Култура

Заминувањето на музата на Годар

Ана Карина беше една од иконите на францускиот нов бран. Почнала како муза на големиот Жан Лик Годар, кај кого имала улоги во филмовите „Жената е жена“, „Bande à part“ и „Alphaville“… Тоа ѝ ги отворило вратите за соработка со други режисерски великани во чии филмови исто така остварила забележителни улоги.

„Младоста е склона кон претерување, но Жан Лик…тој навистина претеруваше“, рече славната актерка, Ана Карина, за тој анфан терибл на францускиот нов бран и нејзината некогашна љубов, Жан Лик Годар. Карина со Годар снимила осум играни филмови, а се раскажува дека режисерот ја видел Ана во реклама за „Палмолив“ и се обидел да ја уфрли во филмот „До последен здив“, но таа ја одбила улогата заради сцената во која требало да се соблече. Неколку месеци подоцна, Годар ѝ понудил друга улога и потоа се венчале (1961).

Подоцна кариерата ја продолжила со улогите кај Лукино Висконти, Тони Ричардсон и Жак Ривет. Многу години подоцна раскажувала: Тоа беше навистина прекрасна љубовна приказна со Годар, но на многу заморен начин за млада девојка, зашто многу отсуствуваше. Ќе кажеше дека оди по цигари, а ќе се вратеше по три недели.“

Кога првпат го сретнавте Годар?

Тој ме замоли да учествувам во „До последен здив“. Рече: „Мора да се соблечеш“. Не сакав да се соблечам, а тогаш тој ми рече: „Но те видов во реклама за сапун!“ Му кажав дека морав да заработам пари зашто немав, бев многу млада. И му кажав: „Не бев гола. Тоа е само твојата фантазија. Си видел рамена, но имав наметка“. Си отидов и, се разбира, не го снимав филмот. По три или четири месеци, добив нова телеграма од компанијата на Годар; ме поканија да се вратам за поголема улога во филмот. Мислев дека е шега, па телеграмата ја покажав на некои свои пријатели кои ми рекоа: „Мора да си луда; Сите го познаваат Годар, неговиот филм уште не излегол, се вика „До последен здив“ и сите велат дека ќе биде фантастичен. Треба да се сретнеш со него“. Ги прашав дали е тоа типот со темни очила? Зашто беше многу чудно момче.

Па се вративте на втора аудиција?

Да, отидов да видам за што се работи, Годар само ме погледна од горе до доле и ми рече: „Во ред, ја имаш улогата. Можеш да дојдеш утре и да го потпишеш договорот.“

Само така, без аудиција или нешто слично?

Кажав дека тоа не можно. Тој рече: „Што е сега пак? Првиот пат рековте дека не сакате да се соблечете“. Повторно прашав дали ќе мора да се соблечам за тој друг филм. „Не, не, тоа е политички филм“, рече тој, „можеш да дојдеш утре и да го потпишеш договорот.“ Јас реков: „Не можам.“ Повторно праша што не е во ред. Му објаснив дека сум малолетна и дека имам само 18 и пол години. Рече дека тоа не е проблем и дека можам да дојдам со својата мајка или татко и да го потпишам договорот. А јас му реков „Не можам!“ „О ла, ла што е сега?“ „Мајка ми живее во Данска, во Копенхаген!“ Рече: „Тоа не е проблем, јавете се на вашата мајка од овде, од канцеларијата и замолете ја веднаш да дојде“. Така, се јавив и кажав „Мамо, јас снимам политички филм со Жан Лик Годар, мора да дојдеш да го потпишеш договорот“. Мислеше дека лажам, па ја спушти слушалката. Но дојде следнот ден, иако во животот никогаш не летала со авион. Дојде во Париз и го потпиша договорот.

Кога ја почнавте врската со него?

Малку по малку почнавме да се привлекуваме. Имавме нешто посебно од кое не можеш да се извлечеш. Беше магнетски привлечен. Сè почна со тој филм, „Le Petit Soldat“. Сите вечеравме во Лозана (со екипата), кога ми ја напиша пораката „Те сакам, дојди на полноќ да се видиме во кафулето Café de la Prez”. Бев со моето момче, но тоа не го спречи, одеднаш одлетав во некој целосно поинаков свет. Не знам дали го разбирате тоа. Не можев да останам таму. Бев сосема фасцинирана. А тогаш ги изгубив сите пријатели бидејќи сите го симпатизираа моето момче повеќе отколку Годар. Кога тоа утро стигнавме во Париз, Жан Лик ме праша: „Па каде одиш сега? Каде да те однесам?“ И му реков: „Не можеш никаде да ме однесеш, морам да останам со тебе! Немам веќе каде да одам!“

Значи „Le Petit Soldat“ беше вашата голем почеток во филмската работа?

„Le Petit Soldat“ беше забранет во Париз. Го немаше во кино салите. Беше забранет зашто зборуваше за Алжирската војна. Значи, беше како ништо да не сум работела. Но тој беше прикажуван на приватни проекции и друг режисер ме виде во тој филм и ме стави во својот прв филм. Тој прво го праша Жан Лик, се разбира, зашто Жан Лик се грижеше за мене. Сè уште бев малолетна.

Дали Годар некогаш беше љубоморен кога работевте со други режисери?

Да, беше многу љубоморен! Ќе ми речеше: „Како ќе ги изговараш овие реченици? Тоа е комедија, никогаш нема да можеш тоа да го направиш. А кога ќе завршеше филмот, ќе прашаше: Кога ќе биде тој филм?“ И кога го погледна ми рече дека мисли дека сум била добра. Потоа ме праша дали сакам со него да го работам филмот „A Woman Is a Woman“.

