Почина режисерот и професор Златко Славенски
— 8 април, 2019Денес, (осми април) ненадејно почина режисерот Златко Славенски, потврди Факултетот за драмски уметности, каде Славенски беше професор и шеф на катедрата за театарска режија.
Неверување и големо жалење предизвика веста за прераното заминување на Славенски, особено меѓу неговите колеги. кои се простија со него преку социјалните мрежи.
– Како бе така Златко? Уште не ми е верно! Беше супер човек, секогаш со огромно трпение за нас студентите! Ќе те памтиме по многу работи! Фала и почивај во мир… „Животот е сенка што чекори, артист беден што час, два се перчи на сцена, а потоа гине и не го слуша никој. Сказна е тој раскажана од идиот полна крик и бес што не значи ништо. Згасни, угаси се кусовечна свеќо…“ објави режисерката Нела Витошевиќ на нејзиниот ФБ профил.
– Денес не напушти уште едно големо име на нашиот театар. Златко Славенски. Режисер и професор. Ретко добар човек и голем интелектуалец меѓу режисерите. Со него секој разговор беше длабока инспирација, а секоја соработка вонредно задоволство и уживање. Му благодарам за пријателството, укажаната доверба и провокативните актерски предизвици. Велеше дека сé e светлина, а сите ние остатоци од ѕвездите кои веќе не постојат. Нека му е вечна светлината и ѕвезден трагот кој го остави! напиша актерот Васил Зафирчев.
Златко Славенски (1966 – 2019)
Славенски беше во брак со актерката од МНТ Искра Ветерова. Неофицијално, на Славенски му се слошило за време на час со студентите, пренесе порталот Сакам да кажам.