Култура

Урбан земјотрес ќе ја проголта Старата железничка станица

Старата железничка станица, која што е главно спомен-обележје на катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година и дом на Музејот на Град Скопје е најновата жртва на „легалниот“ урбанистички хаос, предизвикан од несоодветната подготовка на деталните урбанистички планови.

Во нив, приоритет имаат профитерските интереси на градежниците наместо стручно поткрепените архиктектонски решенија кои би требало да обезбедат услови за нормален и квалитетен живот на граѓаните.

Иако е прогласен за објект од значајно културно наследство, Старата железничка станица наскоро речиси целосно ќе биде апсорбирана од мултифункционалниот комплекс „Дајмонд“ кој го гради турската компанија „Лимак“ на парцела од околу 30.000 m2 во строгиот центар на Скопје. Со други зборови, ова наше културно наследство од две страни ќе стане лепенка до објекти од новиот комплекс.

  • Staro-skopje-8
 
 
  • Staro-skopje-1
  • Staro-skopje-10
  • Staro-skopje-9
  • Staro-skopje-8
  • Staro-skopje-7
  • Staro-skopje-6
  • Staro-skopje-5
  • Staro-skopje-4
  • Staro-skopje-3
  • Staro-skopje-2
  
Старата железничка станица која важи за еден од главните симболи на Скопје ќе се изгуби во огромниот комплекс
 

Приказната за потегот каде што се гради новиот комплекс почнува уште кон крајот на 2011 и почетокот на 2012 година, период во кој тогашното раководство на општина Центар, предводено од градоначалникот Владимир Тодоровиќ го одобрува деталниот урбанистички план за Старата железничка станица подготвен од Друштвото за планирање, проектирање и инжинеринг „Тајфа-план“. Всушност, уште при носењето на овој ДУП на некој начин е одредена судбината на Старата железничка станица бидејќи уште тогаш е испланирано да се градат објекти во непосредна близина на ова кутурно наследство.

Набргу потоа градежната парцела во центарот на Скопје со површина од 31.929 m2 и должина од речиси еден километар, која се наоѓа зад Старата железничка станица е продадена по цена од 6.300 денари за 1 m2, односно за вкупно околу 3,3 милиони евра на реноминираниот турски холдинг „Лимак“. Во купопродажбата и плановите на турската компанија нема ништо спорно со оглед на тоа што станува збор за приватна компанија која се занимава со изградба на големи и комплексни градежни објекти насекаде во светот.

Staro-skopje-4

Според ДУП-от непосредно до Старата железничка станица треба да се градат објекти од културата

 

Неизбежно се наметнува прашањето по кои принципи и регулативи се воделе и денес се водат надлежните институции за заштита на недвижното културно наследство кога е познато дека при вадењето на градежните одобренија е неопходно нивно мислење/одобрување за градби во близина на објекти кои се сметаат за споменици на културата. Одговори на овие прашања побаравме од Управата за заштита на културното наследство, Националниот конзерваторски центар – Скопје и Музејот на град Скопје.

Биљана Јовановска од Управата за заштита на културното наследство рече дека ова институција не е надлежна за ова прашање и нè упати одговори да бараме во Националниот конзерваторски центар Скопје и во Музејот на Град Скопје.

Коле Чапналковски, директор на Националниот конзерваторски центар Скопје исто така изјави дека оваа институција не е надлежна за оваа проблематика, односно дека е само во делот на санации и други работи, но не конкретно за објектот што се гради околу Старата железничка станица.

Одговори не дадоа ниту од општина Центар, ниту пак одговорија на барањето да дадат копии од документите од надлежните институции кои биле приложени при издавањето на одобренијата за градба за објектите од „Дајмонд“.

Сепак, градоначалникот на општина Центар неодамна одржа брифинг со новинари на кои појасни кога биле издадени одобренијата за градење за објектот „Дајмонд“ на компанијата „Лимак“.

 
Изјава на Саша Богдановиќ, градоначалник на општина Центар од 14 ноември 2018
  • Имаше дискусии на социјалните мрежи и на порталите околу изградбата на објектот на „Лимак“. Станува збор за три вида одобренија. Едното одобрение за изградба на хотел е издадено уште на 10.05.2016 година и тој процес е завршен уште пред да дојде до промена на власта тука односно пред локалните избори кога градоначалник беше Андреј Жерновски. Второто одобрение за градба односно започната постапка за одобрение за градба за втората парцела е на 19.12.2017 година, а тоа се однесува на згради. Постапката за ова одобрение е завршена на 15.08.2018 година. Третото одобрение за градба за подземна сообраќајница го издава Град Скопје, а не општина Центар.
  • Затоа сакаме да ги појасниме работите. Јас знам дека за секој објект започнат има реакции, но ние не можеме ретроакативно да вратиме некои постапки, ние можеме да провериме дали се во ред. Во моментот кога тие поднеле барање важеле тие постапки кои биле на важност. Од 27.12.2017 секоја нова постапка се враќа назад додека не се ревидираат плановите – вели Богдановиќ.
  Тоа значи дека „Лимак“ побарал одобрение за градба за еден од објектите само десетина дена пред да биде прогласен мораториум, а одобрението е издадено дури во август, годинава со што е целосно отворен патот за рализација на овој град.ндиозен проект.
StaraZeleznickaStanica1

