Победник на „Новите!“ за 2018: Андреј Ал-Асади
— 29 декември, 2018Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“, во состав Фросина Пармаковска, Петар Андоновски и Ѓоко Здравески, одлучи наградата за 2018 година да ја добие ракописот „Друго минато“ од Андреј Ал-Асади.
Збирката раскази „Друго минато“ од Андреј Ал-Асади се издвои меѓу пристигнатите ракописи по својата цврста структура, по јасната визија за тоа што треба да претставува овој ракопис, но и според писменоста и очигледната посветеност со која ракописот е пишуван. Деветте раскази во книгата, која почнува со воведниот расказ „Рамка“, се тематски и поетички меѓусебно поврзани, еден на друг се надоврзуваат, со што создаваат монолитна целина.
Андреј Ал-Асади е млад автор, кој покажува солидно познавање не само на раскажувачките техники и на делата на своите омилени книжевни претходници, туку покажува познавање и од други области, кои се повеќе или помалку сродни на книжевноста: математиката, филозофијата, историјата, суфизмот, религијата воопшто итн.
Расказите во „Друго минато“ изобилуваат со интертекстуални врски особено со делата на суфистичките поети или со приказни што се поврзуваат со нивните животи. Се разбира, потребно е читателот да биде доволно запознаен со оваа тематика за да може да ги фати сите можни врски, кои некогаш се можеби и параврски, односно можеби упатуваат на референт што не постои.
Во сета оваа игра на гласови Андреј Ал-Асади или, попрецизно кажано, нараторите во неговите раскази, одлично се снаоѓаат.
Ефектот на очудувањето е карактеристичен за секој од расказите на Ал-Асади, чија реалност изобилува со временски и просторни нарушувања, граници меѓу сонот и јавето кои постојано се пречекоруваат, привиденија, предмети и луѓе со необични моќи. Сето тоа ја поврзува оваа збирка со фантастичниот жанр, и тоа во неговата примарна, најчиста форма, според Хофмановата дефиниција.
Токму поради овие неколку наведени карактеристики на ракописот „Друго минато“ комисијата за доделување на наградата „Новите!“ едногласно одлучи токму ракописот на Андреј Ал-Асади да биде одбран за најдобар. Му ја честитаме наградата, а на сите останати учесници на конкурсот им благодариме за учеството.
Извадок од ракописот
Пород без крилја
Исклучително е тешко да се дојде до овие списи, кои во петнаесеттиот век, ги составил непознат автор, иако некои историчари одлучно посочуваат на музејот „Мањин“ во Дижон, каде што би можеле да се најдат. Тоа што јас сум го прочитал е неверодостојна копија, која успеав да ја добијам од мојот драг пријател Анри Жерар, за време на неговата посета на Скопје. По долго и напорно убедување, реши да ми ја донесе. Оскудноста на текстот е занемарена од разнобојните минијатури, кои силно ме потсеќаа на оние од табрискиот мајстор од четиринаесеттиот век, Реза Абази. Но, да ве поштедам од излишните претпоставки, бидејќи тоа што успеав да го прочитам дословно гласи вака:
„Знаете ли колку е болно да продолжуваш да го правиш тоа што е спротивно од она што го очекуваш од себеси, а притоа да си постојано свесен? И зошто е тоа така? Дали поради тоа што лицето што го гледаш во туѓите очи е грубо и подалечно од она што со утешителен шепот те охрабрува пред огледалото? Или затоа што не можеш да ги уживаш своите копнежи, како и секое друго животно, колку подолго и покрваво, толку послатко? А не можеш затоа што, ако светот беше уреден така, ќе требаше да се соочиш со многу поголеми и побрзи животни од себе. Болно е. Неприфатливо. Старееш пребрзо, затоа што постојано си во трка со тој што сакаш да бидеш. Навлекуваш железни околопи околу себе, но животот протекува од секој отвор. Пробуваш да се браниш од светот. Да побегнеш. И успеваш да побегнеш од самиот себе. Тогаш, секоја насмевка се претвора во лажна гримаса. Секој збор му следува на едно долго и болно обмислување. Секоја солза прави да се мразиш себеси уште повеќе.
Во одбрана на нашата голема вера од еретиците, кои, во последново десетлетие, никнуваат како печурки по есенски дожд, ќе ви ја раскажам оваа приказна за еден таков човек. За час ќе помислиш дека е голем човек, но всушност е срам за нашето славно христијанско минато и за нашата христијанска иднина.
Во илјада деведесет и осмата година, зад тврдините на Антиох, украсени со четиристотини високи кули, браќата Теобалд и Симон Абас Вјермандуа истрајно постеа, откако Петар Бартоломеј ѝ соопшти на војската на Франките дека го пронашол Светото Копје.
