Промоција на „Уште музика и муабети“ од Ненад Георгиевски
— 7 декември, 2018Промоцијата на книгата „Уште музика и муабети“ на новинарот Ненад Георгиевски во издание на „Полица“ ќе се одржи на 10 декември со почеток во 20 часот во МКЦ-ресторанот.
Книгата е втора во серијата изданија и е уште една колекција на интервјуа со домашни и со странски музичари, фотографи, режисери и дизајнери што се работени во период од 17 години, од 2001, па сè до 2018 година, и се објавувани за повеќе медиуми од Македонија, Србија, САД и од Хрватска. Станува збор за разговори со врвни и познати претставници во своите музички жанрови, односно за уметници што настапувале во Македонија или во регионот: Мариза, Конча Буика, Пет Метини, Џон Скофилд, Бил Фрисел, Ал ди Меола, Енди Самерс („The Police“), Џошуа Редман, Чарлс Лојд, Руичи Сакамото, Зоран Маџиров, Џоле Максимовски („Кабадајас“), Доријан Јовановиќ и многу други.
Книгата се состои од 60 интервјуа во кои се опфатен голем број теми што се однесуваат на повеќе аспекти од занимавањето со музика, почнувајќи од инспирацијата, оригиналноста, искуствата, начинот на работење, па сè до илустрации, дизајни, книги. Бидејќи станува збор за претставници од различни музички жанрови што уживаат голем углед и популарност, а разговорите со нив ги надминуваат дневните теми и опфаќаат суштински аспекти на музиката, уметноста и создавањето, книгата може да биде приемчива за пошироката публика, но и за оние што професионално се занимаваат со музика.
Во однос на претходната книга, „Музика и муабети“, која се состоеше исклучиво од интервјуа со музичари, во „Уште музика и муабети“, покрај интервјуата со познати музичари, листата на соговорници се шири и тука ќе се најдат и интервјуа на познати фотографи, режисери на документарни филмови и графички дизајнери. Сите нив ги спојува љубовта кон музиката и работата на полето на музиката. Сите овие фотографи се интервјуирани поради соработката со реномирани ѕвезди и поради тоа што, како резултат на таквата соработка, објавиле книги. На пример, фотографите Стивен Шапиро и Брајан Рашиќ на тема за Дејвид Боуви, фотографот Даниел Крејмер за Боб Дилан, Хари Бенсон за „Битлси“. Тука се и интервјуата со дизајнерите Крис Биг (за Дејвид Силвијан) и Стив Аверил (за „U2“).
Освен самата содржина, големиот број фотографии на музичарите од домашни и странски фотографи дополнително придонесуваат за нејзината атрактивност. Воведот е напишан од композиторот Џијан Емин, кој е и еден од соговорниците во книгата. Уредник на книгата е Тони Димков. На самата промоција, настап ќе има бендот на Гоце Стевковски.