Култура

Во 1958 година Мао Цедунг наредил да се убијат сите врапчиња и предизвикал огромна катастрофа

Во 1958 година Мао Цедунг наредил сите врапчиња да бидат убиени, бидејќи тие јаделе премногу жито. Ова ја предизвикало една од најголемите еколошки катастрофи во историјата, пишува Thevintagenews.

Дека човекот има најголемо влијание во еколошките катастрофи зборува и оваа случка во Кина.

Иако еколошките катастрофи се вообичаени во историјата на човештвото, мал број од нив може да се споредат со онаа што започнала во 1958 година во Кина, кога . Мао Цедунг, лидерот на Народна Република Кина, наредил сите врапчиња во земјата да бидат убиени. Тој одлучил дека на Кина не  требаат штетници како врапчињата. Тој мислел дека врапчињата јадат премногу жито и му се чинело како разумна одлука сите да бидат убиени.

Според Мао Цедунг, врапчињата му пречеле на економскиот развој на Кина. Во текот на следните три години, 45 милиони луѓе умреле од глад предизвикан од лошото економско управување, еколошките катастрофи, како и државниот терор. Мао Цедунг спровел неколку масовни кампањи во обид да го модернизира и да го подобри животот во Кина. Програмата за борба против четири вида штетници била една од нив, во рамките на Големиот скок напред меѓу 1958 и 1962 година. Истребувањето на врапчињата било дел од оваа кампања.

Со тапани ги плашеле птиците

За истребување на овие птици бил ангажиран народот. Тие користеле тапани за да ги исплашат птиците и овие да не слетуваат, принудувајќи ги да летаат сè додека не умрат од исцрпеност. Луѓето ги уништувале гнездата на врапците и стрелале врапчиња на небото. Резултатот од сето тоа било што врапчињата во Кина се нашле на работ на истребување.

Нема податоци колкав број врапчиња живееле во Кина во 1958 година, но и да имало по едно врапче на секој човек, ги имало повеќе од 600 милиони врапци. Стотици милиони биле убиени. Ова довело до проблем следната година. Било забележано дека се зголемуваат наездите на инсекти на земјоделските полиња. Врапчиња ги јадат штетниците како што се скакулците, а по завршувањето на кампањата, скакулците го загубиле својот голем предатор.

Скакулците ги уништиле земјоделските полиња

Бројот на скакулците напредувал со брзо темпо и тие јаделе сè што им стоело на пат. Производството на жито во повеќето рурални области опаднало и почнала масовна глад. Официјалниот број на кинеската влада на смртните случаи е 15 милиони. Сепак, се проценува дека реалниот број бил и до 45 или дури и 78 милиони.

Големата глад останува табу тема во Кина повеќе од 50 години, а била ужасна. Луѓето почнале да јадат други луѓе, родителите ги јаделе своите деца. Децата ги јаделе своите родители. Илјадници луѓе се убиени за храна. Во својата книга „Надгробен споменик“ кинескиот новинар Јанг Јишенг проценува дека имало повеќе од 36 милиони жртви. Неговата книга брзо беше забранета во Кина.

Мао тогаш наредил крај на кампањата против врапчињата, заменувајќи ги нив со креветните стеници во тековната кампања против четирите вида штетници. Целта на кампањата била да се зголеми земјоделското производство, но за време на Големиот скок напред, приносите на ориз значително се намалиле. Можеби Мао Цедунг сакал да ја освои природата. Сепак, неговата политика довела до глад во која биле изгубени милиони животи.

Автор:

Слични статии