Култура

Истекува рокот за исполнување на препораките на УНЕСКО за Охрид

Пред истекот на рокот што УНЕСКО ѝ го постави на Македонија за да преземе активности за проблемите во Охрид и охридскиот регион како заштитено природно и културно наследство, министерот за култура Асаф Адеми и претседателот на комисијата за управување со Охридскиот регион, Зоран Павлов реферираа пред собраниската Комисија за култура за тоа што е реализирано во изминатиот период.

Министерот за култура даде информации за подготовката на извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките на УНЕСКО. 

Според овој извештај интензивно се работело на ревизија односно подготовка на нов закон за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, ревизија на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и стратегиска оцена за влијанието на животната средина за План за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (2018-2027).

Нацрт Законот е на јавна расправа која ќе трае до 27 јануари 2019 година, а стратешка оценка е во завршна фаза. Во прилог на ова, изработен е План за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид , а ќе следи и изработка на нова Стратегија за развој на туризмот која ќе ги задоволи бараните критериуми. Изготвено е номинациското досие за проширување на територијата на Охридскиот регион на Листата на УНЕСКО и на албанска страна.

Ажурираниот извештај за активностите на Министерството за култура и на националната комисја на УНЕСКО за Охридскиот регион ќе биде изготвен до 1 февруари 2019 година и до 43-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во 2019 година на која ќе се разгледува статусот на Охридскиот регион.

Во дискусијата учествуваа повеќе пратеници и беше кажано дека зачувувањето на интегритетот и автентичноста на природното и културното наследство на Охридскиот регион останува приоритет на агендата на Комисијата за култура, како дел од обврската за вршење на парламентарен надзор врз работата на извршната власт.

Во извештајот на УНЕСКО за Охридскиот регион од 2 јуни, 2017 година, пишуваше:

„Мисијата на УНЕСКО изразува загриженост од зголемувањето на сообраќајот и туризмот, како и од другите слични несоодветни инфраструктурни проекти, вклучувајќи го предложениот проект за развој на ски-центар ‘Галичица’, за експресниот пат и други поединечни и некоординирани проекти за урбан развој. Сето ова може да ги влоши клучните атрибути на природните и културните вредности од природното и културното наследство, како што е целокупната форма на монументалниот урбан ентитет и биодиверзитетот во езерските води, доколку не се преземат итни мерки“, пишува во извештајот на УНЕСКО.

Македонските власти мора да обрнат внимание на можностите за развивање на еко-туризмот, додека постојните проекти, како што се изградба на ски-центар на планината Галичица, односно во Националниот парк „Галичица“ и експресниот пат кој е планиран да поминува низ таа територија, веднаш да бидат стопирани.

Рокот за надминување на овие проблеми и спроведување на препораките е две години. Ако до 2019 година не се постапи според барањата на УНЕСКО, Охрид би можел дефинитивно да биде ставен на листата на „Светско наследство во опасност“, стои во извештајот на УНЕСКО. 

Автор:

Слични статии