Култура

Ветениот „живот“ како да доаѓа со чекор на желка

Власта во изминатите 18 месеци целата енергија ја насочи на преговорите за името кои ги преклопија сите други активности. И, наспроти поткренатите очекувања на јавноста, „Прославата за враќањето на животот во Македонија“, еуфорично најавена уште во октомври 2016 г., е одложена за 2019 година. На граѓаните им останува да почекаат и да се уверат дали навистина ветувањата дадени во „Планот за живот“ не биле бајка, како што напиша (стр.2) Заев кога пред две години ја бараше довербата од граѓаните и кога ги уверуваше дека „сите не се исти“

Многумина во државата со големи надежи гледаа кога пред две години лидерот на СДСМ, Зоран Заев, го претстави пред граѓаните „Планот за живот во Македонија“. Тогаш, во предвечерието на предвремените парламентарни избори, Заев од говорницата на партискиот Конгрес на СДСМ (октомври 2016 година), најави достоинствен живот за сите граѓани, нов начин на работа и на водење на државата и со еден голем ентузијазам им порача на оние од кои ја бараше довербата:

„На 11 декември нема да славиме пад на режимот – тој е веќе паднат, туку ќе го славиме животот во Македонија!“

ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ИМЕТО ГО ПОКЛОПИЈА „ЖИВОТОТ“ ШТО ГО ВЕТУВАШЕ СДСМ

Сепак, наспроти ваквите најави, „животот во Македонија“ и година и половина по промената на власта сѐ уште не е стасан. „Животот“ можеби и тргнал кон Македонија, но доминантен впечаток во јавноста е дека тој доаѓа со чекор на желка. Власта целата енергија ја насочи на преговорите за името кои ги преклопија сите други активности. Се чини дека Владата сите сили ги спрегна во спроведувањето на Преспанскиот договор, уставните измени, како и амнестијата за настаните од „крвавиот четврток“, која,пак, се јави како „природен процес“ во пазарењата за обезбедување на неопходното двотертинско мнозинство за верификација на корекциите на Уставот. Па туркајќи една ваква агенда, ветените изборни проекти, на кои СДСМ, всушност, и го доби манадот, останаа во втор план.

Анализата на исполнетоста на ветувањата, која „Вистиномер“ ја правеше во изминатиот период, говори дека многубројните ветувања за подобар, побогат, поправеден „живот за сите граѓани на Македонија“, дадени во еуфоријата за вонредните избори, главно се неисполнети. Особено, оние кои се однесуваат на борбата со корупцијата, реформата во судството, администрацијата, економијата…

Заев и неговите социјалдемократи во нивната изборна програма (стр.2) се обврзаа дека ќе направат „пет клучни работи“ за „враќање на животот во Македонија“.

Гарантираме повисоки плати. Просечна плата до 30.000 денари. Во семејство со двајца вработени, тоа се 1.000 евра. Ќе има и за храна, и за сметки, и за одмор.
Домашните фирми финансиски ќе ги поддржиме со 140 милиони евра! Така ќе се отворат нови работни места. Младите тука да работат.
Ќе ги насочиме сите пари кај граѓаните. Прво ќе им помогнеме на сиромашните.
Институциите ќе работат во служба на граѓаните. Зашто секој човек е важен.
И ќе има контрола над власта и правда за сите.

Дел од амбициозните ветувања се вклучени и во рамките на Планот 180 – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци (од стр. 208 до стр. 240), од „Планот за живот во Македонија“. Што значи дека според изборните рокови проектите дадени во склоп на поглавјата: „Правда сигурност контрола на власта“„Нови работни места повеќе пари кај граѓаните поддршка за домашните фирми“, „Власт поблиску до граѓаните“, „Ефикасна администрација“…, требаше да бидат реализирани најдоцна до крајот на ноември 2017 година (имајќи предвид дека новата Влада предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 г.). Проверката на ветувањата од овој пакет говори дека многу малку од ветеното е исполнето (како на пример: загарантирана е минимална плата од 12.000 денари, донесен е Законот за материјалното обесштетување на стечајнитеработници, вратена е евтината дневна тарифа на струјата, укината е радиодифузната такса, укинат е Советот за утврдување факти )

