Култура

Филмот, „Господ постои, името ѝ е Петрунија” во трка за „Златна мечка“ на Берлинаре

Филмот, „Господ постои, името ѝ е Петрунија”, е влезен во главната конкуренција на престижниот Берлински Филмски Фестивал, чија премиера пред интернационална публика ќе се одржи на 10-ти февруари, а потоа ќе биде прикажан осум пати во текот на фестивалските денови. Веќе е потврдена и дистрибуцијата на филмот во Франција, каде премиерата во оваа земја е закажана за 26-ти април од страна на агентот за продажба Пирамид и ова е трет македонски филм кој добива целосна кино дистибуција во Франција.

Според продуцентите, учеството на филмови од нашиот регион во главната конкуренција на еден од трите најпрестижни фестивали е навистина ретко, а Македонија на вакох успех во филмската уметност чекаше повеќе од 20 години.   

Пред 25 години Македонија го имаше филмот „Пред дождот“  на Милчо Манчевски на фестивалот во Венеција во 1994 година, на фестивал од А категорија.

– Навистина сме возбудени пред големата премиера во Берлин, дотолку повеќе што целата комисија на фестивалот беше видно импресионирана од нашето дело. Верувам дека и на публиката еднакво ќе ѝ се допадне приказната на Петрунија, особено што преку неа допираме до многу позначајна тема, а тоа е улогата на жената во општество полно со стереотипи, нејзиното место во религијата, но и тоа каков свет ќе ѝ оставиме на жената во иднина – вели Теона Стругар Митевска.

Филмот е инспириран од вистински настани во Македонија кога жена прв пат го фати крстот за Водици. Приказната во „Господ постои, името ѝ е Петрунија” се одвива во Штип, во текот на 24 часа по Водици, кога токму Петрунија успева да го фати крстот, но нејзиниот успех е дочекан со револт од страна на локалното население и впрочем целото општество, црквата, системот…

Преку оваа приказна, вели Митевска, допираме до многу посуштински проблем со кој се соочува една жена во главно „машки“ систем, а проблемот е кренат дотаму што дури се истакнува идејата за полот на Бога и важноста на факторот на полот како еден од главните чинители во нашето општество.

Филмот е на „Сестри и Брат Митевски Продукција“ и е комплексна копродукција меѓу Македонија, Франција, Белгија, Словенија и Хрватска, а поддржан е и од Агенцијата за Филм на Република Македонија, како и од престижниот Ероимаж фонд и Медиа фондот за развој на проекти. По неговата голема премиера во рамките на Берлинале, што се одржува од 7 до 17 февруари, пред македонската публика прв пат ќе биде прикажан во текот на март.

Филмот е снимен целосно во Штип, и е во копродукција на пет земји со вкупен буџет од милион и 400 илјади евра, од кои 485 илјади се од Македонската агенција за филм.

 

Автор:

Слични статии