Култура

Недела на австралиски филм во Кинотека на Македонија

Од 26 до 30 јануари во Кинотеката на Македонија, ќе бидат прикажани филмови во рамките на „Недела на австралиски филм“.

Германскиот режисер Рајнер Вернер Фасбиндер – еден од најзначајните европски автори од седумдесеттите години на минатиот век – во екот на неговата најголема слава го напиша есејот полн со фалби за Даглас Сирк. Германскиот режисер Сирк – роден на крајот од 19 век како Hans Detlef Sierck во Хамбург, а родителите биле Данци – е човекот кој, бегајќи пред нацистите во 1937 година заради политичките убедувања и еврејското потекло на неговата втора сопруга, актерката Хилде Јари (Hilde Jary), замина во Холивуд и заедно со уште неколкумина режисери со слична судбина ја создадоа токму таа димензија на филмот што го прави значаен медиум и уметност. Сирк е најпознат по мелодрамата ИМИТАЦИЈА НА ЖИВОТОТ (Imitation of Life, 1959), а неговото влијание на авторите Рајнер Вернер Фасбиндер, Квентин Тарантино, Тод Хајнс, Педро Алмодовар, Вонг Кар-ваи, Дејвид Линч, Џон Вотерс, Ларс фон Трир (Rainer Werner Fassbinder, Quentin Tarantino, Todd Haynes, Pedro Almodóvar, Wong Kar-wai, David Lynch, John Waters, Lars von Trier) – е огромно! Фасбиндер вака ја формулираше поетиката на мелодрамите на Сирк: „Да стигнеш до крајот и да видиш што има понатаму!“.

Австралија во историјата влезе како „крајот на светот“, шестиот и последен откриен континент на Земјината топка. Не дека се се појавила од никаде, туку оној дел на човештвото што полага право на развиената цивилизација, каква што ја знаеме денеска, смета дека го открил. Но, за разлика од случаите со другите континенти – можеби затоа што е најмал, кој знае – Австралија добила повеќе отколку што ѝ е одземено. На пример, многу доселеници од разни етнички групи, чие потекло, ете, може да биде и инспирација за драмски ликови и дијалози во филмовите. Се шегуваме, секако, но како што во секоја шега има половина вистина, така и во симпатичната драмска комедија ЦРВЕНИОТ ПЕС (Red Dog) на Крив Стендерс (Kriv Standers) имате дузина досетки инспирирани од различното етничко потекло на доселениците во австралиската пустина. Не треба да се спомене дека сите се политички коректни.

Во романтичната евокација на заедништвото, емпатијата и потрагата по среќа во ерата на седумдесеттите години од минатиот век, кога Австралија е ветената дестинација за егзистенција и економски просперитет на десетици илјади луѓе од цел свет, Црвениот пес (Red dog, го игра кучето Коко) е своевиден симбол на верноста и посветеноста. Ако шкотскиот овчар Леси од приказните и филмовите за деца се враќаше дома по илјадници километри изминат пат, полудивото динго Црвениот пес е неговата благородна верзија со далеку посуровиот пејзаж, по кое талка и патува и со брод, па дури и со авион. Секако дека ЦРВЕНИОТ ПЕС е делумно и movie on the road: се работи, побогу, за широките простраства на Австралија! Во навидум лимонада сторијата за животот во малото рударско гратче и за тоа како Црвениот пес го бара неговиот избран господар, возачот Џон – кој ќе загине во сообраќајна несреќа – се вмрежени и некои суптилни социолошки и културолошки нишки за судирот на цивилизациите кој, инициран од економскиот бум на Австралија, раѓа, меѓу другото, и нова мултикултурна вредност. Црвениот пес е сечиј миленик, па станува дури и член на синдикатот, и тоа на позицијата – советник!

Така, мапирањето на потеклото на економските емигранти, дојдени во пустинските предели на Новиот континет, создава автоиронични досетки во кои ќе ги сретнете интересните – за нас! – презимиња на некои од ликовите како Џамонски, Сандански, Чуповски, или намќорестиот Ѓока. Играта со потеклото на имињата како стереотипи – спорт што многу добро го познаваме – го става во фокусот и Италијанецот Вано (Винченцо Џироломо), кој на останатите работници постојано им здодева со убавините на неговиот роден град Абруци. И тоа толку многу им здодева што се подбиваат со неговата „бела Италија“ и го задеваат дека всушност неговото потекло е од Албанија, и вистнското име веројатно му е Јуриј или Димитар Вановски!? Во секој случај, затоа тука е Коко како главниот јунак, Црвениот пес. Сторијата за него е вистинска, а мештаните му подигнале и споменик на Црвениот пес како симбол што ја зацврснува новосоздадената заедница на емоционално и филантропско ниво.

