Нова книга за македонскиот филм, „Македонска сага“
— 10 декември, 2019Во издание на „Аквариус“, излезе од печат новата книга на новинарката и филмска критичарка, Сунчица Уневска, насловена „Македонска сага“. Станува збор за уште една книга со рецензии, како нејзината претходна „Седмиот печат“, но овој пат посветена целосно на македонскиот филм. Имено, ова е прво издание за македонскиот филм кое го опфаќа периодот од осамостојувањето на нашата земја па сè до денес, период на т.н. современ македонски филм или независна македонска кинематографија.
Во книгата се поместени рецензии за 45 македонски филмови, почнувајќи од „Македонска сага“ (1993) на Бранко Гапо, па сè до „Втора шанса“ (2019) на Марија Џиџева. А покрај рецензиите, Уневска прави и избор на новинарски текстови и коментари кои зборуваат за состојбата со филмот во одредени временски периоди, како и текстови за филмови кои на свој начин го одбележале времето во кое се појавиле. На тој начин оваа книга не е само збир на филмски рецензии, туку се претвора и во своевидна хроника на времето во последниве триесеттина години, која на овој начин за првпат го опфаќа споменатиот период на создавање во филмската дејност.
„За разлика од порано, тоа е доста турбулентен период во поглед на филмската продукција во нашата земја, во кој доживеавме и најголеми успеси, но и многу големи падови, кога македонската кинематографија стана непрепознатлива во светот“, вели Уневска. „Денеска не е така, многу нешта во меѓувреме се сменија, а најмногу свеста дека македонскиот филм мора одново да се пронајде себеси и да го фати чекорот со тековите во светот. Некои нови проблесоци ветуваат дека не е сè загубено…“, додава авторката.
Интересно е дека во книгата се објавени рецензиите, написите и коментарите онака како што биле објавени во тоа време, „објективно и без разубавување, зборувајќи за времето и настаните без задршка, токму онака како што било“. Затоа и оваа книга, освен за читање, веројатно ќе биде значајна и за проучување за сите оние кои се занимаваат со филмот, затоа што го одразува времето и настаните многу посеопфатно од само филмската продукција. Книгата веќе од оваа недела ќе ја има во книжарниците во Скопје. Промоцијата е планирана за месец јануари.