Сара Климоска ја игра улогата на Донка, една од трите главни женски ликови во филмот „Врба“ на Милчо Манчевски, премиерно прикажан на фестивалот во Рим, а од први ноември почна да се прикажува и кај нас во земјава. Пред две и пол години дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на Сузана Киранџиска и Кристина Леловац. Нејзината кариера вртоглаво оди нагоре како резултат на бројни остварени улоги во наши и странски филмови. Бидејќи интервјуто го правиме непосредно пред премиерата на филмот, таа е целосно обземена од чувството на исчекување на реакциите од домашната публика.
Сцена од „Врба“ „Истражувам и размислувам до моментот кога треба да се снима, до последната секунда пред кадарот“
„Мислам дека македонската публика е доста критична особено за македонски продукти и затоа едвај чекам да помине премиерата и да ги чујам сите коментари и добри и лоши, се разбира. Секогаш има и издржани и неиздржани критики, но, мене најмногу ме интересираат оние аргументирани коментари што го критикуваат филмот или улогата со сета нејзина комплексност. Исто така, многу ми е важно мислењето на одредени луѓе кои ми се блиски и кои знам дека секогаш биле искрени кога ги споделувале своите впечатоци, вели Сара Климоска.
Филмот „Врба“ имаше одлична премиера во Рим, беше одлично прифатен и од публиката и од критиката. Како ја доживеавте вие премиерата?
Навистина е огромен притисок да се има премиера на еден филм во кој многу се верува. Прекрасниот процес што го доживеав за време на подготовките и снимањето на филмот ми создаде големи очекувања за филмот, а со тоа доаѓа и притисокот. Овој притисок се зголеми со тоа што имавме премиера на еден голем фестивал со ите каква селекција и конкуренција, со ите каква фестивалска публика што има високи критериуми за филм. После проекцијата на филмот, имаше длабока тишина од можеби 15 секунди, кои мене ми траеја цела вечност, бидејќи не бев свесна што се случува во таа тишина, во тие моменти ми се мешаа мислите во главата, постоеше голема неизвесност. Но, кога почна аплаузот си реков добро е. Аплаузот траеше околу пет минути. Бев горда на себе и на целата екипа, работевме макотрпно на овој проект, се носевме со сите работи што ни се случуваа за време на снимањето во Скопје, Штавица, Мариово. На крај кога помина сето тоа, сфатив дека таа тишина беше најдрагоцена бидејќи луѓето се соземаа од емоцијата што филмот им ја создаде.
(Спомнавте дека очекувањата ви биле големи!? Зошто, која е причината?
Бидејќи процесот на работа на овој филм беше неверојатен, многу ветуваше, соработката со режисерот Милчо беше одлична, како и соработката со актерите, особено со Никола, мојот партнер во филмот, исто така беше извонредна соработката со целата екипа, и кога се има еден прекрасен процес, се насетува резултатот и очекувањата се секогаш поголеми. )
Како дојде до твое ангажирање на овој филм?
Имаше отворен повик за кастинг на кој беа повикани сите актери од цела Македонија па и актери кои не се професионалци. Од почетокот не се пријавив на кастингот бидејќи во тој датум кога се оддржуваше јас бев надвор од Скопје со работни обврски. Меѓутоа Милка Анчевска, кастинг директорот на овој филм, ми прати мејл во кој ми укажа дека имам опција да го направам кастингот сама и да и ја пуштам снимката. Потоа за вториот круг веќе бев присутна, па следуваше трет, четврти… Не сум точно сигурна колку беа, но сигурно беа повеќе од 6. Кастингот беше долг процес. Ја испробував улогата на Родна, па се враќав на Донка, па испробував различни текстови со различни партнери. Беше долг и убав процес од четири месеци. На крај ми соопштија дека ја добив улогата на Донка и дека мојот партнер ќе биде Никола Ристески, со кој бевме во иста класа и заедно дипломиравме. Кликнавме со Никола многу добро бидејќи од прва година на факултет најчесто се погодувавме како партнери на сцена и најчесто игравме љубовници. Затоа и кога отидовме на кастинг кај Милчо, првпат како партнери, мислам дека клучно беше дека ние многу добро се познаваме, сме играле на сцена многу често и тоа беше пресудно кастингот да биде подобар. Сметам дека тоа беше клучно зошто Милчо нас не одбра како партнери.
На прес конференцијата по повод премиерата на „Врба“ кај нас, спомнавте дека многу сте субјективна кога ги гледате вашите улоги на екранот. Колку сте задоволни од она што се барало од вас и она што сте го постигнале?
Сметам дека себекритичноста е една од најважните особини во оваа професија. Само така може да се напредува. Кога се гледам себе си, не можам да бидам објективна, но знам да се навратам на моментите кога се снимила таа сцена и имам одреден репер за тоа кои кадри сметам дека биле подобри. Меѓутоа она што не е во контрола на актерите е монтажата, каде одлучуваат режисерот и монтажерот. Е тука е клучот на довербата меѓу актерите и режисерот. Милчо е феноменален режисер, кој го вади најдоброто од сите глумци и на сет и во монтажа.
