Седумдесет и пет години од основањето на МНТ
— 31 јануари, 2020Годинава, Македонскиот народен театар прославува 75 години од неговото основање. Имајќи ја зад себе традицијата на патувачките и општинските театри и театрите на други јазици, во Македонија во средината на четириесеттите години започнуваат да се основаат првите професионални театри на македонски јазик. Прв од нив е Македонскиот народен театар.
Со своите први чекори го започна патувањето на огромниот број претстави кои се на неговиот репертоар, актерите кои играат со постојана страст и емоција, режисерите кои создаваат дела за кои се зборува, авторите низ чии зборови се раскажува за животот и сите личности зад сцената кои неуморно прават сѐ да се одржи магијата.
По ослободувањето во 1944 година, веќе афирмираните македонски театарски дејци продолжуваат активно да се занимаваат со театар. Се сместуваат во различни општински згради и институции, организирано подготвуваат драмски претстави, патуваат низ Македонија и го развиваат и го обновуваат театарскиот живот на ново ниво, со примарен центар во Скопје. На тој начин се поставуваат темелите на Македонскиот народен театар. Во аналите на историјата и на меморијата останува правото за создавање на рамноправен член на големата театарска заедница и податокот за решението на Президиумот на АСНОМ (бр. 581/45) од 31 јануари 1945 година – за основање на Македонскиот народен театар.
Работи во тогаш единствениот театарски објект во градот, кој е изграден на иницијатива на Бранислав Нушиќ – од левата страна на Вардар, каде што е денешната местоположба. Изникнува од сценската активност на група актери и уметници како дел од партизанскиот театар во текот на војната и социјалистичката револуција, и тогаш најпознатата културно-уметничка група „Кочо Рацин“, за да стане јадро на театарската дејност. Станува прв национален македонски професионален театар. За директор е поставен режисерот Димитар Ќостаров, а актерот Илија Милчин за секретар-драматург, а веднаш потоа и за актер. Потребата да се игра на професионална сцена и да се говори на сцена на својот јазик ја почувствуваа веднаш примените актери: Петре Прличко, Тодор Николовски, Крум Стојанов, Трајко Чоревски, Мирко Стефановски, Благоја Црвенков, Вера Вучкова, Тодорка Кондова, Тома Кировски, сценографите Томо Владимирски и Василие Поповиќ – Цицо и повеќе сценски и административни работници. Уште пред официјалното формирање, тие го започнуваат патувањето на МНТ кон крајот на 1944 година со рецитирање поезија и изведба на едночинките: „Еден е патот“, „Нашето девојче“, „Љубов и долг“, „Гардиското знаме“ и „Силата на љубовта“, сите во режија на Димитар Ќостаров.
Основањето на МНТ како законски конституирана национална установа е надоврзување на патувањето кое го започнаа: Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Војдан Чернодрински, Петре Прличко и Димче Трајковски. Продолжи на 3 април 1945 година со првата премиера „Платон Кречет“. Оттогаш Македонскиот народен театар и понатаму патува и сведочи за раѓањето, растежот и сегашниот миг на Македонскиот народен театар, кој создаде свое место во земјата и на мапата на некогашна Југославија, Европа и светот.