Каква беше соработката со него кога бевте во брак?

Првиот ден бев многу нервозна, колената ми се тресеа! Но зашто ги видов Жан Пол Белмондо и Жан Клод Бриали, две ѕвезди! Ама тие беа толку фини што по половина час сè беше во ред. Потоа се венчавме. Сè уште бев малолетна; имав 19 и пол години. Жан Лик и понатаму ги потпишуваше моите договори. Морав да имам некого за да потпишува.

Дали беше премногу заштитнички настроен?

Многу ме научи. Ми кажа кои книги треба да ги прочитам. Ме водеше во кинотеката. Отидовме во Лондон да го видиме Кармен Џонс од Ото Премингер, кој беше забранет во Франција.

Рековте дека тој исчезнувал на подолг период. Дали барем ви кажувал каде заминал?

Не, зашто во тоа време ако не седите покрај телефонот цело време, не можете да стапите во контакт. Помислував на сè, дека доживеал некоја несреќа, дека можеби отишол со некоја друга жена, не знам!

Што правевте во меѓувреме?

Чекав! Што можев да направам? Седев и чекав, но многу работев и без Жан Лик. Тогаш сфатив дека понекогаш одел да се види со Роселини во Италија, или ќе одеше кај Ингмар Бергман, или понекогаш одеше во Њујорк да го види Вилијам Фокнер. Секаде имаше пријатели, само ќе заминеше. Секогаш со него го носеше пасошот. Секогаш можев да видам од каде се враќа според печатот во пасошот и бидејќи секогаш ми носеше мал подарок.

Дали некогаш вие така сте заминале?

Не, зашто кај него беа чековите и сето тоа. На жените не им беше дозволено да напишат чек сè до 1967 година, мислам. Тоа беше друг свет. Бев премногу млада. Не разбирате. Жените немаа право во кој било момент нешто сами да направат – само да умрат.

Како се чувствувате што вашето минато е толку поврзано со Годар?

Тоа беше подарок. Ми даде сè. Бев многу среќна зашто бев поинаква личност со секој филм, со сите различни ликови. Но тоа беа негови идеи. Многу сум му благодарна и секогаш ќе му бидам благодарна. Се разбира, беше тешко да се живее со таков тип зашто тој беше посебен човек, знаете?

Кога последен пат разговаравте со него?

Ох, поминаа многу, многу години. Рече дека не сака да се види со никого. Сето тоа е стара приказна, рече тогаш.

Ана Карина беше инспирација за Годар, негова приватна страст и негова јавна игра (понекогаш и обратно). Се венчаа во 1961, се разведоа во 1965 година. Заедно снимија осум филмови од „Le Petita Soldata“ до „Made in USA“. Овие улоги ја изградиле Карина, иако може да се каже дека и таа ги изградила нив. Каков и да бил Годар, ѝ бил потребен на Карина, и таа го пронашла. Можеше да биде и глупа и напната, прекрасна, и скршена, но таа беше слободниот дух на францускиот нов бран, со сите лузни што ги подразбира таа позиција. „Во мојот живот имаше многу подеми и падови. А знаете, падовите беа многу ниско“, вели таа.

Годар ја опишал како „жена акција“, активен соработник на раните филмови. Меѓутоа, нејзиното минато е полно со борба и преживување. Родена во Данска, четири години поминала во хранителско семејство, а потоа на 17 години стигнала во Париз. Го молела свештеникот од соседството да ѝ најде место да преспие, а потоа учела француски гледајќи филмови во кино. Ја забележал ловец на таленти, па почнала со манекенска работа за Кока кола, Пјер Карден и сапунот Палмолив. Тогаш нејзиното име сè уште било Хан Карин Бејкер. Дизајнерката Коко Шанел ја советувала да го промени името во некое што ќе звучи подраматично.

На почетокот на 1960-ите години, Карина играла про алжирска активистка во филмот „ Le Petit Soldat“ и добила награда на Берлинскиот филмски фестивал за „Une Femme est une Femme“. Таа и Годар станале најбараната двојка во градот, ги славеле каде и да отидат. Звучи како бајка, но стварноста се претворила во кошмар.

„Актерот е во постојан грч, тоа е вистински кошмар. А во бракот понекогаш не можев да го разберам неговото однесување. Ќе ми речеше дека излегува да купи цигари и се враќаше три недели подоцна. Во тоа време како жена немавте чекови, немавте пари. И седев сама во станот, без храна.“

Сето тоа звучи доволно лошо. Но прелистувајќи ги написите за Карина во весниците, пронаоѓаме референци на неверност, хировитост, преголема употреба на барбитурати. „Вистина е, имав лоши времиња. Се венчавме зашто бев бремена. А потоа го изгубив бебето. Подеми и падови. И кога дојде филмот „Bande à Part“ бев навистина во лоша состојба. Не сакав веќе да живеам. Се обидов да извршам самоубиство, па ме испратија во санаториум. Воопшто не бев луда. Психоаналитичарот ми помогна да се извлечам. Потоа дојде Жан Лик и ми рече „Утре ќе снимаш“. Тој филм веројатно ми го спаси животот.

Карина сакала да глуми. Нејзиниот живот бил константна реинвенција. Во 1972 година престанала да пишува и режира. Напишала три романи и го продуцирала контроверзниот филм „La religieuse Jacques Rivette“.

 

 

 

 

Извор:XXZ magazin 

Автор:

Слични статии