Култура

Најдете ја реченицата која само вам ви припаѓа

Кога ќе побарате од човек, кој ја загубил својата слобода, да ви ја објасни слободата, веројатно ќе добиете текст полн со горчина и копнеж.

Но така и треба да биде.

На првиот ден од школската година на Универзитетот Мичиген им реков на моите студенти: „Секому, кој ќе успее, да пронајде една неизговорена реченица, ќе му ја откупам таа реченица за илјада долари“.

Веројатно си помислија дека сум некој богат глупак кој се обидува да биде оригинален. На излегување се шегуваа како ќе ги потрошат тие илјада долари. Но, во целата учебна година ниту една студент не успеа да донесе нова реченица. За секоја реченица, која некој студент ја сметаше за нова, дискутиравме во класот и доаѓавме до заклучок дека не е нова.

Така ги сфатија границите на своите умови – за кои не беа свесни дотогаш. Така сфатија дека дотогаш во нивните животи секогаш повторувале реченици кои веќе еднаш биле кажани. Им припаѓаа на други.

Големо мнозинство луѓе живеат во тесните граници на својот ум, повторувајќи реченици кои им припаѓаат на други. Секоја политичка моќ – сеедно на која религија, идеологија или класа и припаѓа – посакува, животот така да продолжи, без да му се приклучи некоја „нова“ реченица.

Во слободните држави луѓето имаат слобода самите да се одлучат за реченици кои веќе еднаш биле кажани. Во овој вид слобода, тие не си го поставуваат прашањето дали овие реченици им припаѓаат ним или не.

Во земји како Турција, државата одлучува кои реченици смеат да бидат повторувани. Оној кој повторува непосакувани реченици, е сторител на прекршок. Во такви земји луѓето имаат дополнителни пречки.

Според мене, слободата значи да се разбере дека вреди да се трага по нова реченица. За тоа вреди да се бори. И тоа може да се стори и во најтешките услови, дури и кога е човек во затвор.

Му препорачувам секому кој од која било причина се чувствува затворен, угнетен или под притисок, да бара нова реченица, која само нему му припаѓа. Можно е таа реченица да не биде пронајдена, но самата потрага по неа дава утеха и радува.

Слободата е уживање. И оваа слобода човек може да ја открие само во авантурите на сопствениот ум. Сеедно, колку се дебели ѕидовите околу вас.

Силиври, 21.4.2019

Турскиот новинар, интелектуалец и писател Ахмет Алтан беше уапсен по неуспешниот пуч во Турција на 15 јули 2016. Обвинет е дека еден ден пред пучот ширел „суптилни пораки“ преку една телевизија. Осуден е на доживотен затвор поради обид „да го урне уставниот поредок на Турција“. Оттогаш е 953 дена во затвор. Овој есеј го напиша од затворот во Силиври, каде е на издржување на казната.

Автор: Ахмет Алтан

Извор: DW

Автор:

Слични статии