Култура

Почина великанот на македонското вајарство Боро Митриќески

Еден од великаните на македонското вајарство, академик Боро Митриќески, почина денеска на 91 година, соопшти Македонската академија на науките и уметностите.

Во својата богата творечка кариера, Боро Митриќески, кој внесе радикални промени во македонското пластично творештво, има реализирано над 350 дела како фигури, актови, композиции, торза, потоа портрети и други кои што претставуваат трајна вредност во македонската скулптура во изминатите шест децении. Треба посебно да се нагласат изведените десет споменика и спомен обележја, меѓу кои и „Железара“, скулптура во метал, Скопје, Споменик „Кирил и Методиј“, бронза Скопје, споменик „Карпош“, мермер Кратово, споменик НОБ Делчево и фонтана „Дојран“. Роден во Прилеп на 10 мај 1927, откако првите сознанија за вајарството ги добива од академикот Димо Тодоровски, студира на Академијата за ликовни уметности во Загреб, во класата на врвни вајари. По дипломирањето работи како ликовен педагог, академикот бил директор на Уметничката галерија „Даут Пашин амам“.

Тој е добитник на повеќе награди и признанија, како државната награда „11 октомври“, наградата „Нерешки мајстори други. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 26 јули 1997. Погребот на академик Боро Митриќески ќе се изврши на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје на 26 ноември (понеделник) во 13 часот, а неговите посмртни останки ќе бидат изложени во Капелата од 12,30 до 13 часот. По повод смртта на Митриќески, во Свечената сала на МАНУ ќе се одржи Комеморативна седница на 26 ноември 2018 година, понеделник, во 10 часот.

Автор:

Слични статии