Култура

Мој министре! Како еден концерт на виден уметник добива 30 илјади денари, а ист таков концерт на студент добива три пати повеќе?

Два дена ја читам Програмата (за жал, со доста задолжувачко продолжение во насловот) за финансирање на проекти од национален интерес во културата, особено деловите од областите на издавачката и музичко-сценската дејност. И не разбирам. Многу нешта не разбирам, и покрај мојата скоро петдецениска работа во овие области.

Не разбирам како солистички концерт на виден уметник добива поддршка од 30.000 ден., а ист таков солистички концерт на студент по музика или дебитант на концертната сцена добива два – три пати поголема финансиска поддршка? По кои и чии професионални мерила?

Не разбирам како еден така значаен проект како што е ,,Дигитализацијата на македонската музичка критика од 1945 до денес“, откако минатата година многу успешно ја заврши првата фаза со поддршка на Министерството за култура, во оваа втора фаза годинава е укинат? Или, како не е поддржана за концерти една наша видна пијанистка, која само пред два месеци со голем успех докторираше во Њујорк, (а да не говориме за нејзиното буквално импресивно концертно досие….) И голем број слични примери…..

Или – како ќе се реализираат проектите во издаваштвото, кога на најголем број од нив им се скусени средствата минимум 50%? Всушност, многу мал број на проекти се разумно поддржани, и тоа – без исклучок – на албански јазик. А меѓу оние ,,закинатите“ има секакви проекти. И такви на албански автори. Значи, вие и вашите комисии не правите само поделба Албанци versa Македонци и останати, туку очигледно и АЛБАНЦИ versa Албанци. Да, да напоменам: некои наслови на проекти не бев во состојба да ги разберам. Немам ништо против целата програма да ја објавите и на македонски и на албански јазик, но кој ви дава за право во одредени случаи просто да го елиминирате македонскиот јазик?

Дали сум и лично како автор засегната? Да, сум. И тоа многу. Како коавтор конкурирав за проект од нотното издаваштво насловен ,,Пиеси за пијано – романтизам и дваесетти век“. Нема да говорам за тоа, колку малубројни се проектите од овој вид и уште помалубројни луѓето кај нас, кои се во состојба да ги направат (Меѓудругото, овој проект е втор од циклусот ,,Comprendum musicum.“ Изданието на првиот – ,,Пиеси за пијано –Барок и класика “ е целосно исцрпено. Дали тоа ви говори нешто? Освен тоа, мојата биографија, ако не ме познавате, ви е приложена….) Што е она, кое најмногу ме погодува? Во замисленото издание “Пиеси за пијано од романтизмот и дваесеттиот век“ освен врвните светски автори, беа вклучени и дела на композитори од целиот регион: Албанци, Бугари, Грци, Македонци, Срби, Турци, Хрвати…. Дела и автори, кај нас скоро непознати, и покрај нивните високо професионални квалитети. Си замислував дека преку нивната музика подобро ќе се запознаваме, преку убавината подобро ќе пријателуваме, взаемно ќе се радуваме и можеби- ќе се засакаме, ќе се научиме да се почитуваме меѓусебно. Да, овака замислен, овој проект би бил прв таков на нашите воглавно тмурни Балкани…. (Меѓу другото во фаза на изработката соработував со видни колеги од сите споменати националности….) Ме погодува што ништо не сте разбрале, ни поставената од вас комисија, ни вие….. Или, едноставно, не сте ги читале проектите?

За мене сега се појавува еден интересен проблем: како да го реализирам овој проект, замислен како тритомен, со доделените од Министерството 13% од бараните средства? Но, тоа е мој проблем.

Но, вие – вие би требало сериозно да се загрижите за еден свој, многу поголем проблем: вака предложената од вашето министерство програма, наместо да го поттикнува творештвото, сее непријателство и раздор. Сее зло.

Да, извонредно би ве почитувала ако по ваша иницијатива се формира Концертна дирекција на Република Македонија или Музиколошки институт. Тогаш, претпоставувам, би бил можен професионален диалог, институција-автор….

На крајот, неколку зборови за почетокот. Не ве нарекувам господине министре, ако забележавте. Зошто господството не се стекнува со титулата министер. Господството се заслужува. 

Автор:м-р.Снежана Анастасова Чадиковска – пијанист, пијано – педагог и музички публицист

Автор:

Слични статии