Ретроспективно-монографска изложба на Драган Попоски Дада
— 24 октомври, 2018Националната галерија на Македонија (НГМ) вечер во 19 часот во Даут-пашин амам ќе отвори ретроспективно-монографска изложба на Драган Попоски Дада – доајен на македонската современа скулптура, кој има голем придонес во развојот и афирмацијата на македонската современа ликовна уметност. Изложбата ќе претстави стотина скулптури и цртежи од сите творечки периоди на Попоски.
– Изложбата ќе го одбележи повеќедецениското творештво кое се издвојува со својот каракатеристичен авторски белег на нашиот еминентен скулптор Драган Попоски Дада. На изложбата ќе бидат презентирани дела (скулптури и цртежи) од сите фази од неговото творештво, кое почнува далечната 1964 година. Со оглед на неговото големо значење и силниот и препознатлив белег кој беше инспирација за многу нови генерации ликовни автори, а земaјќи предвид дека подолг период не е активно присутен на македонската ликовна сцена, изложбата ќе претставува своевиден пресек на неговото творештво, укажувајќи на неговото исклучително значење за современата македонска ликовна уметност, соопшти НГМ.
Делата кои ќе бидат претставени се сопственост на авторот и на повеќе институции (Национална галерија на Македонија, Музеј на современата уметност, Музеј на Македонија, Центар за современа ликовна уметност – Прилеп, СОЗР при Влада на РМ итн), како и на значаен број приватни сопственици. Куратори на проектот се Маја Чанкуловска-Михајловска и Маја Неделкоска-Брзанова.
Изложбата ќе биде отворена до 24 ноември 2018, a oрганизирана е во рамки на одбележувањето 70 години од основањето на Националната галерија на Македонија.