Која е Донка, ликот што го играте?
Донка е силна и храбра жена која што преоѓа преку се и преку сите за да ја оствари нејзината најсилна и најискрена желба да стане мајка. Но она со што не може да се бори и не е во нејзина контрола е судбината.
Првиот твој долгометражен филм, во кој улогата беше мала но впечатлива, беше во филмот „Џган“. Имаше ли и други улоги пред „Врба“ ?
Оваа година учествував на Берлинале талентс каде што учествував на работилници кои ги држеше Жон Луис Родригес кој што работи како приватен тренер по глума за многу големи актерски имиња. Додека бев таму, бев повикана на кастинг за еден германски филм. Откако се вратив дома ми соопштија дека сум ја добила улогата и ова лето се одржа снимањето на филмот во Берлин. Јас бев единствена од Македонија што работи на проектот. Насловот на филмот е „Нико“ и се очекува дека премиерата на тој филм ќе биде наредната година. Веќе четврта сезона играм во детската серија „5+ фамилија“, а почнав кога бев втора година на факултет. Многу сум среќна што соработував со Горан Столевски на краткометражниот филм „Види ја ти неа“ и горда сум на наградата што ја добивме на „Санденс“.
Ова лето добивте улога во српскиот сериски филм „Сенки на Балкану? Како дојде до оваа соработка, кој лик го играте таму?
Соработката дојде како резултат на контактите што ги градиме во текот на нашата работа. Станува збор за љубовна приказна помеѓу една млада Македонка и еден Србин којашто на крај завршува трагично. Во филмот јас сум ќерка на Петар Арсовски и ќерка на Ѕвезда Ангеловска, а играат и Петар Мирчевски и Аксел Мехмед. Серијата е во режија и продукција на Драган Бјелогрлич. Премиерата на „Сенки над Балкану“се поклопува со премиерата на „Врба“ и многу ми е жал што не можам да присуствувам.
Имавте и други улоги во странски филмови!
Да, во септемврито имав премиера на филмот „Sable Noir“ или „Црн песок“ што го снимив во Франција во режија на Танос Троубокис. Имав одлично искуство со целата екипа таму и сите се држевме добро, бидејќи условите на снимање беа екстремни. Филмот се снимаше во зима во најсеверните точки на Франција, во Данкирк и Лил. Во овој филм зборувам француски. На почетокот режисерот помисли дека сум Французинка, но потоа сфати дека не го зборувам така добро францускиот, па уфрли една реплика, во која се објаснува дека јас не сум од Франција. Премиерата се одржа во Драма, Грција, каде присуствував заедно со режисерот. Филмот сега почнува да патува на фестивали и се надевам дека ќе освојува награди. Тоа беше мојот прв филм каде што зборував на јазик кој што не го познавам. Потоа снимав и филм со турскиот режисер Сердар Акар каде што зборував на Турски, јазик што исто така не го познавам.
Иако е рано, дали очекувате дека филмот „Врба“ ќе ви ги отвори вратите за идните ангажмани надвор од земјава?
Откако се вратив од Рим, добив повик од интернационален кастинг агент што би ме застапувал во иднина. Ова е многу важно бидејќи на Балканот многу ретко има кастинг агенти, а филмската индустрија функционира само со кастинг директори. Со ова, се надевам дека ќе имам можности за нови соработки и надвор од Македонија.
Ти си млада актерка, со кариера којашто многу брзо оди по нагорна линија? Дали си задоволна од себеси, од она што го постигна како искуство, а се добива само преку работа на одредени улоги?
Секој нов филм, театарска претстава, телевизиска серија итн… ми носат нови искуства кои се драгоцени. Никогаш нема да бидам комплетно задоволна од себе, бидејќи секогаш е присутно чувството дека можам повеќе и подобро, но секако дека секое искуство ми дало одредено знаење кое што е многу корисно за следни проекти. За мене секогаш е поважен процесот отколку резултатот и во секој проект влегувам од нула и секогаш сум отворена за новини. Истражувам и размислувам до моментот кога треба да се снима, до последната секунда пред кадарот.
Зошто одбравте да бидете актерка?
Немам некоја инспиративна приказна за тоа како станав актерка. Пред да се запишам на ФДУ, се занимавав со танц, и планирав да запишам балет, но сестра ми ме премисли, ме испровоцира да пробам на глума. После првиот приемен испит, сфатив дека ова е најточната професија за мене.
За крај, кое прашање би го издвоиле, од прашањата што ви беа поставени по премиерата во Рим?
Многу често ме прашуваа какво е чувството да играм мајка, а не сум мајка. Глумата се базира врз имагинација и интуиција. Ако треба да играм убиец, не значи дека треба да убијам за да го дознаам чувството. Јас најчесто се потпирам на интуицијата бидејќи до сега се докажала како најточна. Анализата и истражувањето помага во доразвивање на актерската интуиција.
Интервјуто првично е објавено во Филм+ во октомври 2019