Културата за власта е маргинална појава
— 25 јуни, 2019Најавата за кадровското решение на чело на ресоророт за култура, во лицето на анонимен професор од извесен медицински факултет, не само што одлично го објаснува премиерот и вкупните политики на актуелната власт, туку и зборува за сето тоа погласно од тоа што би можел и тој самиот да каже за себе, а и сите ние заедно и за него и за нашата култура.
Но, ако сме чесни ќе признаеме дека ова не е првпат а прашање е дали ќе биде и последен, изборот во културата да се прави на вака неодговорен начин. Притоа сакам јасно да ставам на знаење дека ова не е персонална критика на поединецот кој ќе застане на чело на ресорот туку е револт кон едно кадровско решение кое нема ниту еден ден работно искуство во некоја поважна институција од областа на културата.
Кога веќе ја отвораме темата, ред е да се изусти дека заради погрешното поимање на терминот култура од осомостојувањето до денес, нашето општество повеќе скоро и да нема културни потреби. Културата е инцидент во Македонија. Последиците од сето тоа се евидентни во промената на однесувањето на поединецот од оние “најуспешните“ па се до нашето опкружување во секојдневието.
Меѓу останатото културата има за цел да образува, да негува систем на вредности, да преиспитува, да отвора дилеми и кога навидум изгледа дека е се во ред, да отвора нови перспективи, да промислува од поинаков агол на гледање и т.н.
Овие културни крикови не секогаш се наменети на пошироката публика и затоа секоја умна држава има посебен однос кон културата генерално, инвестира или троши многу повеќе одошто културата би можела да печали. Институциите се исто така негувани со цел да се сочува културното наследство и да се создава ново културно богатство. ( во случајов богатсво не е нешто што се однесува на пари, ок?) Но не помалку ценет и славен е поединецот кој како индивидуалец има значајен придонес за вкупните културни прилики во општеството.
Македонија денес е жртва на сопствениот однос кон интелектуалната елита односно сведувањето на луѓето од образованието и културата на наемни работници кои не можат да ја обезбедат својата основна егзистенција. Затоа истите не се критичка јавност која е совест на општесвото туку во голема мера, понизни слуги на некоја политичка елита.
Или просто речено, заради ваквиот однос кон културата имате министри и премиери кои застанале на Тарас Буљба.
Автор: Софија Куновска
Извор: Окно.мк