Нивниот татко, угледниот Хју Абас Вјермандуа, беше војсководец, кој одлучно служеше во редовите на Бохемонд Први, и никогаш не забораваше да ги потсети своите синови на трпелива покорност кон Отецот, Синот и Светиот Дух. А понекогаш ги упатуваше и во размислите на Марко Аврелиј, кои весело заклучуваа дека пониските нешта постојат поради повисоките, а повисоките едни заради други.
Таа вечер спроти битката со Кербоха од Мосул, Теобалд и Симон се потсетуваа на кажувањата на нивниот татко, седнати околу огнот, под јужните ѕидини на Антиох. Пиејќи студена вода од реката Оронте, која војсководецот, со кого требаше да се соочат, ја нарекуваше Аси, со нетрпение го исчекуваа познатиот крик на трубата, кој ќе ги поведеше во немилосрден бој, бранејќи го светото име и знамето на христијанството.
Никој од крстоносците, а верувам ни самиот Хју Абас Вјермандуа, не можеше да си претпостави со каква лукавост ќе се послужат браќата таа ноќ. „Рејмод Абас Агилер ќе биде на чело на армијата“, зборуваше Теобалд. „Штом ќе ги напуштиме ѕидините, ќе му се приближиме, навестувајќи му дека сме тука да го браниме до последната капка крв“. „А зборуваше ли со татко за ова?“, смирено праша Симон. „Не сум сигурен дека ќе ги одобри нашите намери…“ Теобалд брзо извлече краток нож од чевлите и го притисна врз неговиот врат. „Не ми е грижа за татко! Тој да знаеше нешто повеќе за тајните на небесата, немаше да биде обичен војсководец препуштен на милоста на непријателите, препуштен од кралот, туку самиот тој ќе беше крал“, го тргна ножот, оставајќи црвена вдлабнатина врз вратот на својот брат. „Доколку ни успее, идните поколенија со стравопочит ќе го спомнуваат нашето име“. „Но, доколку Бог не го оправдува тоа“, се побуни Симон, „можеш ли да претпоставиш каква судбина нѐ демне?“ „Бог го оправдува сето она што го помага јакнењето на христијанската држава. Зар мислиш дека сме помалку вредни од Бохемонд и неговите мрзливи благородници!? Зар мислиш дека не заслужуваме повеќе? По сета сиромаштија и беда што ја искусивме, по сите битки што ги водевме за него, по сета крв што ја пролеавме и сите солзи што ги роневме, мислиш ли дека не заслужуваме да бидеме на чело на армијата што ќе ја поврати честа и достоинството на христијаните!?“ Симон молчеше и гледаше пред себе. „Можеби си во право“, ја крена главата, „но да ми ветиш дека откако ќе го направиме тоа, четриесет дена ќе постиме и ќе ги казнуваме нашите тела, пред да го прифатиме витештвото. А откако ќе го сториме тоа, ќе бидеме праведни кон нашите селани и слуги“. „Така е, мил мој“, се насмевна Теобалд и му ја подаде раката. Но, трубата рикна и браќата го слушнаа железното будење на војската. „Кербоха се приближува!“, рече Теобалд. „Биди спремен, ова е нашата последна надеж“. Станаа, ги навлекоа оклопите, ги зграпчија копјата и се устроија за битка. Заедно со својот полк застанаа под јужните ѕидини на Антиох, очекувајќи го Рејмонд Абас Агилер, кој пристигна на бел коњ, носејќи го во десната рака величественото Копје, со кое Лонгинус ја покори вечноста. Очите на Теобалд се наполнија со солзи. Посака да го допре, да го помилува, можеби да му прошепоти неколку стихови од Библијата, но не смееше да се помрдне од местото. И Симон се насмевна од восхит. „Ова е војна против неверниците!“, крикна Агилер. „Бог го чуваше овој ден, во кој ревносно ќе биде искушувана нашата света служба. Верувајте и борете се, мили мои, победата е на наша страна!“, и се упати кон портите. Војската стоеше зад него и ја чекаше следната наредба. Двајца силни крстоносци ги отворија џиновските порти на Антиох и на хоризонтот можеше да се здогледа војската на Кербоха, како жедно напредува кон нив. Симон се стресе, гледајќи во црниот појас на хоризонтот. Но штом ги забележа останатите пет полка, кои геометриски беа распоредени околу нив, почувствува длабока сигурност дека ова е денот кога надежта на неверниците ќе биде загушена во нивната сопствена крв. „Ајде!“, го слушна гласот на својот брат. „Да се упатиме кон Агилер.“ Низ статичната шестоаголна формација на војската, го забележа бакарниот шлем на Теобалд, кој жедно се пробиваше кон војсководецот. Викна по него, но тој не обрнуваше внимание. Беше заслепен од копнежот Копјето да се најде во негови раце. Симон го крена штитот и тргна напред со останатите.
