Култура

Конкурс за „Пегаз“ – нова книжевна награда за необјавен роман

 

Издавачката куќа „Арс Ламина” и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски” распишаа прв конкурс за нова книжевна награда за најдобар необјавен роман на годината – „ПЕГАЗ”. За наградата можат да конкурираат сите необјавени романи (ракописи) наменети за возрасни или за деца

Романите треба да бидат предложени од самите автори-кандидати за наградата, кои треба да ги достават своите ракописи во електронска форма (во Word или во PDF-формат), на следната е-пошта: [email protected]. Конкурсот ќе биде отворен до 15 мај 2019 година. Ракописите ќе ги оценува тричлена стручна жири-комисија, составена од реномирани книжевни дејци и еден претставник на издавачот.

Наградата „ПЕГАЗ” се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде објавен најдоцна во септември 2019 година. Доколку и некој друг од ракописите биде оценет позитивно, издавачот „Арс Ламина” може да понуди објавување и на второ и треторангирани романи. Наградите ќе бидат врачени на засебна свеченост, додека е планирано да се направат промоции на објавените романи низ повеќе градови во државата. 

Наградата „ПЕГАЗ” за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината” што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски”. Имајќи го предвид јубилејот (во 2019 година навршуваат 20 години од литературната манифестација „Роман на годината”) и влијанието што оваа награда го изврши врз квалитативниот скок на македонската романсиерскa продукција, Фондацијата „Славко Јаневски” и издавачката куќа „Арс Ламина” го почнуваат овој заеднички проект на воспоставување уште една награда за роман на годината, овој пат за необјавен роман за деца или возрасни, сметајќи дека на тој начин ќе се овозможи уште поголем квалитет на овој специфичен литературен жанр. 

Автор:

Слични статии