Во РОМУЛ, МОЈОТ ТАТКО (Romulus, My Father) на Ричард Роксбург (Richard Roxburgh) главниот лик е Ромул, по потекло Романец од Војводина, Југославија, а го игра ѕвездата Ерик Бана, со вистинско име Ерик Банадиновиќ (Eric Banadinović), чии родители потекнуваат од поранешна Југославија. Бана во овој филм е сопруг на Германка – ја толкува германската актерска ѕвезда Франка Потенте (Franka Potente) – со која се доселуваат во Австралија, но очекувањата дека во „ветената земја“ веднаш ќе потече мед и млеко не се остваруваат. Изневерените лични очекувања се посебна пречка за жената, која не сака да живее селски живот, на фарма, па ги напушта сопругот и синот, заминувајќи во големиот град, како што тоа обично бидува, со друг маж. Ќе има ли живот за сопругот и синот, и покрај социјално-економските и здравствените пречки?

Од друга страна на емигрантската плоча, пак, златната ера на современата холивудска филмска продукција е незамислива без дузина актери, режисери и останати професионалци на значајни креативни позиции во чии лични документи како место на раѓање е запишан некој град токму од Австралија. Долга е раката на австралиските филмски режисери во холивудските филмски студија, кои по успехот во кинематографијата на родната земја направија уште поголем светски успех: Питер Вир, Џорџ Милер, Брус Бересфорд, Филип Нојс, Џилијан Армстронг, Баз Лурман, Фред Шеписи, Расел Малкахи или Пи Џеј Хоган (Peter Weir, George Miller, Bruce Beresford, Phillip Noyce, Gillian Armstrong, Baz Luhrmann, Fred Schepisi, Russell Mulcahy, P. J. Hogan) се само најпознатите имиња. Уште подолга е листата на успешни и популарни актери со австралиско потекло. Питер Финч, Рејчел Ворд, Кејт Бланшет, Брајан Браун, Џефри Раш, Хит Леџер, Џуди Дејвис, Пол Хоган, Никол Кидман, Тони Колет, Ерик Бана, Расел Кроу, Џејсон Донован, Хју Џекман, Дејвид Венам, Гај Пирс, Хуго Вивинг, Грета Скаки, Џеки Вивер, Миа Васиковска, Маргот Роби, Бен Менделсон, Џема Ворд (Peter Finch, Rachel Ward, Cate Blanchett, Bryan Brown, Geoffrey Rush, Heath Ledger, Judy Davis, Paul Hogan, Nicole Kidman, Toni Collette, Eric Bana, Russell Crowe, Jason Donovan, Hugh Jackman, David Wenham, Guy Pearce, Hugo Weaving, Greta Scacchi, Jacki Weaver, Mia Wasikowska, Margot Robbie, Ben Mendelsohn, Gemma Ward) се дел од неа, а претходно секако и ветераните Ерол Флин (Errol Flynn) од Златната ера на Холивуд, Чипс Раферти, Чарлс Тингвел, Бил Хантер, Џек Томпсон (Chips Rafferty, Charles Tingwell, Bill Hunter, Jack Thompson).

Дури и кога на одјавната шпица на филмовите ќе ги сретнеме имињата како Мел Гибсон (Mel Gibson, Американец), Сем Нил (Sam Neill, Новозеланѓанец) или Наоми Вотс (Naomi Watts, Британка), сè некако сме убедени дека и тие се Австралијци, заради печатот што го имаат оставено како актери во австралиски филмови.

Австралиската кинематографија, навидум „мала“ во споредба со Холивуд, знаела продукциски да изнедри големи кино-хитови како КРОКОДИЛОТ ДАНДИ (Crocodile Dundee, 1986) со Пол Хоган, со вкупна заработувачка од 328 милиони американски долари (во продукција вложени помалку од 10 милиони), неговото продолжение (1988) со 240 милиони долари заработувачка (вложени 12 милиони), како и ЛУДИОТ МАКС: ПАТОТ НА ГНЕВОТ (Mad Max: Fury Road, 2015) на Џорџ Милер – но овој пат со Том Харди (Tom Hardy) како анти-херојот Макс Рокатански наместо Мел Гибсон – со 376 милиони американски долари заработувачка (вложени 120 милиони).