РЕЧИСИ ДЕСЕТ МЕСЕЦИ БЕЗ АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА

Наспроти заложбите истакнати во програмата, сѐ уште не е реализирано едно од главните ветувања на социјалдемократите за бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата, при што беше ветено дека во првите шест месеци од мандатот ќе предложат „нов формат на Антикорупциска комисија, со силен мандат и независен состав“. Иако има поминато 18 месеци од формирањето на Владата и цела година од крајниот рок за реализација на ова ветување, нема нова независна и ефикасна Комисија за спречување на корупцијата. Фактички, веќе десет месеци нема никаква Антикорупциска комисија, откако на почетокот на март оваа година (2018) петмина од вкупно седум членови на Комисијата си поднесоа оставки по објавувањето на ревизорскиот извештај за работата на ДКСК, во кој се изразени сомневања за исплата на фиктивни патни налози на дел од антикорупционерите.

Комисијата треба допрва да се формира. Премиерот Заев неодамна (16.11.2018) во интервју на емисијата 360 степени“(од 51.50 до 52.22 минута од видеото), на телевизијата Алсат М, уверуваше дека формирањето на Комисијата за спречување корупција ќе се случи во најбрз можен рок.

Сепак, тоа досега (21.12.2018) не се случи.

Деновиве, на конференцијата (12.12.2018) посветена на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата и министерката за правда Рената Десковска уверуваше дека Законот за спречување на корупцијата кој ќе го регулира застојот во формирањето на новата Антикорупциска комисија, наскоро ќе биде усвоен.

За тоа колку е важно што поскоро да се формира Антикорупциската комисија укажа евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој од истата конференција порача дека за ефикасна борба против корупцијата треба да се промени и свеста кај политичарите

Државната комисија за спречување корупција повторно да почне со работа после месеци на неактивност. На комисијата ѝ требаат јасни овластувања, ефикасни ресурси и потполна независност… (Жбогар)

Наредниот ден (13.12.2018), Жбогар кој присуствуваше на регионалната конференција за состојбите во јавните набавки, повторно им порача на нашите политичари дека „ниту една земја не е имуна на корупција, но разликата е во политичката волја да се спречи тоа“.

Сепак, последните информации говорат дека новиот формат на Антикорупциската комисија може да се очекува дури во текот на наредната година (2019).

 ДОЦНАТ СУДСКИТЕ РЕФОРМИ

Во овој клучен период за државата, кога од нас се очекува да испорачаме конкретни резултати доколку сакаме конечно да го фатиме приклучокот за Европската Унија и НАТО, не се забележуваат некакви видливи поместувања ниту во спроведувањето на судските реформи. И додека полека се „крчкаат“ судските закони, власта зад параванот на помирувањето ја протна низ „иглени уши“ амнестијата за „27 април“.

Многу важните измени на судските зaкони, пак, кои се предвидени и во владиниот План за итни реформски приоритети „3-6-9“, поточно воНаративен план „6-9“, во областа Реформи во правосудството, првично беа донесени во мај 2018 година, но по препорака на Венецијанската комисија сега повторно се дотеруваат со цел да се заштити судската независност. Според Мислењето на Венецијанската комисија (октомври 2018), споменатите измени и дополнувања на Законот за Судски совет и Законот за судови се оценети позитивно, меѓутоа истовремено се укажува на потребата од понатамошно подобрување на законските текстови. Во меѓувреме, дополнителните измени на двата закона се направени, тие се усвоени на 108-та владина сеница (12.12.2018) и се чека да го минат собранискиот филтер.

