Почина скулпторката Гордана Хаџи-Николова Малашев
— 1 мај, 2019Вчера, на 43-годишна возраст, почина скулпторката Гордана Хаџи-Николова, во родниот град Гевгелија, соопшти Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Таа е годинашната добитничка на наградата за современа скулптура „Академик Боро Митриќески“, за делото „Сѐ уште жив“ на изложбата насловена „Современа скулптура“, која во април годинава беше отворена во галеријата на МКЦ.
Родена е во 1976 год. во Гевгелија, со постојано место на живеење во Гевгелија. Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ го завршува во Скопје, а во 2000 година дипломира на Факултетот за ликовна уметност, отсек вајарство во класата на проф. Драган Попоски – Дада. Во 2003 година станува Магистер од областа вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Драган Попоски – Дада.
Гордана Хаџи-Николова Малашев работела како виш конзерватор во НУ Музеј Гевгелија. Била член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија – ДЛУМ од 2000 година, на ДЛУГ – Друштво на ликовни уметници на Гевгелија од 2004 и на ДЛУБ – Друштво на ликовни уметници на Битола од 2009 година.
Учествувала на работилница за конзервеција и реставрација на класичен и современ мозаик во Струмица, под водство на проф. д-р Паоло Ракањи и проф. д-р Газанфер Бајрам, на Школа за конзервација и заштита на културно наследство во Охрид, на Меѓународна научна конференција Од сетилата кон визуелното „Плурализмот во уметноста“ во Велико Трново, Бугарија и други.
Својата прва изложба „Моите ликови“ ја поставила во 2001 година во МКЦ во Скопје, по што следат повеќе изложби во Штип, Струмица, Прилеп. Добитник е на повеќе награди и признанија, од кои последната е награда за современа скулптура „Академик Боро Митриќески“ отиде во рацете на авторката Гордана Хаџи-Николова Малашев, за делото „Се уште жив“ на изложбата насловена „Современа скулптура“, која беше отворена во галеријата на Младинскиот културен центар во април 2019.
Делата на Гордана Хаџи Николова Малашев скриени длабоко некаде во нејзината потсвест излегуваат од ударот на нејзиното длето во својата најчиста и најискрена форма со едноставни, мирни и чисти површини. Од подножјето на парчето дрво, обработено со длето, се ослободува фигурата која со својата совршена површина остава впечаток како да се лизнало од грубата материја и се престорило во смисла на зборот во „раѓање на формата“.