Романтичната историска драма АВСТРАЛИЈА (Australia, 2008) на Баз Лурман, со Никол Кидман и Хју Џекман во главните улоги, е најскапата австралиска продукција која чинела 130 милиони американски долари (но „само“ 78 милиони американски долари по даночните олеснувања), а вкупната заработка достигнала 211 милиони. МУЛЕН РУЖ (Moulin Rouge!, 2001) на Лурман, пак, кој чинел околу 45 милиони американски долари, заработил 180 милиони. Досегашен шампион на светскиот бокс-офис сепак е СРЕЌНОТО СТАПАЛО (Happy Feet, 2006), анимираната музичка комедија на Џорџ Милер во која гласовите ги позајмуваат Илајџа Вуд, Робин Вилијамс, Британи Марфи, Хју Џекман, Никол Кидман, Хуго Вивинг и И Џеј Дејли (Elijah Wood, Robin Williams, Brittany Murphy, Hugh Jackman, Nicole Kidman, Hugo Weaving, E.G. Daily). Во неа се вложени 100 милиони американски долари, а заработила 384 милиони.

Прегледот на австралиската кинематографија бележи и значителни поддршки и даночни олеснувања за филмските продукции од страна на неколку влади во различни периоди, но кога ќе ги вкрстите податоците од економијата и хронологијата на австралискиот филм, секогаш ги добивате клучните термини како „ренесанса на австралискиот филм“, „нова ера на австралискиот филм“ и слично.

Но, да се вратиме на суштинските прашања на австралиската кинематографија. Меѓу нив сигурно спаѓа и етичката димензија на филмските стории. А филмот ЏИНДАБАЈН (Jindabayne) на Реј Лоренс (Ray Lawrence) загатнува токму една таква етичка дилема: дали припадникот – во овој случај жена – на инаквата заедница, домородното племе, е рамноправен, дури и по смртта? Дали тоа што непознатата жртва заради антрополошките белези (бојата на кожата и сл.) веднаш е препознаена како Абориџанка треба и мртва да остане само ѓубре кое им ја расипало идиличната глетка на на белите риболовци за време на викендот што мислеле да го поминат на исто такво, идилично, место?

Тој абориџански комплекс е присутен во австралиската кинематографија со понов датум кај најугледните автори: Баз Лурман се занимава со децата од мешана раса од т.н. „украдена генерација“ во АВСТРАЛИЈА, но Филип Нојс во ОГРАДА ЗА ЗАЈАЦИ (Rabbit-Proof Fence) е далеку посиров – и посуров – во третирањето на тоа бело петно од историјата на Австралија.

Во ЦРНИОТ БАЛОН (The Black Balloon) на Елиса Даун (Elissa Down) е загатната темата за аутистичните деца. Овој медицинско-социјален комплекс има една полесна димензија, пораспространета во медиумите и филмот: тоа е случајот кога се работи за екстерниот судир на аутистичната личност со (не)прифаќањето во пошироката заедница. Но, кај Даун проблемот е интерен, семеен, личен, и затоа уште покомплексен и поболен: како едно нормално момче-тинејџер да го прифати аутистичниот брат и да го проживее цел живот со таа различност? И тоа различност која е најблиска до него?

Австралија можеби е на крајот на светот, но и таа позиција е корисна, посебно ако сакате да освоите друг свет – Месечината. Во ЧИНИЈАТА (The Dish) на Роб Сич (Rob Sitch ), со Сем Нил во главната улога, сторијата ја опишува 1969 година, кога австралиската опсерваторија Паркс е битен сегмент во мрежата опсерватории преку кои се (ре)емитува видео-преносот од слетувањето на првиот човек на Месечината. Тој настан го следеле 600 милиони гледачи на Земјата благодарејќи, меѓу другото, и на австралиската Чинија, предавателот во пустинската Недојдија опкружен со овци. ЧИНИЈАТА е сниман според вистински настан за малиот удел на Австралија во настанот што космонаутот Нил Армстронг (Neil Armstrong) го опиша како „мал чекор за него, а голем за човештвото“.

Автор:

Слични статии