Да напоменеме дека досега не е исполнето ниту ветувањето за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет, кое го има на две места во Програмата. Најнапред е наведено на самиот почеток (стр.30), во поглавјето „Контрола над власта“, а потоа и во „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци“ ( стр.232). Според напишаното во Програмата, СДСМ се обврзал дека „Судскиот совет ќе биде чувар и гарант на независноста на судството, а не продолжена рака на извршната власт“.

Со цел да ја исклучиме секоја можност за влијание на Владата врз судството, ќе покренеме иницијатива за уставни измени за исклучување на министерот за правда од Судскиот совет. Заради поголема професионалност и совесност во работата на овој орган, ќе обезбедиме законска обврска за значителна транспарентност во работата на Судскиот совет.

Во рамки на заложбите за правда и правичност за сите СДСМ, во Планот за живот во Македонија (стр.233) вети и дека во првите шест месеци по преземањето на власта ќе направи ново современо законско решение за одземање/конфискација на криминално стекнатиот имот, уште веднаш по првата правосилност на пресудата. И ова нивно ветување не е исполнето.

А, колку е важно спроведувањето на клучните реформски процеси за „здравјето“ и прогресот на државата, потсети и заменик-државниот секретар на САД, Џон Саливан, во текот на неговата посета (18.12.2018) на Скопје. Саливен по средбата со македонскиот државно-политички врв, освен „силната американска поддршка за Договорот од Преспа“, на Владата ѝ порача „да не ги губи од вид реформските приоритети“, посочувајќи ги конкретно „владеењето на правото независноста на судството подобро владеење и подобар капацитет на институциите во служба на граѓаните.“

НЕВИДЛИВА И ГРИЖАТА ЗА ПОКВАЛИТЕТЕН И ПОБОГАТ ЖИВОТ НА ГРАЃАНИТЕ

Но, за жал, освен што каскаат реформите во судството и владеењето на правото, не се забележуваат некакви поместувања ниту кај другите проекти кои СДСМ ги ветуваше за „враќање на животот во Македонија“.

Имено, во петте клучни столба на „Планот за живот во Македонија“, СДСМ, меѓу другото, нагласува дека „секој човек е важен и дека институциите ќе бидат во служба на граѓаните“. И, веројатно водени од грижата кон граѓаните, во „Планот 180“ предлагаат низа мерки за унапредување на состојбата со животната средина, за поквалтетно здравство и образование, за вложувања во науката, за праведен систем на оданочување, за заштита на работниците…

Па во тој дух, социјалдемократите, на пример, ветија дека ќе биде воведен систем за финансиска поддршка за изградба на филтри кај загадувачите во индустријата, но досега (декември 2018) не го исполнија ветеното. Ваков систем не е воспоставен. Единствено има информација за одобрување кредит за „Југохром“ за набавка на филтри против загадување со цел да се овозможи повторно рестартирање на дел од погоните.

СДСМ не го исполни ниту ветувањето дека ќе воспостави фонд за животна средина во кој директно ќе се слеваат парите од таксите за животна средина и дека секој таков денар ќе бидат наменет исклучиво за проекти за подобрување на квалитетот на животната средина.

Не се донесени ниту измени на Законот за основно образование со кои СДСМ вети дека ќе се направат крупни квалитативни реформи во образовниот процес. Ова изборно ветување на социјалдемократите е вградено и во Програмата за работа на Владата за 2018 година (стр.50) .

Остана само на хартија и ветувањето на социјалдемократите дека „уште во првата година од мандатот, буџетот за наука ќе го зголемиме за 50%, со цел на крајот на мандатот Македонија да издвојува помеѓу 1% и 1,5% од БДП за истражување и развој.

Владејачката партија не го исполни ни ветувањето дека уште во првите шест месеци од мандатот ќе се укине партиципацијата за болничко лекување.

Во изминатиот период не е остварено ниту ветувањето на СДСМ дека во првите шест месеци по доаѓањето на власт ќе „донесе закон, по урнекот на Франција, што ќе овозможи донирање на храна од страна на супермаркетите, рестораните, производителите и дистрибутерите“.

