Култура

Изложба „100 години Требениште” во Археолошкиот музеј – златните маски за прв пат заедно

Повеќе од 400 артефакти од некрополата во Требениште, Охрид, заедно со прочуените златни маски кои се наоѓаат во музеите во Бугарија, Србија и Македонија, од март до август за првпат заедно ќе бидат изложени на големата заедничка изложба во Археолошкиот музеј во Скопје. Изложбата се организира во чест на 100-годишнината од откривањето на некрополата во 1918 година. Артефактите што ќе се најдат на оваа изложба се од злато, бронза, сребро, керамика и стакло. 

Директорот на Археолошкиот музеј Горан Санев рече дека се потпишани девет договори и голем број на гаранции и осигурувања, иницијативата за оваа изложба веднаш добила поддршка од дипломатскиот кор на овие земји во државава. Изложбата прво ќе биде изложена во Скопје, па во 2020 и 2021 во Софија и Белград, а интерес пројавиле и археолошките музеи од Париз, Берлин, Виена и Загреб.

По претставувањето во Скопје, ќе гостува и во Софија и Белград, а потоа и во Европа. Интерес за изложбата има во Париз, Берлин, Виена и Загреб.

Изложбата е заеднички проект на Археолошкиот музеј на Македонија и на Народниот музеј од Белград, потоа, Националниот археолошки институт и Музеј од Софија и Завод и Музеј Охрид. Трите матични археолошки музејски институции од Македонија, Србија и Бугарија со овој проект ќе ја одбележат стогодишнината од откривањето на локалитетот Требениште кај Охрид, со случајниот пронајдок на 20 март 1918 година.

Директорите на музеите денеска на прес-конференција искажаа задоволство што успешно ги завршиле двегодишните интензивни подготовки, среќни се што се тие генерацијата која по сто години има шанса заедно да ги претстави наодите од Требениште, согласувајќи се притоа дека колку и да се проучува овој локалитет, тој останува мит и наместо конечен одговор истражувањата секогаш отвораат нови прашања.

Случајното откривање на златната маска пред еден век во Требениште станало светски позната мистерија и континуиран предизвик за многу генерации на археолози да откријат која била аристократијата која живеела покрај Охридското Езеро во 6 век п.н.е. За прв пат сто години, со оваа изложба заеднички настапуваат трите земји. 

-На овој предизвик не одолеа ниту нашата генерација,  па така покрај многуте постојни анализи и опсервации на феноменот Требениште од сите аспекти направени досега, се покажа дека сепак имавме можност и привилегија да ја дополниме оваа приказна со нови податоци. Археолошките истражувања на Требениште некогаш поединечно ги водеа археолози од Бугарија, од Србија и од Македонија, а денес особено сме задоволни што археолозите од овие три земји заеднички се вложија во одбележувањето на стогодишнината од откривањето на локалитетот, рече Директорот на Археолошкиот музеј Горан Санев.

Татјана Цветичанин, кустос-советник од Народниот музеј Белград, истакна дека заедничкиот проект се должи на склоп на неверојатни околности – стручни, но и политички зашто сите три држави ги поддржале археолозите.

Директорот на Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науки во Софија, Христо Попов, истакна дека нивната генерација имала шанса, но и одговорност зашто, рече, треба да бидеме и достојни за ваква задача и Требениште да го покажаме не во балкански, туку во европски контекст.

Автори на изложбата се Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија. Таа е придружена и со каталог со 408 страници со текстови од 26 автори – музејски работници од трите држави, како и од Чешка и Германија. Содржи детаљни податоци за секој од експонатите, за историјатот на откривањето и истражувањата, географијата и историографските податоци за носителите на требенишката култура и регионот во архајскиот период, како и за типолошко-стилските одлики на наодите.

Автор:

Слични статии