Пред речиси 30 години бразилскиот фоторепортер Себастијао Рибеиро Салгадо се вратил од источна Африка, каде го документирал геноцидот во Руанда. Со своето семејство сакал да започне нов, мирен живот на ранч во Минас Жераис, но затекнале пустина. Само 0,5% од областа била покриена со шума, а целиот див свет исчезнал. „Земјата беше болна, исто како мене. Сè беше уништено“, рече Салгадо во интервју за „Гардијан“ во 2015 година.
Тогаш неговата сопруга Лејла добила идеја – повторно да ја засадат шумата. За да го поддржат овој речиси невозможен потфат, парот во 1998 година ја основал еколошката организација „Институто тера“. Во наредните години, Салгадо и „Институто тера“ засадиле вкупно два милиони дрвја и постепено ја обновиле шумата на површина од 710 хектари, трансформирајќи опустошено неплодно земјиште во тропски рај.
Денес нивниот имот е приватен природен резерват и дом на стотици видови флора и фауна. Покрај 293 видови дрвја, во овој резерват живеат и 172 видови птици, 33 видови цицачи и 15 видови водоземци и влекачи, од кои некои загрозени. Исто така, проектот имаше огромно влијание на екосистемот и климата и обнови неколку претходно пресушени извори.
„Сите инсекти, птици и риби се вратија,” вели Салгадо. „Благодарение на ова зголемување на дрвјата, јас, исто така, се преродив – ова беше најважниот момент”, додаде тој. На земјата во 2018 година исчезнале повеќе од 12 милиони хектари тропски шуми, што е површина колку Никарагва, објавил Институтот за природни ресурси во светот (WRI).
Како што наведува овој институт од Вашингтон, од вкупната површина на исчезнатите тропски шуми, 3,64 милиони хектари се примарни тропски шуми кој се од огромно значење за климата и биодиверзитетот. Според платформата Global Forest Watch за следење на загубата на тропските шуми, 2018 година се рангира како четврта најлоша година.
Претходните три најлошо рангирани години биле 2016, 2017 и 2014 година. Една од најзасегнатите земји од овој проблем е токму Бразил, по што следуваат Индонезија, Демократска Република Конго, Колумбија и Боливија.
Извор: https://www.radiomof.mk