ОФФест од јуни се преместува за наесен
— 18 мај, 2020Деветнаесетотто издание на ОФФест, коешто беше закажано за 2 до 6 јуни, е одложено за наесен, а за новите датуми, организаторот ќе информира дополнително.
„Настаните околу коронавирусот молскавично се развиваа, налагајќи ја потребата од итни чекори за запирање на ширењето на пандемијата. Оттаму, принудени сме да го поместиме планираниот термин“, велат од фестивалот. Претходно, од поголемите културни настани, што требаше да се одржат во април, беа откажани Скопскиот филмски фестивал и Танц фест Скопје, чие што одржување исто така беше најавено за наесен.
Онаку, организаторот на ОФФест најави богата и амбициозна програма со најдобрите и најактуелни имиња на светската музичка сцена.
Стогодишнината од раѓањето на Amália Rodrigues требаше да го одбележи концертот на извонредното дуо Lina_Raül Refree (Португалија/Шпанија) коешто испорачува осовремено и надградено фадо, музика што ги надминува старите традиции и географски одредници, а по овој повод беше планирана и проекцијата на документарниот филм „The Art of Amalia”, посветен на култната кралица на фадото.
Соработката меѓу иранскиот добитник на Греми, неприкосновениот мајстор на инструментот кеменче Kayhan Kalhor и виртуозот на турската баглама Erdal Erzincan, исто така е влезен во програмата за оваа издание на фестивалот. Тука е и волшебната пејачка и раскажувачка Silvia Pérez Cruz (Шпанија) е позната по својот интимен, сензуален, заводлив и длабоко возбудлив настап.
Уникатната сестраност на Maria Mazzotta (Италија) совршено одговара на неодоливиот шербетски вкус на домашната Baklava (Македонија). Величествената моќ на еден од најинвентивните и најоригиналните африкански кантавтори Blick Bassy (Камерун/Франција) во комбинација со фуриозниот highlife funk и afrobeat на Santrofi (Гана) создаваат услови за беспрекорна африканска вечер.
Фасцинантниот електро-психоделичен музички огномет на колумбиските тропски велемајстори Los Pirañas одлично се вклопува со источноафриканската ретро-поп визија на Alsarah & The Nubatones (Судан/САД). Тука се и диџеите од колективот Mawimbi (Франција), коишто со своите страсни афро-ориентирани музички сетови, успеваат да го одржат танцовиот подиум хиперактивен до раните утрински часови.