СДСМ не го исполни ниту ветувањето дека за шест месеци од изборот на Владата ќе донесе нов закон за работни односи кој ќе обезбеди вистинска заштита на работниците и со кој, како што беше ветено, треба да се воспостави регистар за прекувремени работни часови во УЈП, колективните договори да станат задолжителни за сите правни субјекти со над 20 вработени, а синдикатите да можат да се регистрираат само во Централниот регистар.

ЈАВНАТА АДИМНИСТРАЦИЈА „ЌЕ ГИ СЛАВИ“ РЕЗУЛТАТИТЕ ВО 2019

Заради поголема транспарентност при управувањето со институциите и јавните средства, СДСМ во „Планот за живот“ вети дека ќе бидат објавувани детални месечни листи за сите вработени во јавната администрација. Проверката на „Вистиномер“ покажа дека дел од министерствата и општините не објавиле список со вработени, како и повеќе други институции од јавниот сектор.

Во рамки на заложбите, пак, за поголема отчетност социјадемократите ветија дека во првите шест месеци од мандатот „ќе се воведат мерки со кои секој граѓанин од својот компјутер ќе може да провери колкава е платата на секој министер, дали и колкави надоместоци зема за патни или други трошоци…“.

Вистиномер на 09.11.2018 година го анализираше ова ветување и го оцени како делумно исполнето, со оглед на тоа што во моментот кога беше пишуван текстот преку Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции (презентирана во март оваа година), можеа да се видат трошоците на премиерот и министрите, ама не и колкави плати имаат тие. Но, набрзо по објавувањето на текстот, Владата преку споменатата алатка за транспарентност, овозможи (20.11.2018) да се добијат информации и за висината на платите на минситрите во Владата.

Сепак, гледано во целина, се чини дека и ветената реформа во јавната администрација споро се движи. Впрочем и министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, на крајот на ноември, презентирајќи го предлог-буџетот на МИОА за 2019 г., кажа дека резултатите од реформата ќе бидат видливи наредната година.

Во претходниот период бевме фокусирани на анализи, планови и стратегии, 2019 е година на испорака на резултати. (Манчевски).

За тоа дека ветувањата за подобар живот биле потиснати од активностите поврзани за евроинтеграциските процеси, индиректно призна премиерот Заев на настан посветен на промоција на „Белата книга 2018“ во организација на Советот на странските инвеститори при Стопанската комора на Македонија. Во оваа прилика Заев најави дека наредната ќе биде економска година:

Како што 2018 беше година на интеграциите, причините за да најавиме 2019 – година на економијата, ги имаме уште отсега

Така што, наспроти поткренатите очекувања на јавноста, „прославата за враќањето на животот во Македонија“, еуфорично најавена уште во октомври 2016 година, е одложена за 2019 година. На граѓаните им останува да почекаат и да се уверат дали навистина ветувањата дадени во „Планот за живот“ не биле бајка, како што напиша (стр.2) Заев кога пред две години ја бараше довербата од граѓаните. Кога ги уверуваше „невработените, оние со катанци на фирмите, оние кои работат чесно и посветено, а се мачат со долгови, оние кои си ги пуштија децата низ светот за да ги спасат од немаштија и неправда, оние кои ризикуваат по скелињата, оние кои живеат од социјална помош, потоа професорите, лекарите, научниците, административците, новинарите…“ дека „сите не се исти“

Овој план е твојата шанса за живот каков што заслужуваш. Овој план става крај на неправдите на работните места, во институциите, неправдите во државата, што ви го одзедоа правото на достоинствен живот. Ова е план за добар и достоинствен живот, во Македонија за сите. Ова е светла визија за сите нас, базирана на докажани светски практики и методи, кои ќе придонесат до развој на нашата земја. Ова не е бајка, овој план е базиран на наука, историја и факти.

Ако ви кажат дека се сите исти и дека не може да биде подобро, не им верувајте… (План за живот во Македонија стр.2) 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Автор: Оливера Војновска

Извор: Вистиномер

Автор:

Слични статии