Војската на Кербоха беше впечатливо помала од онаа на Бохемонд Први. Не можејќи да го издржат крволочниот притисок на Франките, повеќето емири на Кербоха побегнаа, вклучувајќи го и самиот Шамс Ал Мулук Дукак, најхрабриот од нив. Нападнат од сите страни, не можејќи да ја задржи својата формација, турскиот аскер се затекна во безредие. Симон храбро се бореше и лесно управуваше со оружјето, кое често си го наоѓаше патот некаде помеѓу шлемот и оклопот, длабоко зариено во гркланот на непријателот. Се сврте, барајќи го војсководецот, кога го забележа Теобалд како се приближува кон него со кренат меч. Во тој миг, Симон се поколеба. Како може човек да знае дали Бог ги оправдува неговите намери, го прашуваше своето срце, кога му оставил толкав простор и слобода самиот да бира и да одлучува? Дали Бог е лицемерен затоа што им дозволува на престапниците и лукавите да уживаат во плодовите од својот труд или е достоен на кажувањата од Книгата? Ако е достоен, тогаш ние ништо не сме разбрале од неа. Ако е лицемерен, тогаш мојот брат е во право. Симон се двоумеше. Останатите војсководци ќе ја препознаат нашата лукавост и ќе завршиме на гилотина. Но, ако му се приближиме од левата страна и се преправаме дека го спасуваме Агилер погоден од непријателските стрели, лесно можеме да го земеме копјето без никој да нѐ забележи. Знам, знам дека е поголем грев да го убиеш својот брат отколку војсководецот, но тоа што сакаме да го земеме му припаѓа на самиот Христос. Никој не смее да се осмели да го украде тоа што му припаѓа на Бог. Стоеше простум, гледајќи како Теобалд се приближува кон Рејмонд Абас Агилер, со кренатиот меч. Симон го љубеше Христос. Но го љубеше и својот брат. Го љубеше повеќе од самиот себеси. Неговиот татко, Хју и Теобалд беа единствените личности што вредеа во неговиот живот. Единствената причина поради која беше жив. И конечно одлучи. Го зграпчи копјето, кое беше сѐ уште топло од неверничката крв и го фрли кон брата си. Теобалд се струполи наземи. Копјето го проби неговиот череп и ѕирна од челото. Теобалд лежеше со очите ширум отворени и јазикот исплазен врз песокта. Агилер го забележа тоа и одобрувачки му кимна на Симон.
Франките лесно се дограбија до победaта, принудени да го гонат аскерот до Железниот мост, од каде што Кербоха побегна кон Мосул, засекогаш лишувајќи се од угледот на храбар и почитуван војсководец.
Симон и неговиот татко, Хју Абас Вјермандуа, кој тие денови беше исклучително тажен поради смртта на својот син Теобалд, со гордост ги примија почестите од кралот Бохемонд и се качија на првиот брод за Франција. Нивните имиња ќе продолжат да се спомнуваат помеѓу народот, будејќи верба и надеж за бремето што го наложуваат следните столетија. Но Теобалд, како и илјадниците луѓе пред него, останува црна дамка во христијанската историја, која може да се избрише единствено со замав на мечот.
Тука би сакал да потсетам дека Симон се спомнува уште неколку пати низ следниот половина век, но под друго име. Всушност, во Франција се јавува едно движење со потекло од македонските падини, кои тогашните власти со огорченост го нарекувале „катари“. Нивниот прв учител, запамeтен под името Ебервин, кој праведно го заработувал својот леб во околијата на Келн, ја напишал книгата, сега веќе загубена, Fidem est divinum, Fidem est malum, во која зборува за битката за Антиох, спомнувајќи го за првпат Bons Hommes, кој, како што успеав подоцна да разберам, патувајќи низ Андалузија, претставувал синоним на Ел Инсан Ел Кебир (на Ибн Араби). Но Ебервин бил приморан да ја сподели судбината со сите останати гностици. Старите Келњани со огорченост се сеќаваа на тој човек (така ми кажуваа), кој препуштајќи ги на милоста на инквизиторите, пред да умре, непрестајно го спомнувал својот брат Теобалд Абас Вјермандуа, заминувајќи обеспокоен кон вечноста.
Андреј Ал-Асади е роден во Лондон, 1996 година. Има завршено средно образование во СУГС „Никола Карев“ – Скопје. Студент е на Економскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Активно пишува поезија и припаѓа на најмладата генерација македонски поети. Учествувал на повеќе поетски читања низ Македонија. Досега има објавено две стихозбирки Midnight blues (2014) и Под дервишовото сиќе (2018).
Наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис „Новите!“ изнесува 1000 евра и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.
Преземено од Окно/мк