„Збогати се преку ноќ“ е мотото на 18. Фестивал на европски филм Синедејс, кој од 8 до 18 ноември ќе се одржува во скопското кино Милениум и во Младинскиот кутлурен центар (МКЦ). Годинава Фестивалот ќе отстапи од стандардното отворање во киното Милениум, ќе има неформално отворање во МКЦ, со филмот „Среќниот принц“ во режија на британскиот актер Руперт. „Според последните статистики, во Скопје за една година се отворени 30 кладилници. Нашата порака е луѓето да дојдат во кино и да се збогатат духовно“, рече денес директорот на МКЦ Русе Арсов.
На Синедејс ќе се прикажат над 100 филмови во стандардните програми: гала, официјална, СинеБалкан, музички документарци, МК во ЕУ, ретроспектива на Милош Форман, МК кратки филмови, студентска и детска програма и СинеМјузик
Во гала програмата ќе има 21 проекција на наградувани филмови на фестивалите во Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин, Ротердам, како „Крадци“ на Хироказу Коре-Еда, „Најмрачниот час“ на Џо Рајт, „Суспирија“ на Лука Гвадањино, „Фантомска закана“ на Пол Томас Андерсон, „Без гајле, нема да стигне далеку пеш“ на Гас Ван Сант, „Куќата што ја изгради Џек“ на Ларс фон Трир, „Човекот што го уби Дон Кихот“ на Тери Гилијам, „Зајдисонца“ на Ласло Немеш, „Сите знаат“ на Асгар Фархади, „Студена војна“ на Павел Павликовски, „Белата врана“ на Реиф Фајнс, „Лоро“ на Паоло Сорентино, „Сликовница“ на Жан-Лик Годар, „Догмен“ на Матео Гароне, „Двојни животи“ на Оливие Асајас, „Остров на кучиња“ на Вес Андерсон, „Фаворитот“ на Јоргос Лантимос и „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“ на Спајк Ли.
Во жирито за официјалната селекција се актерката Верица Недеска, Бригита Матнеј, финансиски консултант од германскиот фонд Браденбург Медиенбоард и професорката по филм и теоретичарка Александра Накиелски. Музичката програма се состои од девет концерти, меѓу кои се: „Сеќавање на ЕКВ“ каде гостин ќе биде Срѓан Жика Тодоровиќ и концертот на Женскиот младински хор на МКЦ.
За првпат ќе има СинеИндустри филмски маркет, за кој Марина Лазаревска, координатор и продуцент на студенската програма, вели дека целта на настанот е да ја инспирира публиката да побара нови можности за дистрибуција и да ги преиспита начините на кои се дистрибуираат филмовите, за да се напредува.
Билетот за гала програмата чини 150 денари, а сите останати проекции со по 100 денари. Проекциите за студентската програма, МК кратки филмови, детската програма и работилниците се со бесплатен влез. Фестивалот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, Градот Скопје и Делегацијата на ЕУ во Македонија.
Синедејс ќе се затвори со премиера на „Еј“ на македонскиот режисер Васил Христов.