Култура

„Парадоксикон“ е наслов на новата книга од Томислав Османли

Во издание на „ВиГ Зеница“ од Скопје пред извесно време се појави збирката раскази и новели, необично насловена „ПараδΩξicoN“ поточно „Парадоксикон“, инаку најнова книжевна творба на писателот Томислав Османли. Таа го носи поднасловот „фантазии, очудувања, каприча, фарси и гротески, парадокси во проза“. „Парадоксикон“ на Османли се појавуваат како четиво со жестоки, книжевно впечатливи критички набои. Дванаеетте, главно долги прози, без задршка шибаат по современата отуѓена стварност.

„Станува збор за книга чија појава силно ќе прозвучи во новото македонско литературно творештво – вели писателот и издавач Глигор Стојковски и додава – Авторот на „Парадоксикон“ ги открива гротескните и фантастични суштини на современото секојдневие соголувајќи ги актуелните начини на отуѓување. Тој живописно, комично и едновремено горчливо говори за деперсонализацијата, егоизмот, сексизмот, меркантилноста, профитерството, социопатијата, консумеризмот…поконкретно – за парцијализираното, некомплетно, осиромашено, на пати и крајно извитоперено, тажно „човекување“ на индивидуата во современото пред сѐ наше, но и универзално општество.

Расказ по расказ, во се’ посилна и повпечатлива низа од сатирични доживувања и ситуации Османли ги гради своите книжевни согледби како светови на драстични растојанија колку од моралот, толку и од логичната реалност. Главни јунаци на оваа силна и енергична прозна книга се осамени личности препуштени на нивните судбини, карикатурално и живо насликани ликови, но и тревожни ситуации на современата општествена стварност кај нас, а во текот на слоењето на густиот наратив во најновата прозна книга на Османли, ќе се покаже, и во современиот, длабоко истравматизиран светски човек.

„Ова време – вели авторот Томислав Османли – произведува нови форми на отуѓувања и на изневерувања на човечката индивидуална и колективна сушност. Протагонист на нашава современост се гротескни ликови: поделени, испарцелизирани, испратикуларизирани, испартизирани единки кои ја живеат таа своја егистенцијална морална трагедија – парадокално – како поднослива драма. Без оглед што самото тоа постоење е полно со гротескна фантастичност, и со персонални и колективни каприци. За нив веќе пишував во моите претходни збирки раскази „Каприча“ и „Океан од слики“, меѓутоа сега тие слики се крајно изострени, претставени без анестезија, во нивната травматична суштина, како колективни и иднивидуални парадокси.

Во драматичниот домашен и светски „карневал на парадоксите“ за кои, од проза во проза, зборува овој писател, стојат исклучително оригинално, сочно, стилистички и јазично ослободено раскажани прози. Нивниот јазик е раскошен: варира од високо интелектуален до богато колоквијален, дијалектен, народски, интелектуален, но и опсецен. Наративите на оваа особена книга се еминентно прозни, а на пати спонтано се прелеваат во еден вид богат и драматичен белетристички есеизам кој ги бише границите меѓу жанровите и спонтано преминува од едниот во другиот. Конкретно, прозите на „Парадоксикон“ се повести за современите бегалци – светски талкачи од Блискиот Исток, за домашни правно невидливи лица, за исчезнати луѓе заталкани во некоја субјективна и подобра реалност, за бебиња најдени во контејнери, за една дезинтегрирана и неемпатичка цивилизација која им робива на потрошувачките вредности и на личното „ego“ од секаков вид, од меркантилниот, сексуалниот, властољубивиот, до административниот.

Книгата „Парадоксикон“ на Османли е критика која доаѓа како сила на отпорот, токму од спротивниот етички пол, од неотуѓениот и човекољубив морал на еден интегрален и интегриран карактерен и литературен идеал. Објавувањето на оваа книга во издание на „ВиГ Зеница“ е подржано од Министерството за култура во рамките на Годишната програма за остварување национален интерес во културата во 2020 година.

Автор:

Слични статии