Деталниот урбанистички план за оваа локација е еден од 31 ДУП-ови кои се под мораториумот на општина Центар, но сепак со оглед на тоа што барањата за одобренија за градење биле поднесени пред одлуката за мораториум на оваа локација во моментов се одвиваат најголемите градежни активности во Скопје

 

Во Музеј на Град Скопје велат дека во нивната архива нема заверено никакво барање за одобрение или мислење во врска со градежниот комплекс „Дајмонд“. -Зградата на Старата железничка станица која е прогласена за значајно културно наследство, а во која сега е сместен Музејот на град Скопје, е во сопственост на Градот Скопје, додека Музејот има само право на користење. Исто така, согласно член 75 од Законот за заштита на културното наследство: Заради оцена на доследната примена на заштитно-конзерваторските услови, во случаи кога на заштитено подрачје се изведуваат градежни работи кои не претставуваат непосредна заштита на недвижното културно наследство, Управата (за заштита на културното наследство) издава претходно заштитно-конзерваторско одобрение за недвижно културно наследство.

Претходно заштитно кознерваторско одобрение се дава на барање на инвеститорот, во рок од 15 дена по приемот на барањето – велат од Музејот. Оттаму информираат дека Управата за заштита на културното наследство има донесено Решение за прогласување на Старата железничка станица за значајно културно наследство од 15.07.2011 година, и уште едно Решение за изменување на решението за прогласување на значајно културно наследство од 24.06.2015 година. -Во точка 4 од измената, даден е точен опис на контактната зона со нејзините граници. Инвеститорот поседува имотен лист за сопственост на парцелите на кои се простира контактната зона.

Инаку, контактната зона на споменикот Стара железничка станица има режим на заштита од трет степен, кој меѓудругото подразбира можност за изградба на нов објект (објекти) во границите на контактната зона, со габарит соодветен на градежната парцела и максимална висина во северниот дел еднаква на висината на некогашниот средишен волумен на Железничката станица, односно 19,50 метри – велат од Музејот. Од Музејот укажуваат дека растојанието од зградата на Старата железничка станица до планираните објекти од западната страна изнесува 6 метри, од јужната страна изнесува 6 метри и од источната страна планираните објекти се предвидени до оградата на отворениот двор на музејот.

ДУП-овите алатка на профитерскиот урбанизам

Експертската јавност досега во повеќе наврати укажува дека урбаниот хаос наскоро може да го направи животот во Скопје целосно нефункционален. Уште повеќе, несоодветното планирање придонесува кон неразумно зголемена густина на градби на мал простор, несоодветна патна и комунална инфраструктура и спречување на нормално струење на воздухот. Тоа дополнително го зголемува загадувањето за кое веќе има докази дека е причинител за повеќе смртни случаи отколку кој било друг фактор.

Професор д-р Анета Христова од Архитектонскиот факултет вели дека деталниот урбанистички план за Старата железничка станица е несоодветен урбанистичко-архитектонски гест за таа локација од аспект на претерано згуснување на објекти на место каде што веќе постои преголема густина, но и од еколошки аспект со оглед на тоа што ќе се градат објекти кои ќе го задушуваат струењето на воздухот во Скопје.

aneta 1– Деталните урбанистички планови се повеќе се оддалечуваат од архитектурата и наместо да се предмет на сериозно преиспитување од архитекти и други стручни лица, да поминуваат низ јавни дебати во кои ќе се чујат мислења од повеќе страни, тие најчесто стануваат алатка за тотална окупација на просторот и профитерски урбанизам – вели Христова.

 Таа додава дека планот за целиот потег по Јужен булевар е неправилно обмислен и погубен.

  • Уште со изградбата на зградите на улица Железничка, а сега и со новите планирани објекти целосно се затвора оваа локација и се спречува струењето на воздухот од Водно, што значи ставање барикади во услови кога се зборува за воведување еколошки концепти – вели Христова.

Конкретно за Старата железничка станица која е законски заштитено културно наследство, таа вели дека е потребно посебно внимание.

  • Не е дека во светот нема примери со кои се споменици на културата се реконструираат во согласност со урбаното ткиво, но со актуелното решение Старата железничка станица целосно ќе се апсорбира во новиот комплекс – вели Христова.

Кога станува збор за фактот дека надлежните органи при подготовката на урбанистичките планови сè почесто се водат од потребите на инвеститорите наместо од научно утврдените правила, таа вели кај нас вообичаено се реагира постфестум со петиции или реакции кои не можат да ги сменат работите.

  • Архитектурата е интелектуална дисциплина и ако требаше да одговори на профитерските потреби на инвеститорите наместо на потребите на граѓаните, таа ќе се изучуваше на економските факултети, а не на факултетите за архитектура – вели Христова.

„Дајмонд“ ќе зафати простор од околу 325.000 квадрати

  • Diamond-3
  • Diamond-6
  • Diamond-2
  • Diamond-1
  • Diamond-5
  • Diamond-4
  • Diamond-8
  • Diamond-7
 
 Според најавите од инвеститорите проектот „Дајмонд“ ќе вклучува околу 1.000 станови во 20-катни згради со по 1, 2 или 3 спални соби, канцеларии, трговски центар, хотел, простор за слободни културни активности каде ќе биде сместен Музејот на Град Скопје, ќе има места за јадење и пиење, фитнес центар, казино и паркинг со капацитет за околу 2.000 автомобили.

Површината на вкупниот проект ќе биде околу 325.000 квадратни метри.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии
Новинар и фоторепортер: Владимир Николоски

Автор:

Слични статии