Култура

Зелен свет

Конференциите на ОН за климатските промени нема да нè заштитат од изумирање, пропаста на Парискиот договор би требало да е очигледен доказ за тоа. Овие рамки нè осудуваат на „дилемата на затвореникот“, каде секоја држава се поттикнува да ги заобиколува обврските, дури и ако знаат дека меѓусебната соработка би им донела поголемо заедничко добро. Сè додека климатската соработка се заснова врз жртвување ќе биде во опасност од силеџиите како што е Доналд Трамп, кој се колне дека ќе ги крши меѓународните правила во име на националните интереси.

Меѓународниот зелен дил ги менува рамките. Наместо да повикува на воздржаност, тој поставува визија на позитивна сума на меѓународни инвестиции во која добивката од заедничкото учество е поголема од користа на осамените активности.

Тоа е стратегија која на Френклин Рузвелт му го донела изворниот Њу дил. Неговиот план им се обраќал на безнадежните луѓе и ги инспирирал со идејата дека постои алтернатива. И дека постојат начини ресурсите во мирување да се стават во јавна служба. Им давал смисла на обесхрабрените и отворал шанси за претприемачите.

Истото важи и за Меѓународниот зелен њу дил кој ги мобилизира јавните финансии да соберат приватни инвестиции за да заедно ја финансираат транзицијата од осум трилиони долари. Исто како и во изворниот Њу дил, јавните финансии ќе опфатат мешавина на даноци и обврзници. Може да воведеме глобална минимална стапка на корпоративен данок, која потоа се редистрибуира по основ на продажба. Исто така, јавните инвестициски банки , вклучувајќи ја и Европската инвестициска банка, Светската банка и KfW, германската развојна банка во сопственост на државата – можат да го координираат прашањето на зелени обврзници за кои најголемите централни банки ќе се согласат дека ќе ги поддржат на секундарните пазари.

Одеднаш државите со големи трговски вишоци ќе увидат дека е подобро да се инвестира вишокот капитал ако зелените инвестиции во државите со дефицит се координираат под покровителство на меѓународниот план. Ќе преовлада динамиката на позитивна сума.

Во таа смисла, влогот на Меѓународниот зелен њу дил не е само еколошки. Со здружувањето на државите во проектот на економска трансформација од дното кон врвот и принудата мултинационалните кампании да го финансираат својот дел, исто така ќе го смири бранот на нетрпеливост и ксенофобија што го преплавува светот.

Денес, „напредните“ капиталистички држави буквално се распаѓаат. Во Соединетите држави нето висината на јавни инвестиции падна под половина на еден процент од GDP. Ширум еврозоната, тој износ стагнира под нулата речиси цела деценија. Не е чудо што политичките монструми повторно дигаат глава: токму како и во 1930-тите години, плодовите на гневот се „полни и тешки, зрели за берба“.

Некои експерти мислат дека либерално – демократскиот проект ќе живне ако Кина им послужи како страшило. Но вистинското страшило е наше дело: климатската криза создадена со текот на децениите на негрижа и невложување. За да ја решиме вистинската егзисенцијална криза со која сме соочени денес, мора да ги превртиме економските политики што нè доведоа до тука. Строгото штедење води во изумирање.

Меѓународниот зелен њу дил тежнее да ги избегне стапиците на политиката на студена војна и да го собере човештвото во еден проект што е во состојба да ја сочува планетата соодветна за живот. За да се случи тоа потребен ни е силно прогресивно меѓународно движење кое од нашите лидери ќе бара да почнат да дејствуваат надвор од своите граници. Ајде да почнеме да го градиме. Децата нè гледаат.

Автори:Јанис Варуфакис / Дејвид Адлер

Извор: The Guardian

Автор:

Слични статии