Култура

„Медена земја“ беше победена од „Американска фабрика“ и „Паразити“ на 92. доделување на „Оскарите“

На синоќешното 92. доделување на наградата  „Оскар“,  нашиот филм кој беше номиниран во две категории, за најдобар документарец и најдобар странски филм, не доби „Оскар“ во ниту една категорија на доделување на најпрестижната филмска награда кое се одржа во театарот „Долби“.  Сите наши очекувања  беа дека нашиот најуспешен филм досега, ќе го добие „Оскарот“ за најдобар документарец, но беше „победен“ од  „Американска фабрика“ на  Џулија Рајхерт, додека  јужнокорејскиот филм „Паразити“,  доби „Оскар“ за најдобар странски филм како и уште три „Оскари“ и стана прв странски филм со освоени четири „Оскари“. За најдобар странски филм беа номинирани и филмовите,  „Корпус Кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција и „Болка и слава“ од Шпанија.

Примајќи ја наградата за најдобар странски филм, режисерот Бонг Џон Хо изјави дека му претставува особена чест што се први во преименувањето на наградата: од филм од неанглиско говорно подрачје стана награда за најдобар странски филм, и рече дека поддржува што Академијата внесува новини во категориите. Корежисерката на „Американска фабрика“, Џулија Рајхерт, им се заблагодари на сите номинирани во оваа категорија, споменувајќи го и „Медена земја“ и Македонија. 

Екипата на филмот на својот фејсбук-профил се заблагодари за поддршката.

– Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет, на универзалниот јазик на кинематографијата. Не можеше да се предвиди дека нашиот филм ќе влезе во историјата на Македонија и во историјата на номинациите за „Оскар“. Би сакале да ѝ се заблагодариме на нашата водечка ѕвезда, Атиџе Муртова, што ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет. Филозофијата на Атиџе ‒ земи половина, остави половина ‒ е едноставна, но длабока. Тоа е порака во која може да се пронајде секоја публика. Горди сме што сме гласниците на таа порака“.

 

 

 

Автор:

Слични статии