вратиме од следната година со третман и поддршка каква што „МакеДокс“ заслужува – нагласува Дарко Набаков.
Фестивалот „МакеДокс“ годинава нема да има официјално отворање, а на 18 август ќе се одржи едночасовно „слевање со тишината“ во Куршумли ан без филмска проекција, а според мотото „Слеј се со тишината“. Билетите за проекциите во он-лајн продажба ќе бидат пуштени на 17 август, понеделник, преку мрежата mktickets.mk.
Медиумски покровители на 11.МакеДокс се: МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Плус Инфо, СДК.мк, МКД.мк, Офф.нет, Окно, Е-магазин, Плагиј.ат, Его, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Музичко радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Гледај.мк, Лице в лице, Види Вака и ПопАп.
Проекциите и настаните на отворен простор ќе се организираат согласно протоколите за заштита од коронавирусот ковид-19:
– задолжително носење заштитна маска за време на целиот настан
– мерење температура при влезот во фестивалските простори
– одржување на растојание од 1,5-2 метри
– дезинфекција на рацете пред и по одржувањето на проекциите и настаните.